Мојата другарка Гзиме

Почитувани читатели, денес колумната ќе ѝ ја посветам на мојата школска другарка Гзиме, со моминско  презиме Шеху, а во јавноста  позната како Гзиме Старова, сопруга на академикот, писател и амбасадор, господинот Луан Старова, кој за жал не е веќе меѓу нас. Гзиме Старова е истакнат правник кој својот мандат го заврши како судија во Уставниот суд на Република Македонија.
Нашето другарување отпочна уште во школските клупи на Основното училиште „11 Октомври„ . Наша заедничка учителка беше најубавата и најсаканата, учителка Калипса. Уште од најраните детски години Гзиме ја красеа сите атрибути на добро воспитано дете кое потекнува од здраво и почитувано семејство, чии корени се од Дебар. Немав можност да ги запознаам нејзините родители, меѓутоа од начинот на  нејзиното однесување како исполнителен и одговорен ученик во класот, заклучив дека Гзиме е таква затоа што е чувана во едно  стамено семејство со сите карактеристики кои го облагородуваат  нашето живеење.
Беше убедливо најсилната ученичка во класот. Нејзината става, секогаш стокмена со панделка во коса, бела кошула, црвената марама и сино здолниште, до ден  денеска ми се врежани во  меморија. Нејзината кревкост, со бистри очи и лик, оставаа впечаток на другарка која умее да  создавање трајни  пријателства. Гзиме беше најсаканата наша соученичка и сите ние машките од одделението се трудевме да ѝ се доближиме, очекувајќи од нејзе да нѐ поддучи, да ни укаже на некои битни работи во нашите домашни задачи и да нѐ посоветува како треба да го практикуваме нашето школување. Со еден збор, Гзиме не учеше како да учиме. После завршувањето на основното училиште, нашите патишта се разидоа,  но пријателството ни  остана вечно. Со нејзиниот, за жал веќе починат сопруг Луан, изградивме цврсто пријателство кое никогаш не  се базираше на интерес, туку на  желба да си споделуваме сопствени искуства, вредности и размисли како понатаму заеднички  да  ја градиме нашата татковина.
Фамилијарните дружења со семејството Старова стануваа сѐ посилни. Меѓу нас  владееше заемна синергија.
Поводот за денешнава  колумна е неодамнешниот настан на  еминентниот уметник, академик Бајрам Газанфер, кој  ја обзнани својата Монографија чие издание беше поддржано од Фондацијата при МАНУ, која го носи моето име.
Гзиме се појави на тој настан со својата ќерка Дита, гордо  го поддржа академикот Газанфер и  покаже дека нејзиниот сопруг Луан, иако физички не е присутен , сепак со  својот  дух е меѓу нас.
Средбата меѓу нас беше искрена и љубезна, со многу емоции кои нѐ потсетуваа на нашето веќе седум децениско пријателство.
Јавноста треба  да знае дека  сум горд на долгогодишното пријателство со моја Гзиме, бидејќи нејзиниот животен пат го красат прекрасни дела.
Гзиме заврши Правен факултет при Универзитетот „Јустинијан Први” во Скопје. Магистрираше на истиот факултет, а титулата Доктор на правните науки ја стекна во Љубљана. Заврши како професор на Правниот факултет „Јустинијан Први„ во Скопје. Истовремено Гзиме е визитинг професор на факултетот „Рене Декарт”  во Париз. Со својата стручност  ангажирана е и од Правниот факултет во Каљари, Италија.
Нема зборови со кои можам да ја опишам гордоста  во мене што Гзиме ја имам како другарка од детство и пријателка за навек.
Гзиме и Луан се родители на три прекрасни ќерки, нивното најголемо богатство кое им го краси  семејството.
Гзиме, да си ми жива и здрава уште многу години, си била и остана човек со сите вистински вредности!

Back to top button
Close