МНР побарало детални информации за настанот со амбасадорот Ненад Колев во Москва
Министерството за надворешни работи побарало „целосни и детални информации“ во врска со случајот со македонскиот амбасадор во Русија Ненад Колев, по јавните објави дека предизвикал инцидент во Москва во алкохолизирана состојба. По утврдување на „сите релевантни факти“, ќе биде донесена „соодветна одлука“.

„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, согласно наводите објавени во одредени медиуми, побара целосни и детални информации во врска со конкретниот настан. По утврдување на сите релевантни факти, ќе биде донесена соодветна одлука за понатамошно постапување“, гласи официјалниот одговор од МНР.
-Инаку, до Министерството се обративме завчера, во врска со објавата на медиуми во земјава, регионот и Русија, кои, повикувајќи се на српскиот портал „Правда“, објавија дека амбасадорот Колев предизвикал инцидент во Русија со алкохолизирана состојба.
Имено, во овој српски портал, кој е наследник на некогашниот истоимен весник, е објавена колумна на авторот Петар Давидов насловена „Пијана дипломатија“, во која, меѓу другото, се пласира информација, заедно со фотографии од безбедносни камери, дека Колев бил пијан.
Во оваа колумна, каде доминира изразен проруски и антинато тон, Давидов пишува дека амбасадорот Колев конзумирал алкохол во московски бар, по што, при излегување надвор, се удрил во бандера, за на крај да се качи во службениот автомобил со дипломатски таблички, да сврти на 2 полни ленти и да се судри со друго возило.
„Господин Колев морал да излезе од своето возило, а камерите повторно го забележале пијаниот дипломат додека се обидувал да ја одржи рамнотежата потпирајќи се на каросеријата на туѓиот автомобил“, пишува рускиот портал Политнавигатор, повикувајќи се на српска Правда.
Овој инцидент каде инволвиран бил Колев не се случил сега, туку пред 2 години. Како што вели висок функционер во МНР, симптоматично е тоа што информациите за овој случај излегуваат токму во време кога Македонија води стратешки дијалог со САД во Вашингтон.
Според него, лиферувањето на вакви информации и фотографии во овој момент претставува смислена провокација кон земјава, каква што им се случила и на многу други држави, како на пример на Полска во 2023 година, кога полскиот амбасадор во Русија бил инволвиран во сличен инцидент.
-Ова е настан од пред 2 години, по средба на македонскиот амбасадор со други дипломати, но во јавност излегува сега првично преку француски твитер-профил, по што информацијата се презема од српски, руски и проруски медиуми – вели нашиот соговорник, според кого целта е да се дискредитира македонската дипломатија и Македонија како држава.
Што се однесува до Колев, треба да се наведе дека тој е дипломат од кариера, кој во МНР извршувал разни должности од 1997 година. Покрај тоа, тој бил македонски амбасадор во Виена пред да замине на служба во Москва во 2023 година, откако 4 години земјава немаше амбасадор во Русија, туку вршител на должност.
По политичките промени во 2024 година, неколку амбасадори упатени за време на претходната власт беа отповикани, меѓутоа меѓу нив не беше и Колев, кој до ден денес е на должност и покрај инцидентот пред 2 години, кој бездруго се случил независно што многу дилеми отвора фактот што обелоденувањето на овој „скандал“ се случува паралелно со стратешкиот дијалог со САД.
Мицкоски пак, прашан за коментар за написите за Колев, кажа дека информацијата ја добил од медиумите и за повеќе информации и упати кон МНР.






