Мојот другар Лате


Tрифун Костовски

Почитувани читатели, денешнава колумна ќе ја посветам на мојот другар и повеќе од брат, Златко Соколиќ, кого јавноста го познава по прекарот Лате.

Другарувањето со Лате започна во 90-те години на минатиот век, кога имавме прилика да се сретнеме и запознаеме, а со тек на време да воспоставиме вистински пријателски однос, што подразбира и во лошо и во добро да останеме браќа.

Лате беше типичен стопанственик во раните 90-ти години, кога Република Македонија се соочуваше со низа потешкотии во нејзиното опстојување. Беше еден од првите пионери кој со својот бизнзис ги кршеше стереотипите, типични за овој регион и беше промотор за градење добрососедски односи во бизнисот и животот. Со Лате членувавме во заедничка организација и токму на тие собири нашето дружење ја доби вистинската димензија.

Со Лате сме браќа не по крв, туку по душа и срце. Со својата непосредност, отвореност и по малку бунтовен карактер, Лате е човек кој што не можеш да не го почитуваш. Убеден сум дека мојата лична перцепција за Лате, за жал не ја делам заедно со многу негови блиски пријатели и познаници кои не можат да го препознаат. Поради својата посебност честопати низ животот беше жртва на немили сцени токму од неговите блиски пријатели. Впрочем, лажни пријатели.

За време на мојот престој во Виена, 90-те години на минатиот век, Лате беше човекот кој се грижеше за моето семејство, за моите деца кои одлучија да се вратат во Македонија и да ги завршат своите студии. Така Лате ја покажа својата вистинска карактерна особина, а таа е одговорност да го заштити семејството на својот почитуван и драг пријател, другар и брат.

Лате беше активен при мојот избор за градоначалник на Град Скопје и како волонтер ми ја понуди поддршката за да оставиме траги во Градот Скопје преку добри дела.

Сакам сите мои пријатели и другари да знаат дека возобнувањето на Зоолошката градина, која и денес е симбол на Скопје, беше дело на Лате. На нему својствен начин ја организираше целата реконструкција на Зоолошката градина, а тоа значеше зачувување и возобновување на животинскиот свет, изградба на живеалишта за сите диви животни , изградба на заштитниот зид по стандардите на ЕАЗА – светска организација.

За време на мојот мандат како градоначалник на Град Скопје, Лате одигра клучна улога по две основи.

Градската каса ја наследив со 24 милиони евра долг, при услови кога годишниот буџет беше 32 милиони евра. Цирка 4 милиони евра градот плати по судски решенија за изгубени спорови од времето на господинот Пенов, а благодарејќи на умешноста на Лате, успеавме да симнеме 4 милиони евра долг кон доверителите на Град Скопје. Ренегоцијацијата за овие 4 милиони евра беше многу тешка , бидејќи законски Градот Скопје немаше право да ги бара од доверителите. Фактот дека симнавме 4 милиони евра е евидентиран, а дали ваквата дарежливост се должи на сомнителни зделки направени во минатото, не можам да тврдам, бидејќи мојата функција Градоначалник беше да се занимавам со проблемите на Град Скопје, а не да гонам сомнителни зделки. За сомнителни зделки постојат посебни институции во Република Македонија кои треба да си ја вршат својата работа.

Лате ја одигра клучната улога во реализирање на капиталната инвестиција „Булевар Словенија”.

Овој булевар беше изграден на приватни парцели кои ние како Град моравме да ги откупиме од сопствениците. Во експропријацијата беа вклучени повеќе од 90 сопственици на земјиште. На почетокот на овој процес имаше разногласие меѓу сопствениците на парцелите и Градот Скопје.

На Лате му дадов наредба да ги собере сите сопственици во просториите на Град СКопје и да не им дозволи да си одат се додека не потпишат договор со Градот. Токму тоа и се случи, Градот потпиша договор со единствена цена од 25 евра по метар квадратен. Во тие моменти меѓу сопствениците имаше и незадоволни од овој процес, меѓутоа денес ме глорифицираат бидејќи нивните имоти добија на цена многу повеќе отколку во периодот кога не постоеше Булеварот Словенија.

Булеварот од речиси 2 километри модерен пат беше пуштен во употреба во рекордно краток период. Градот овој проект го чинеше 2,2 милиони евра, цена во која е вклучена и самата експропријација на земјиштето.

Почитувани читатели, Лате денеска го владее ловиштето Лакавица. На само нему својствен начин ова ловиште го престори во рај за диви животни, нудејќи им на посетители гостопримство за кое се зборуваше со почит и надвор од границите на Македонија. Најголем број на постители ловџии во неговото ловиште доаѓаат од САД. Лате умееше да каже дека не работи за профит, туку да создаде услови за луѓе кои ги споделуваат ловечките вештини насекаде низ светот. Верувајте, со Лате нема крај на моабетот доколку се отпочне да се говори за животинскиот свет на земјината топка. Вљубеник до коска.

Лате биди ми жив и здрав, ти, твојата сопруга и твоите три деца.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close