МНР најостро ја осудува објавата на социјалните мрежи со палење знаме на Бугарија

 Министерството за надворешни работи преку соопштение најостро ја осуди денешната објава на видеото на социјалните мрежи во чија содржина е прикажано како се пали знамето на Република Бугарија.

-По денешната објава на видеото на социјалните мрежи во чија содржина е прикажано како се пали знамето на Република Бугарија, најостро го осудуваме овој чин, како евтин и неуспешен обид да се предизвика омраза меѓу граѓаните во двете држави, како и да се нанесе штета на угледот на Република Северна Македонија, наведуваат од МНР.

Министерството додава и дека на најкатегоричен начин го осудува секој чин на сквернавење на чии било националните симболи, вклучувајќи ги и симболите на соседна Република Бугарија, како и секој друг вид израз на омраза кој не соодветствува со суштинските односи меѓу двете земји.

МНР упатува апел до граѓаните да не потпаѓаат на ваквите провокации, чија намена, како што стои во соопштението, е очигледно нечесна и во спротивност со стратешките интереси на државата да ги негува и развива добрите односи со соседите

Осудата од МНР доаѓа откако денеска на социјалните мрежи беше објавено видео на кое се гледа лица кое го пали бугарското државно знаме, алудирајќи на актуелната состојба во односите.

Некои портали објавија дека видеото е постирано од ОК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ во Гази Баба, што веднаш беше демантирано од опозициската партија.

„Ниту УМС ниту ВМРО-ДПМНЕ стои зад тој ФБ канал, кој патем е формиран пред еден ден и има за намера да го отргне вниманието на јавноста од катастрофата во здравството и политичката криза по добивањето на ветото од источниот сосед“, пишува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ и се обвинува власта за конструкција.

Back to top button
Close