Мојот другар и кум Ице

Почитувани читатели,

Следните неколку колумни ќе ги посветам на  моите другари од Гевгелија.

Со Гевгелија ме врзуваат длабоки емоции од најраното детство, спомени со моите роднини, пријатели и другари. Од кога паметам, гевгелиските лета ги поминувавме заедно со мојот постар брат, на предучилишна возраст, кај нашите баба и дедо, вујковци и тетки. Тоа беше Детство исполнето со радост, игри и топлина, вистинска човечка топлина, каква што е и Гевгелија.

Моето четиригодишно гимназиско учење беше поделено на  2,5 години  поминати во Гимназијата ,,Јосип Броз – Тито” во Скопје, а 1,5 година во Гимназијата ,, Јосиф  Јосифовски – Свештарот” во Гевгелија.

Ќе ги спомнам  по име оние кои во најраното детство ми беа најблиски другари, како Дине Малев, Анго Делев, Трајче- Бани Николов, Васе Чопчето и секако,  мојот другар и кум Ристо –Ице Динов-Фнди.

Денешнава колумна му ја посветувам токму на мојот другар и кум Ице-Фнди, со кој нѐ врзува другарување од шестгодишна возраст.

Прв пат со Ице се сретнавме кога требаше со мојата, за жал веќе почината тетка,  да одиме од Гевгелија до Богданци со коњска запрежна кола. Со тетка ми Тинка  бев многу поврзан, буквално како привезок и нашата обострана  љубов  беше невообичаено силна. Таа и нејзиниот сопруг Кочо беа моите втори родители. Запрежната кола со која дојдоа да ме земат од дворот на тетка ми во раните утрински часови,  беше управувана токму од мојот другар Ице,   само неколку месеци повозрасен од мене. Неговата вештина да ја управува товарната кола со коњ,  оставаше впечаток  како Ице да растел заедно со коњот. Имаше моќ со збор или со допир на детска рака да го скроти коњот, едноставно животното ја чувствуваше неговата енергија полна љубов и го слушаше. Кога стасавме  во Богданци Ице веднаш го ослободи коњот од стегите, го напои, го истимари и му даде да јаде ѓонџе- детелина. Прв пат почувствував толку силна симбиоза меѓу човек и коњ. Ице растеше во многудетно семејство,  покрај неговиот татко Петре и мајка му Стела имаше уште 4 браќа, а по старосни години  Ице беше трет по ред.

Бидејќи работите на поле беа секојдневие во Гевгелија, Ице беше врзан за татко му и немаше нешто да не знае кога му помагаше. Школото и школската клупа не беа местата кои го привлекуваа Ице, повеќе го интересираше технологија и механика. Не заврши средно училиште и замина  во Инџија каде  научи многу занаети, да работи со дребон, автомеханика и сите дејности кои во тие времиња беа полезни,  имаа големо значење и интерес меѓу граѓаните.

Откако го научи занаетот, живеејќи во Инџија 7 години, се врати во Гевгелија и ја изгради својата работилница под името „Морандо”,  која беше прва приватна работилница со модерно опремени алати.

Јас како вработен во Технометал Македонија, му овозможив преку мојата фирма за внатрешен промет, Ице да купи најмодерните дребонзи кои во тоа време се произведуваа во Ада Потисје, Војводина. Работеше неуморно по 24 часа на ден со силна желба неговата работилница да прерасне во погон кој ќе се занимава со посериозни технолошки зафати.

За жал, Ице не успеа да го реализира својот зацртан план, многу рано го нападна болест и  ни го зема. Ице веќе  две децении не е меѓу нас живите. Човечките особини кои го красеа Ице по кои беше многу специфичен, па дури и уникатен беа следниве: за него дадениот збор важеше многу повеќе одколку илјада напишани договори со цврсти гаранции. За него другарот и другарувањето беа закон и аманет за заедно радување, веселење, па и  тагување. Мускетарските начела на ,,Тројцата мускетари” беа присутни токму во ликот на Ице, нашиот Д’артањан, исклучително храбар, искрен, физички и духовно силен. Кога е во прашање Ице би можел да пишувам цели романи. Верувајте,  пишувајќи за него ми навираат солзи во очите. Ќе наведам три примери за да ви го доловам неговиот карактер.

Кога бевме четврта година гимназија во Гевгелија,  за првомајските и велигденски празници отидовме на Висока Чука, на планината Кожув и останавме три дена. Во машко-женското друштво ни се приклучи и еден професор од Гевгелија чие име нема да го спомнам. Во тој тридневен  излет се случи мал конфликт меѓу мене и мојот професор, а и денеска сум убеден по вина на професорот. Реакцијата на Ице беше животинска, беше спремен дури и физички да го нападне. Секако тоа не го дозволив, меѓутоа тој гест покажа  колку  Ице имаше праведно срце и почит кон мене.

Втор доказ за неговата храброст беше уште една случка, во  подоцнежните години кога една летна ноќ со неговото БМВ, тип  2002, враќајки се од Дојран, удривме во дива свиња која ни го пресече  патот. Свињата беше на тежина од околу 80 кг и се препелкаше во ендекот покрај патот. Немајќи оружје Ице го извади најголемиот штрафцигер и  ја дотепа свињата. Повредите на  дивата свиња беа очигледни и Ице сакаше да ѝ ги скрати маките, кажувајќи на гевгелиски дијалект „воа бише морав да го утепум, зшто ќе се мчеше„.

Ице растеше со 4 браќа. Судбината си направи рамнотежа, сите негови браќа, вклучително и Ице да им се раѓаат само ќерки. Ице беше умрен да има машко дете и кога конечно неговиот најмал брат после две ќерки доби син, за славењето и  радоста на Ице  цела Гевгелија му беше мала. Радост до небо.

Ќе напишам уште две случки со мојот кум Ице кои беа поврзани со мене.

Кога се роди мојот прв син Коста, тој веднаш од Гевгелија дојде во Скопје лично да ми честита и отидовме во болница преку прозор да ги поздравиме мајката и бебето. За мене не беше нешто невообичаено да добијам син, меѓутоа за Ице раѓање на син значеше добивање Нобелова награда. Во моментот кога мојата сопруга се појави на прозорот со бебето во раце Ице скокаше од радост, додека јас бев смирен. Акушерката која што стоеше до мојата сопруга во болницата и кажа: -„ Леле колку е среќен вашиот маж”!  Мојата сопруга мирно ѝ одговори дека тоа е кумот, а сопругот е тој до него, тој што молчи.

Втор момент е крштевката на мојот помал син Филип во Лешочкиот манастир. Покојниот Владика Кирил го водеше чинот на крштевање. Кумот Ице вети дека ќе донесе „диво бише”.  Денот на самата крштевка во Лешок, Ице донесе дива свиња од цирка 100 кила, штотуку уловена и сѐ  уште топла. Малку уморен ми проговори: -„ Три ноќи ја чеках да ја утепум”. Ице знаеше и  кумството и другарството да ги вреднува, да  ги сваќа како највисоки човечки доблести. Немаше нешто што не би го направил за моите деца на кои им беше кум.

Ице одамна замина од овој свет, но не и од нашите срца. По кратко боледување, кое за сите нас беше голем шок, се упокои таму некаде каде ќе јава небесни коњи. Неговата сопруга Ленче, ќерките Весна и Стела се неговото најголемо богатство, вредно наследство. Ќерките имаат формирано свои семејства, едната во Скопје, а другата во Гевгелија.

Ице е врежан, тетовиран во моето срце како човек со силни човечки особини кои го красеа до последен здив и по кои ќе го паметам сѐ до мојот последен здив.

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close