МНР упати нота до Софија: Владата на Бугарија да се огради од Џамбаски и да го осуди


Соодветно на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, по ова известување, очекуваме државното раководство, Владата и Министерството за надворешни работи на Република Бугарија да го осуди и да се огради од изјавите на Џамбаски, се додава во нотата на МНР упатена до Бугарија
Министерството за надворешни работи преку амбасадата во Софија, упати вербална нота, со која изрази крајно незадоволство од неодамнешните јавни изјави на членот на Европскиот парламент и ко-претседател на политичката партија ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски.

„Џамбаски во повеќе наврати изразува иредентистички и територијални претензии кон Република Северна Македонија и упатува тешки навреди кон угледот на високи државни претставници на Република Северна Македонија. Упатувајќи закани и тешки навреди, повредувајќи го достоинството на Република Северна Македонија и нејзините граѓани, г-нот Џамбаски се однесува спротивно на заложбите и стремежите изразени во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји“, се вели во нотата.
Соодветно на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, по ова известување, очекуваме државното раководство, Владата и Министерството за надворешни работи на Република Бугарија да го осуди и да се огради од изјавите на Џамбаски, се додава во нотата на МНР упатена до Бугарија.

„Истовремено, Министерството за надворешни работи би ги ценела евентуалните активности преземени од надлежните институции на Бугарија за преземање мерки за превенција на вакви и слични однесувања“,

се вели во дипломатската реакција.
Пред неколку дена во видеообраќање, пред карта на голема Бугарија, со делови на Албанија, Србија и цела Македонија во неа, европратеникот Џамбаски изрече куп навреди кон премиерот Димитар Ковачевски, но и кон македонскиот народ и држава. Според него, Ковачевски бил „машка секретарка“ на средбите на бившите премиери Бојко Борисов и Зоран Заев, а „македонизмот е антибугарска, нацистичка, фашистичка и болшевичка идеологија која има задача да ги искорени бугарската традиција, култура и историја во Македонија. Тоа е фалш идентитет кој е антибугарски“.

Back to top button
Close