Мојата мајка Олга

Почитувани читатели и мои пријатели, ви благодарам за поддршката и разбирањето, кои што секојдневно ги добивам од вас со читањето на колумните поврзани со мојот бурен живот, полн со успеси и падови. Најраното животно искуство и воспитување почнуваат од моето рано детство, преку љубовта и грижата на моите родители, кои што умее да ми всадат љубов кон човештвото.

Моите родители, Тодор и Олга, беа пример за семејство каде што децата од најрана возраст беа воспитувани во алтруистички дух. Вложуваа во нас за да изградат вистински луѓе. Нивната посветеноста во градењето карактерни личности, бараше многу време, внимание и трпение, а не ретко и строгост, за да пораснеме во праведни луѓе и јас и брат ми.

 

Мојата мајка Олга е родена во многудетно семејство. Баба ми Ефка со мојот дедо Димитар, родила 11 деца, од кои само пет деца останале живи. Бурните времиња во почетокот на 20 век ги натерале да живеат во Гевгелија и Ениџе Вардар, денешна Гјаница, град во Грција. Поради фактот што цело време живееле на две места, мојата покојна мајка не знаеше точно ни каде е родена, дали во Гевгелија или во Ениџе Вардар. Во документацијата е запишано дека е родена во Гевгелија, од причина што во бившата ФНРЈ, СФРЈ, за родените Македонци на просторите од денешна Грција им бил забранет влез. И денес, дел од семејството на мојата покојна мајка живеат во Гјаница, Грција, а нашите семејни врски и понатаму ги негуваме.

 

Од нејзиното семејство израснаа видни луѓе, од кои што ќе го споменам мојот трет братучед. Во времето на градоначалникот Бутарис од Солун, тој беше негов главен советник и го убеди, сега веќе починатиот Градоначалник на Солун, дека ние Македонците во Солун може да отвориме наш клуб. За жал клубот никогаш не се отвори, поради група милитантни Грци. Сѐ уште паметиме кога градоначалникот Бутарис беше физички нападнат од екстремните националисти во Грција.

 

Раното детство мојата мајка го поминала во Ениџе Вардар. Умееше да каже дека нејзините родители често ја носеле до бањата во Пела, антички град, престолнина на Античка Македонија во Грција, на само 4 километри од Ениџе Вардар. Нејзиниот вујко, кого имавме можност да го сретнеме во раните 70-ти години, при една посета со мојата мајка на Ениџе Вардар ни ја раскажа голготата која што ја доживеал во тие бурни времиња кога било многу тешко да се каже дека не си Грк туку Македонец, со сопствен јазик и култура. Цели 25 години е иселен од Ениџе Вардар и разнесуван по грчките острови со указ на државата, при што бил третиран како дивјак. Помилуван од тогашниот крал, му било дозволено да се врати на дел од неговиот сопствен имот, бидејќи имотот му бил конфискуван и поделен на новите доселеници, Грци од Мала Азија.

 

Тинејџерските години мајка ми ги минала во Гевгелија. Во ова мало гратче таа се оформува како личност која пленела не само со надворешна убавина, туку и со карактер и воспитување.

 

На првата средба со мојот татко се раѓа силна заемна љубов која опстојува до крајот на нивните животи. Мајка ми се мажи на нејзина 19 годишна возраст и доаѓа да живее во Скопје. Животот во тие времиња, пред почетокот, за време и после Втората светска војна, бил многу тежок.

Единствен приоритет на моите родители бил да преживееме.

Како семејство живеевме со една плата. Мојот татко не сакаше мајка ми да работи, поучен од искуството на неговата мајка која што цел живот работела тешки физички работи, народски кажано за едно парче леб.

Татко ми го разви и ни го пренесе истиот принцип и на нас синовите, дека мажот е тој што треба да го обезбеди материјалниот живот на семејството.

Денес тоа се застарени методи на размислувања, меѓутоа условите во кои што тогаш се живеело, неминовно ги наметнувале ваквите принципи.

Мајка ми беше посветена домаќинка со многу силна љубов кон мене и мојот брат. Тежнееше да ни обезбеди пристојно детство. Се трудеше да не ни недостасува ништо. Сите домашни работи во семејството ги завршуваше сама и со ред: Переше, пеглаше и готвеше, но секогаш наоѓаше време кое што ни го посветуваше на нас, нејзините чеда.

Мама Олга умееше прекрасно да пее и ни ја разви љубовта кон музиката и пеењето. Беше силна жена кога мојот татко се соочи со смртоносна болест, туберкулоза. Инсистираше да продадеме сѐ што имаме од имот, за да купиме само 3 инјекции пеницилин, кои тогаш се купуваа на црно.

Можеби е така, а можеби и не, но јас мислам дека енергијата која му ја даваше на татко ми и преголемата грижа ѝ ја одзедоа силата. Нејзиното здравје почна да пропаѓа и на нејзина возраст од само 30 години едниот бубрег веќе беше во фаза на откажување. На 34 години беше оперирана и остана со еден бубрег. Остатокот од животот, до нејзините 69 години, живееше со еден бубрег, не престанувајќи да ги обавува своите обврски, како во домаќинството, така и кон нас и целото семејство.

Како деца најмногу ги сакавме нејзините јадења, особено слатките нешта кои во тие моменти значеа живот. Им се радувавме на сутлијаш и алва од гриз како на торта, а слатката кои се правеа во големи количини од сите видови на смокви, ни беа замена за чоколадо.

Функционалноста во семејството беше извонредна. Татко ми беше строгиот кој ги поставуваше правилата во семејството, а мајка ми умееше да го воздигне неговиот авторитет во нашите очи. Поради скромните финансиски средства, кога не можеше да ни овозможи да купиме некоја играчка или некои спортски патики, умееше да се пошегува и каже: „ќе дојде свети Илија и ќе го прашаме”.

Мајка ми замина од овој свет на нејзина 69 годишна возраст. Не сакаше да замина сѐ додека не се вратив од службено патување од тогашна Чехословачка, за да се простам од неа. Лежеше на болничкиот кревет во Државна болница, веќе во коматозна состојба.

Кога влегов во собата и го слушна мојот збор ,,мамо”, затрепери со затворените очи и го изговори моето име Пуни. Со тој збор замина.

Мама Олга а никогаш ме немаше именувано со името Трифун. Цел живот ме викаше Пуни, бидејќи во нејзиното детство во соседството живеел сосед по има Трифун кој бил пијаница и многу лош човек.

Кога слушнав како ме вика Пуни, веднаш отидов до нејзините студени нозе и почнав да ги тријам. Знаев во моменти на бавна смрт истата почнува од нозете. Направив узбуна во болницата. Очајно не сакав да дозволам мојата мајка да замине.

Со денови не можев да се смирам и да го обвинувам тогашниот медицински персонал зошто не се бореле за животот на мојата покојна мајка. И денес не можам да го разберам тој однос иако ме убедуваа дека тој е најспокојниот начин на заминување од овој свет на луѓе на кои што им нема спас.

Сѐ уште не сум убеден дека овој факт е вистина. Љубовта кон мојата мајка е вечна. Мојата ќерка го носи нејзиното име, што значи дека споменот на Олга живее преку нејзиното име.

Трифун Костовски

 

Back to top button
Close