Мојот другар Даре

Почитувани пријатели, денес ќе пишувам за мојот другар Даре Митревски. Со него другаруваме веќе 65 години и тој е единствениот со кој не сум поминал ниту еден ден во училишна клупа. Да појаснам, основно училиште завршив во училиштето „11 Октомври„, а сите другари ми се од основното училиште ,,Коле Неделковски” каде учеше и мојот Даре.

Даре средното образование не го продолжи во Гимназијата Јосип Броз Тито, меѓутоа другарувањето ни продолжи во  вечноста.

Даре, син на Стојан, занаетчија –сандалџија кој со децении стопанисуваше со еден од најубавите дуќани во чаршијата,  со неговите браќа секојдневно му помагаа на таткото Стојан, најпрво во набавка на репроматеријалите како кожа, ѓон, дрво, а уште повеќе во пласманот на сандалите низ Република Македонија. Даре беше единствениот, меѓу нас другарите, кој ги познаваше сите пазарни денови во најголемите градови низ Македонија. Тој со неговите браќа, Благоја, Коле и Цветко беа неуморни да стасаат на секое место низ Македонија кога имаше пазарни денови. Бевме сведоци кога во нивниот дом сите работеа на изработка на сандалите, секако со комплетна контрола од нивниот татко Стојан кој беше неприкосновен познавач на овој производ. На овој начин Даре и неговото семејство го заработуваа својот леб, егзистенција и ја градеа својата иднина. Даре го красат особини кои се ретко видливи кај многумина од моите другари. Израснат во чаршија, а ние скопјаните знаеме што е човек кој има чаршиски менталитет,  знаеше сѐ  што се случува во чаршијата и од каде се набавуваат одредени репроматеријали и како се изработуваат. Ги препознаваше чурук работите доколку не се работеше педантно. Со еден збор Даре е човек кој тешко може да биде прелажан. Во својата рана младост беше познат низ скопските кругови за одгледување  егзотични риби кои ги красеа  аквариумите по домовите на луѓето. Толку педантно ја водеше оваа работа,  што за три години спечали пари за да  купи два стана во тогаш ново-формираната населба Аеродром. Даре меѓу другарите важеше за најдобар познавач на севкупните прилики, посебно кога е во прашање пазарот. Ја продолжи традицијата на татко си да го држи дуќанот во чаршијата.  Дуќанот на Дареј беше еден од најубавите и најбогати со понуда на стоки во чаршијата,  скопски кажано стокмен дуќан. Ќе споменам само еден пример колку беше несекојдневен во чаршијата.

Како градоначалник на Град Скопје имав можност во 2007 година да бидам домаќин на премиерот на Турција, во тоа време Ердоган,  и секако прва дестинација за прошетка низ градот беше чаршијата. Господинот Ердоган беше придружуван од  неговата малолетна ќерка. Кога зборуваме за овој голем човек во длабоко сеќавање ми се два моменти. До некогашното кино Напредок во чаршијата имаше бурекџилница и господинот Ердоган изрази желба да проба симит погача. Неговата љубопитност и љубов кон ќерка си ја покажа така, што  првин тој ја вкуси симит-погачата и кога виде дека е вкусна ја подаде на неговата малолетна ќеркичка. Чин за грижлив татко. Втората секвенца од посетата на Ердоган беше токму дуќанот на Даре. Јас лично немав намера  господинот Ердоган да  го носам во дуќанот на Даре, меѓутоа дуќанот беше толку убаво стокмен што немаше шанса да биде одминат. Господинот Ердоган застана , влезе во дуќанот, купи 10 пара опинци и му се заблагодари на мојот другар Даре, бидејќи е вистински еснаф.

Даре е човек кој што за другар, ама вистински другар,  е спремен  да даде сѐ. Животното искуство го научило да ги вреднува луѓе. Не се плашеше да влезе во било каков конфликт ако е во прашање интересот или честа на неговиот другар. Честопати имаше да каже дека во чаршијата се карал за мене, бидејќи целата чаршија знаеше дека јас сум му кум на Даре. Убеден сум дека ова се чаршиски шеги, бидејќи денеска го чувствувам пиететот кој го негува чаршијата кон мене како личност. Денес Даре е прекрасен татко на два сина и дедо на внучиња. Последните десетина години честопати одиме на летување каде вообичаено Даре доаѓа со неговите внуци. Неговата грижа за внуците е безвременска. Ако внуците посакаат Даре ќе им донесе и од ,,пиле млеко”.  Внуците и грижата кон нив се негов приоритет. Беше прогласен од нас другарите како најдобар дедо на столетието, бидејќи не само што се грижи за исхраната на внуците туку  неуморно се вклопува во нивните детските игри. Биди ми жив и здрав Даре! Твоето семејство е гордо што те има тебе, а ти нѐ одбра нас за доживотни другари. Такви се вистинските капитални вредности.

Трифун Костовски

Back to top button
Close