Мојот другар Цане

Почитувани читатели, денеска ќе пишувам за мојот другар Цане Соколовски со кого другаруваме повеќе од 6 децении. Другарувањето во последните 3 децении не е интензивно поради отселувањето на Цане во Канада. Но Цане е само физички отсутен,  духовно е тука меѓу нас. Особено е присутен и  познат меѓу македонските фејсбукчии со своите коментари за секојдневието во Република Македонија. Честопати несакајќи создава непријатели поради неговата доследност во прецизноста или неприфаќањето неаргументирани ставови.

Признавам, во последните две децении и јас имав со него несогласувања, во поглед на политичките ставови за Република Макдонија и светот, меѓутоа ни од далеку немам намера да го прекинам другарувањето со мојот Цане.

Цане во класот беше еден од најфлегматичните другари во поглед на  облекување, комуницирање и животниот стил, но активно ги користеше неговите вистински човечки атрибути како чесност, интелигенција и образование.

Син на Методија-Мече и Тала Соколовски, растеше со својот брат Миле во прекрасна семејна хармонија. Татко му Методија-Мече беше првиот и најпознат професор на катедрата по старо-турски и современ турски јазик, при Филозофскиот факултет на УКИМ. Беше неприкосновен авторитет не само во неговото семејство, туку и меѓу нас, другарите на Цане. Убеден сум дека местото на таткото Мече во потсвеста на мојот другар Цане е на пиедестал со највисок респект. Во училиште Цане имаше прекар Хегел или Наполеон. Хегеловски размислуваше, а Наполеонски одговараше. Беше мирен на часовите и професорите никогаш немаа забелешки за неговото однесување. За нас другарите од неговиот клас беше привилегија, на писмените по француски, македонски и математика, да седиме до него за да  препишеме по нешто. За разлика од мојот другар Таки, Цане умееше мошне суптилно да ни поткажува или пак да ни сугерира како да ги напишеме писмените задачи. Сеќавањата кои навираат за Цане повеќе  се врзани за неговиот топол дом во нашите тинејџерски години. По катастрофалниот земјотрес во Скопје, семејството на Цане доби привилегија да се всели во една од финските бараки во подножјето на Водно. Единствено Цане имаше централно греење, додека сите ние останатите, за  време на зимскиот период се греевме на кујнски печки на дрва и ќумур и често пати бевме смрзнати. Во тие времиња чевлите се правеа со ѓон и кожа кои многу бргу накиснуваа и имавме чувство дека нозете ни се цело време студени и мокри. Можете да замислете какво задоволство ни беше на нас другарите кога со студени нозе  одевме кај Цане дома за да  се раскомотиме во топлите одаи. Неговата прекрасна мајка Тала домаќински нѐ пречекуваше нудејќи ни да си каснеме или напиеме од тоа што го имаше дома. Единствено предупредување од  Цане беше да  бидеме потивки бидејќи татко му Мече рабоеше во неговиот работен кабинет. Мече нѐ сакаше сите нас другарите на Цане. Љубовта ја покажуваше само со една насмевка која за миг  ни ја испраќаше додека влегувавме во нивниот дом, а потоа повторно се враќаше во својот кабинет копајќи  низ документи и книги по предметот по кој беше неприкосновен најдобар познавач не само во Македонија, туку и во цела Југославија.

Заминувањето на Цане со целото семејство во Канада за нас другарите несомнено беше чин кој никој не го одобруваше, бидејќи сметавме дека сме во години во кои што можеме сами да си ја градиме нашата иднина во нашата татковина, заедно со нашите семејства. Мојот другар Цане со неговото заминување нешто доби, но убеден сум дека нешто повеќе изгуби. Тоа што го доби е евидентно, подобар живот , животен стандард, сигурна иднина и држава во која неговите деца, ќерката Наталија и синот Мартин, успеаја да се инкорпорираат во системот, да достигнат успех во нивните животни кариери и безбеден богат животен комфор.

Но што изгуби Цане? Ја изгуби можноста одблиску да ја  љуби својата сакана Македонија, го изгуби секојдневието што го минувавме заедно по нашите домови, улици, кафетерии, ресторани. Ја изгуби социјалната димензија која што ние другарите ја создадовме меѓу себе, бидејќи во Канада Цане ниту од далеку нема близок пријател како што имаше тука во Скопје.

Чувствувам потреба,  драги читатели, да ви укажам  дека Цане на социјалните мрежи е присутен со свои лични ставови кои не баш секогаш се допадливи на поединци. Умее да биде безобразен, арогантен и што би рекле ние скопјани, незгоден. Затоа сакам да испратам апел до луѓето со кои комуницира на социјалните мрежи, дека љубовта на Цане кон Македонија е непресушна и дека честопати својот гнев го искажува на негов својствен, не баш пријатен начин. Сакам да го доживеете Цане, да го видите она што го гледам јас, а тоа е човек полн доблести.

Народната песна „Туѓината пуста да остане„ го  отсликува карактерот на мојот другар Цане.

Замислете низ целиот негов век поминат во Канада, повеќе од 30 години, тој не дозволи да биде прекрстен во Кејн, бидејќи читањето на неговото име на Англиски е Кејн. Се караше и често пати ги напушташе работните места, како врвен технолог за обоени метали, токму заради зачувување на своето автентично име, длабоко поврзано со неговата и  наша Македонија. Цане,  другар наш кај и да си биди ни жив и здрав. Ние, твоите другарите од Македонија те сакаме токму таков!

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close