МНР: Во Украина е сè посложено, но досега ниту еден наш државјанин не е повреден

Од МНР велат дека ги прават сите напори за да ги евакуираат сите наши граѓани од Украина и потсетуваат дека навремено информираа за влошување на тамошната безбедносна состојба и апелираа да се напушти земјата, нешто што досега го искористиле над 20 наши државјани

Во Украина состојбите стануваат сè посложени, но информациите во моментот говорат дека ниту еден наш државјанин не е повреден, ниту се наоѓа под директна закана за својот живот, се огласија денеска од нашето Министерство за надворешни работи (МНР).

„Информациите се менуваат од час во час, и истите во овој момент ниту од безбедносен, ниту од практична причина не можеме да ги споделуваме. Очекуваме поцелосна информација со завршување на денот, и истите потоа ќе бидат објавени“, велат од МНР.

Оттаму посочуваат и дека ги вложува сите напори за да им се излезе во пресрет на нашите државјани кои имаат побарано асистенција за нивна евакуација од Украина.

„Дозволете да информираме дека Министерството за надворешни работи навремено информираше за влошувањето на безбедносната состојба со постојани апели за напуштање на Украина додека тоа беше сè уште изводливо, нешто што над 20 наши државјани го искористија. Воедно, информираме дека во моментот продолжуваат напорите за извлекување на нашите државјани од Украина“, велат од МНР.

Во директен контакт сме, додаваат оттаму, со сите пријателски земји и сојузници, и во моментов тоа е врвен приоритет на Министерството.

 

 

Back to top button
Close