Мојот другар Цили    

Почитувани пријатели, не престанувам да пишувам лични видувања полни емоции и носталгија за моите другари , гимназијалци на Гимназијата ,,Јосип Броз- Тито”, па еве и денес ќе пишувам за мојот другар Цили, поточно Љубиша Георгиевски. Системот на школување во тие времиња во гимназии беше поделено на математичка и општествена насока.

Јас и моите другари, за кои претходно пишував, бевме во паралелка од општествена насока. Цили беше во математичките паралелки. Нашето другарување отпочна на бетонското фудбалско игралиште, во тие времиња користено за часови по фискултура. Да споменам дека по земјотресот Гимназијата ,,Јосип Броз- Тито” беше сместена во објектот на денешниот Центар за странски јазици, во Општина Карпош, каде бетонското игралиште за ракомет и фудбал ни служеше како место за нашите меѓу класни натпревари по тие спортови. Вообичаени беа меѓукласните натпреварувања во фудбал, меѓутоа од класот на мојот другар Цили секојпат губевме, бидејќи тие во своите редови имаа навистина многу добри фудбалери, кои во тие времиња се натпреваруваа во Скопските клубови од понизок ранг како Југококта, Алумина, односно клубови кои гравитираа во околината каде живееја моите другари. Ги издвојувам Цили и Баке кои несомнено беа најдобрите фудбалери во целата наша генерација од вкупно осум класа. Другарувањето од бетонското игралиште се пренесуваше и низ училишните ходници, низ кои оставивме траен белег за нашето блиско другарување за паметење, дури во период кога сите завршивме на Универзитетот на УКИМ и отпочнавме сопствени животни кариери, паралелно со формирање свои семејства. Од сите класови во гимназијата, единствено класот на Цили и нашиот клас продолжија да го практикуваат играњето на фудбал целиот наш животен век. После фудбалските натпревари секојпат следуваше кафеана со ќебапи и пиво, или што би се рекло нашето ,,трето полувреме”. Сакам да споменам дека другарите од мојот клас беа поистрајни во желбата за играње фудбал минимум еднаш неделно, кое траеше сѐ до појавувањето на пандемијата Ковид-19. Тогаш мораше одеднаш да се прекина таа прекрасна традиција. Денеска неколкумина од нас продолживме да играме фудбал, со генерации многу помлади од нас и пркосејќи ѝ на гравитацијата покажуваме дека и во зрелото доба детето во нас живее. Цили со неговиот клас го прекинаа играњето фудбал, така што беа добредојдени во нашата група за фудбал која ја крстивме Диносауруси – име кое асоцира на нашата возраст. Заедничките летувања, дочеци на Нови години, прослави на семејни настани беа поводи нашето дружење да биде бесконечно. Цили е градежен инжинер, во својата струка неприкосновен професионалец со големо искуство, кое мене многу ми помогна за време на мојот мандат како Градоначалник на Град Скопје. Цили го поставив за генерален секретар на администрацијата на Град Скопје и беше исклучиво задолжен за градежните проекти и зафати кои беа реализирани во периодот од 2005 до 2009 година. Цили беше човек со исклучителен инстинкт за препознавање компетентност кај луѓето, нивната стручност и нестручност во професијата. Проектите кои беа реализирани во Градот Скопје за време на мојот мандат, беа исклучиво дело на другар ми Цили. Не се случи ниту еднаш во неговите проценки да направи пропуст, било во квалитетот на изведбата на градежните зафати, било во точната калкулација колку тој градежен зафат треба да го чини градот. Домаќин од глава до петици.

 

Гледано од денешен агол, капиталните проекти кои ние ги изведовме во Град Скопје како Бул. Словенија, Клучката кај Континентал, Градското осветлување, Детелинката кај Битпазар до пластичарска, 35 км поставени жардињери на булеварите и собирните улици кои беа под ингеренции на Град Скопје со засадено зеленило на систем капка по капка, завршениот транспортен центар до денешна железничка станица и отварањето на улицата Гологанов Циборовски , беа врв на еден домаќински приод како треба да се употребат средствата собрани од граѓаните на Град Скопје.

 

Во проекциите кои беа контролирани од страна на мојот другар Цили, за цената на чинење на овие капитални инвестиции, немаше грешка во проценките и скоро сите проекти беа завршени токму по предвидената финансиска конструкција и пред утврдениот рок. Во своите проекти , посебно кога се работи за нивната цена, секогаш додаваше резерва од 20.000 евра поради можноста да налетаме на подземен електричен чвор, бидејќи градот во тоа време немаше подземен катастар за инсталираните електрични мрежи. Тоа беше обврска на Градот да го премести или дислоцира таквиот електричен чвор.

 

Замислете Бул. Словенија од 1900 метри автопат со експропирани и платени имоти на 97 сопственици, го чинеше градот 2,2 милиони евра. За денешното поимање на вредноста на овој капитален проект не сакам да говорам.

 

Цили не само што ја пратеше реализацијата на проектите кои се изведуваа туку беше иницијатор на многу проекти кои ги оставивме во наследство на Коце Трајановски, како проширувањето на Булеварите Св.Климент Охридски и Илинденска и најкапиталниот проект кој што и денеска му недостасува на Град Скопје, проектот трамвај. За ваша информација, финалниот проектот за првата делница од проектот трамвај на линија Лисиче-Центар и назад, е уништен и денес во градската архива не постои никаква документација. А за него беа потрошени 1,5 милиони евра средства на граѓаните.

 

Јас сум и денеска гневен, бидејќи едниот од трите проекти кој е реализиран од мојот наследник е повеќекратно поскап отколку предвидената вредност. И денеска Цили се буни и протестира зошто тој проект чини толку скапо и кој ја плаќа таа цена? Да нема недоразбирање, пишувам за Бул. Св. Климент Охридски.

 

Денеска со Цили одиме на заеднички летувања, играме фудбал, тенис и во сето ова наше дружење несомнено го покажува својот специфичен начин на хумор, давајќи позитивна енергија на сѐ она што се случува меѓу нас.

 

Цили е човек кој за убави нешта не умее да каже НЕ.

 

Цили е татко на Горан и Јасна и дедо на три внучиња. Неговата сопруга Горица е вистински столб на нивното семејство. Галичанка по род, која со себе ги носи сите позитивни одлики на Македонките од тој регион. Биди ми жив и здрав Цили, уште многу години да другаруваме на фудбалските и тениски терени и да го продолжиме нашето „трето полувреме” во друштво на ќебапи и пиво, во прекрасна атмосфера на разбирање и почит.

Трифун Костовски

 

 

 

 

Back to top button
Close