МНР: Нашинците во Израел да останат во заштитен простор, летовите се суспендирани

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до сите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на Израел внимателно да ги следат официјалните национални портали за итни случаи и строго да постапуваат согласно упатствата на надлежните институции. Ресорното министерство објави и СОС-контакти доколку граѓаните имаат потреба од помош, а посочи и дека воздушниот простор над Израел е затворен за цивилни летови.

Предупредувањето доаѓа, откако САД и Израел утринава го нападнаа Иран, по што и израелските одбранбени сили соопштија дека идентификувалe ракети лансирани од Иран кон територијата на Државата Израел.

„ Истовремено, апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Согласно информациите добиени од Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, воздушниот простор над Израел е затворен за цивилни летови до понатамошно известување. Сите комерцијални влезни и излезни летови се суспендирани, без конкретна најава за обновување на редовниот воздушен сообраќај“, соопшти ресорното министерство.

Од министерството велат дека преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следат состојбата и дека навремено ќе ја информираат јавноста за понатамошниот развој на настаните.

И амбасадата на Северна Македонија во Израел, која ги повикува македонските граѓани кои во моментов се во Израел строго да ги следат упатствата издадени од Командата на израелскиот домашен фронт.

„На граѓаните им се препорачува: Да останат во или во близина на заштитен простор (засолниште, безбедна соба или друга одобрена заштитена зона); да се ​​осигураат дека го знаат најблискиот заштитен простор; да ги чуваат основните залихи лесно достапни, вклучувајќи вода, храна, лекови, комплет за прва помош, фенерче, полнети мобилни телефони, да ги следат официјалните ажурирања и известувањата во реално време преку веб-страницата на Командата на домашен фронт (https://www.oref.org.il/eng), мобилната апликација и локалните медиуми. Веднаш да влезат во заштитените простори по добивањето известување и да останат таму додека официјалните упатства не покажат дека е безбедно да се напушти. За граѓаните кои планираат да патуваат до/да го напуштат Израел, летовите моментално се откажани до понатамошно известување. Препорачуваме внимателно да ги следите ажурирањата од авиокомпаниите и надлежните органи, се наведува во апелот од нашата амбасада во Тел Авив“ соопштија оттаму.

Во продолжение, контакт-телефони за помош во Израел.

Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив

Тел: +972 54 500 8566Тел: +972 54 967 0546

Е-пошта: [email protected]

Министерство за надворешни работи и надворешна трговија

Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736

Е-пошта: [email protected]

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close