Мојот другар Мишо

Почитувани читатели, денес ќе пишувам за мојот другар од детство, Мишо Богоевски со прекарот Гајдар, кој го носеше и неговиот татко, врвен фудбалер кој во ФК Работнички остави трајни белези.
Мишо како единец, во семејството  ја уживаше сета љубов на своите родители, посебно на својата мајка Зага. Мирен, тивок, секојпат спремен да прави добрини на своите блиски , другари, познати и непознати. Мишо најчесто говореше со шармантна насмевка и весели очи. Беше невозможно да не ја  забележиш таа негова маркантност, покрај   тивкиот  и ненаметлив карактер
Во младоста, љубовта, игранките и фудбалот ни беа приоритети во нашето другарување. Во магијата на фудбалската игра, Мишо беше безвременски волшебник.
Неверојатно како умееше топката да ја „скрие” од нас останатите фудбалери и што е најинтересно, никогаш со своето доблесно играње не  повредуваше никого, физички или емотивно, внимавајќи на сите нас кои помалку  го познававме фудбалот.
И во третата доба од нашиот живот, Мишо, кој подолг период си ги ,,носеше на нозе” здравствените проблеми, остана прекрасен. За него умеевме да кажеме дека не трча на терен, туку лебди.
Мишо заедно со Даре први почнаа да го посетуваат Центарот за странски јазици, изучувајќи го англискиот јазик. Останатите другари на тоа гледавме со потсмев, бидејќи од петто одделение, па сѐ до крајот на средното образование го учевме францускиот јазик, кој го чувствувавме како обврска, а не како потреба.
Мишо и Даре беа визионери за местото и улогата на светските јазици во нашите натамошни животи.
Во годините кога практикувавме заеднички летувања со бродови, обиколувајќи го Турското крајбрежје, Кикладските острови во Грција, целиот остров Крит во Грција и пловење околу грчкиот полуостров Пелопонез, Коринтскиот канал и сите острови во Јонското море, Мишо ја имаше основната задача да биде организаторот. Беше многу сериозен, својата задача да ја исполни квалитетно, а јас знаев да се пошегувам со него велејќи му: -„Мишо , сепак сме ние другари”!  Мишо знаеше да ме испочитува велејќи дека  мора да го сработи најдобро, бидејќи јас тоа го заслужувам.
Мишо имаше еден посебен однос кон уметноста. Умееше, на нему својствен начин, да одбере листови од растенија и дрва, кои само нему му значеа, да ги складира на соодветен начин, исуши и да ги претвори во прекрасен хербариум. Ова негово хоби го практикуваше само за неговите другари. Не тргуваше со овој т.н. занает и на два пати организиравме изложби на неговите дела. Во прекарот на Мишо, „Гајда два„ поради тоа што татко му имаше ист прекар  Гајда, беше врежан и фудбалскиот талент, наследство како фудбалско- занаетчиство. Неговите две прекрасни ќерки Тања и Анче, фудбалот не го практикуваа, така што ниту една од нив не можеше да го добие прекарот „Гајда три”. Но, ќерката Тања се омажи во семејството на Ивко Панговски, најпознатиот коментатор на фудбалски преноси на Радио Скопје, поврзани со ФК Вардар.
Сопругата на Мишо, Буба чија врска со Мишо започна во најраното детство, до ден денешен остана симбол за прекрасна сопруга и совршен брачен тим.
Ќе ви опишам една случка кога, како Градоначалник на Скопје со поддршка на кралството Холандија се организираа низ градот велосипедски натпревари. Јас ги замолив моите другари да земат учество на овој настан.
Буба , сопругата на Мишо цело време работеше во Народна библиотека и зиме-лете на работа одеше со велосипед. Мишо го позајми од Буба нејзиниот велосипед без да ја извести и во еден момент возејќи околу тогашниот Гранд Хотел, денешен Холидеј Ин, Буба одејќи на појадок,   најпрво го препозна сопствениот велосипед, а потоа го подигна погледот и нѐ препозна Мишо, мене и Миле Чатал како возиме. Мигот на зачуденост дека некој друг го вози нејзиниот велосипед ми остана во трајно сеќавање. Секако, тоа беше незаборавен збунувачки поглед за кој подоцна се шегувавме.
Мишо како човек, сопруг и татко,  беше почитуван најнапред од неговата сопруга, но  уште повеќе и од неговите  прекрасни ќерки. За Мишо знаев да кажам дека е  „благословен меѓу три прекрасни жени”.
Мишо физички не е веќе меѓу нас, меѓутоа споменот за него во мојот и животот на моите другари, ќе остане во трајно сеќавање.
Вечна ти памјет мој другар. Признавам, ми местеше голови!

Back to top button
Close