Мојот другар Буцо
Почитувани читатели, денеска ќе пишувам за мојот, за жал, починат другар Благоја-Буцо Цветков, кој го носеше прекарот ,,доктор Килдер” по серијалот кој се емитуваше во бившата СФРЈ, каде главната улога ја играше Ричард Чембрлен.
Скопјанец, со длабоки скопски корени по мајка и татко, израснат на улиците низ скопските маала, единственото машко дете кое растеше меѓу три повозрасни сестри, што би кажале ние скопјани сугаре, бидејќи беше долго очекуваниот син и најмлад член во семејството. Бевме многу слични по игрите кои нѐ обединуваа како џамлии, фанта, фудбал, а и бевме многу слични во нашата подготвеност да бидеме спремни на часовите согласно неделниот распоред.
Домашните задачи ги препишувавме на големите и мали одмори од нашите соученички, а кога ќе нѐ прозваа да одговараме бевме спремни така-така. Со еден збор, во тие тинејџерски години повеќе практикувавме да се дружиме по улиците отколку со учебниците. Дали е грев? Не знам, ама убеден сум дека на некој начин си го продолживме детството и игрите кои се типични за младите генерации. Низ целото гимназиско школување Буцо седеше во клупа со мојот другар Таки Бојаџиоски, за кого во предходните колумни веќе пишував.
Мојот Буцо имаше привилегија да седи со најспремниот ученик во класот, очекувајќи дека Таки ќе му поткажува. Поткажувањето беше главната атракција при испитувањето на мојот другар Буцо. Таки не умееше да поткажува и како што споменав порано неговото поткажување беше толку гласно што сите во класот, вклучително и професорката, знаевме за тоа. Буцо беше прекрасен и интелигентен фудбалер. Неговата љубов беше Вардар и сѐ што е македонско. Патриот по сваќање и силен македонист. Неговиот покоен татко Ангеле имаше своевидна и многу специфична улога во развојот на Буцо, свесен дека син му повеќе го привлекува улицата отколку книгата.
Буцо, како долго очекуван син во семејството на Ангеле, беше третиран како галениче. Таткото на Буцо, Ангеле работеше како финансов директор во Алкалоид со завршено средно училиште. По завршување на гимназијата со Буцо се запишавме на економскиот факултет при УКИМ. Замислете, заедно со нас се запиша на економскиот факултет при УКИМ и неговиот татко Ангеле. Туку што заминат во пензија таткото Ангеле си даде задача пред себе да заврши економски факултет како своја лична надоградба, а истовремено да биде колега со својот син. Од денешен аспект чувствувам потреба да го споделам со вас поривот на Ангеле за запишување на економскиот факултет. Буцо беше дете кое улицата и фудбалот го мамеа надвор од домот, а неговиот татко Ангеле сакаше да го стави во ред за сериозна посветеност на студиите.
Студирањето во тие времиња, во средината на 60-ти години, беше како Ресавска школа. Немаше печатени учебници и честопати моравме да фаќаме белешки од предавањата на професорите и од истите да се подготвуваме за сесиите во јуни и септември. Ние другарите по иницијатива на Буцо бевме чести гости во киното Карпош на утринските прикажувања на филмскиот репертоар, додека нашите колешки заедно со таткото Ангеле ги фаќаа белешките. Испитите во повеќе случаи ги дававме преку писмени задачи, а хронологијата на списоците за усно и писмено испитување секојпат беше следна: 1. Цветков Ангеле 2. Цветков Благоја-Буцо.
На писмената задача по стопанска математика кај професорот Давидовиќ, Ангеле и Буцо седеа во иста клупа, Ангеле спремен како од пушка, а Буцо така-така. Асистентите на професорот Давидовиќ мораа многу често да го опоменуваат мојот другар Буцо, бидејќи често се обраќаше кон неговиот татко со зборовите: „тато, кажи бе што да напишам, дај да видам што си напишал”, а Ангеле како од пушка спремен му вели „научи , па напиши”. Како куриозитет, таткото и синот дипломираа во иста година на економскиот факултет. Ангеле, вработен и почитуван во Алкалоид, овозможи и синот да се вработи во Алкалоид и целиот свој живот го поминаа во оваа фирма. Досетливоста и шеговитоста кои ги имаше Буцо беа уникатни. Посветен на семејството и семејните традиции остави пример за себе како се почитува сопствениот родител. Ангеле почина на 96 години. Буцо му беше сѐ, готвач, перач, негувател и другар. Ангеле не сакаше староста да ја помине во старечки дом, а Буцо ја почитуваше неговата одлука. Во последните години нивната комуникација беше другарска. Ангеле здравјето и умот го држеа до последниот миг. Никојпат не можам да ги заборавам зборовите на Ангеле кои денеска ми ододsвонуваат, кога ние другарите на Буцо ќе покажевме восхит за долговечноста, виталноста и остриот ум на татко му тој велеше: „џабе ми е се, Буцо мојот син денеска ми е мојот единствен другар, сите мои другари починаа, немам со кого муабет да си направам„.
Буцо ќе останеш запаметен во мојата меморија и меморијата на нашите другари како човек со вистински морални вредности кои го обликуваат човековото живеење. Имаше привилегија да растеш меѓу три убави сестри и меѓу прекрасни родители. Знам дека и твојот син Ангел и ќерката Елена се прекрасно воспитани деца. Твојот пример е пример за идните генерации во твоето семејство како треба да се негуваат семејните вредности. Твојата сопруга Ники имаше привилегија да те има токму тебе за сопруг. Во себе ја наследи благоста на твојата покојна мајка Нада.
Вечна ти памјат другар.
Tрифун Костовски