Мојата другарка Лиле

Почитувани пријатели, во серијата емотивни приказни за моите пријатели овој пат на автентичен начин ќе ја опишам Лиле, мојата другарка од гимназија, девојачко Ангелова, а мажена Цветановска. Кога е во прашање Лиле , честопати ми се мешаат нејзините прекари Маца или Хелга. Називот Маца асоцираше на милозливоста на  мачките,  симбол на убава,  нежна и мила жена. Прекарот Хелга ѝ остана од нејзиниот покоен маж Миле, кој честопати за неа умееше да каже дека  оженет со Германка и со најавтентично германско име ја нарекуваше Хелга.
Од прекарот Хелга убеден сум дека може да заклучите дека се работи за личност која прецизно  умее сѐ да организира под конец, сите работи како во домаќинството, така и во севкупниот живот.  Лиле во Гимназијата ,,Јосип Броз Тито”, важеше за најубава девојка во класот, па дури и во целата гимназија. Не само што беше убава, туку веќе кон крајот на гимназиското школување прерасна во многу убава жена, која секако ги мамеше и нашите погледи , нејзините другари од класот и од останатите паралелки. Највешт во освојувањето на Лиле  беше токму нејзиниот сопруг Миле, неколку години постар од нас. Немаше соученик од класот кој кон  Лиле не негуваше симпатии. Но нејзиниот другарски однос кон нас и разбирањето за машата наклонетост кон неа некако нѐ дистанцираше сите и сите ние, нејзините другари од класот сфативме дека во нејзините очи бевме детишта, не само со својот физички изглед и емотивна незрелост, туку и  по начинот како  го консумиравме животот. Ова е само мал сегмент од сеќавањата за нашето другарување со  Лиле.
Лиле низ сиот нејзин гимназиски живот не беше другар туку ,,другарчина”. Имаше трпение да нѐ сослуша, нас, другарите од класот за тоа какви љубовни маки нѐ мачат и секако да ни даде совет. Беше вистински суфлер, умееше вешто да шепоти без да биде забележана од професорите, кога некој од нас ќе запнеше на некое прашање.
Ги споделуваше со нас другарите сите радости и таги. Најмаркантна беше нејзината смиреност со која, на еден специфичен начин владееше во просторот.
Дружењето со Лиле и нејзиниот сопруг Миле продолжи после 80-те години од минатиот век. Заедничките летувања, дочеци на нови години, имендени, слави, свадби и крштевки беа дел од нашето другарување.
Лиле голем дел од својот работен стаж го помина во Македонската Радио Телевизија, каде уредуваше емисии во образовниот сектор.
Во почетокот на овој милениум на Миле и Лиле им се  врати дел од култната скопска кафеана Идадија, така што другарувањето продолжи со скара, мезе, алкохолни и безалкохолни пијалаци, зачинети со добра музика.
Кафеаната Идадија се подели на два дела и јас ќе говорам за Идадија-II. Оваа  култна кафеана го празнуваше секој 1 јануар со жива музика, зурли и тапани и со огромно оро кое се виореше токму пред нивната кафеана. Лиле беше организаторот на овој настан со нејзините две ќерки Олга и Сара, а Миле беше човекот кој го правеше сиот тој  спектакуларен  амбиент.  Не штедеа пари кога требаше да се ,,подмачкаат” музикантите, Миле ги лепеше, а Лиле  му ги додаваше.
Лиле денес е пензионер. Честопати патува на релација Германија-Македонија од причина што двете ќерки таму ѝ се омажија. Лиле е баба на убави внуци и внуки и  неодамна  заеднички се радувавме на свадбата на нејзината внука Јана , со желба час поскоро нашата убава Лиле да стане и прабаба.
Лиле и Миле беа совршен брачен пар кој умее да ги надмине слабостите и недоразбирањата. Меѓусебната почит импресионираше.
И денес ја чувствувам љубовта на Лиле кон Миле, иако тој повеќе не е меѓу нас, кога често ги  цитира  неговите мудри мисли и искуства.
Лиле биди ни жива и здрава уште многу, многу години. Ти посакувам да станеш и пра-прабаба, бидејќи за тебе семејството е светост, а генерациите кои ти и Миле ги создадовте, се вашето вистинско богатство.
Трифун Костовски

Back to top button
Close