Мојот другар Поп Трајче

Трифун Костовски
Денес ќе пишувам за мојот другар Поп Трајче, кој во свештенството на православието го има највисокиот чин, Протојереј Ставрофор, а воедно е и старешина на Црквата Пресвета Богородица во Скопје.
Неговото презиме е Петковски, но прекарот Поп Трајче е длабоко врежан меѓу нас другарите кои заедно ги поминувавме сите големи настани во текот на годината, од слави, имендени, родендени, дочеци на нови години, летувања, заеднички патувања на спортски настани и фудбалот на фудбалските терени.
Нашето пријателство отпочна во раните 90-ти години. Црквата Св. Петка, каде беше старешина Поп Трајче, беше моја најомилена дестинација, бидејќи прекрасниот амбиент на оваа скопска црква ме враќаше во раното детство кога заедно со родителите ги чествувавме сите верски празници.
Поп Трајче како старешина беше прекрасна личност. Умееше да им  посвети големо внимание на верниците кои  беа дел од работењето на оваа црква.
Темите кои нѐ поврзаа со Поп Трајче беа суштествени во севкупното наше живеење, ама најбитното е тоа што во Поп Трајче пронајдов личност кој го сака спортот и шегата. Со еден збор, Поп Трајче беше типичен пример на едно модерно свештено лице кое  комуницира со своите верници со спонтан и пријателски однос.
Од половината на 90-те години Поп Трајче, неговата  сопруга, попадијата Билјана и неговата ќерка Марија беа  дел од нашите дружења кои секоја година ги чествувавме со заеднички летувања и дочеци на Нови години.
Во фудбалот, практикуван во изминатите три децении, Поп Трајче секогаш беше голман. Во сиот негов голмански стаж го красат прекрасни одбрани,  но и многу наивни голови.
Голманскиот простор беше за Поп Трајче неприкосновена своина. Бескомпромисен и  остар кога требаше да го одбрани голот од нафрлената топка. Многумина од нас се трудевме да не се најдеме во близина на голот и неговата жестока одбрана, зашто  имаше и такви кои влечеа повреди од неговиот силен старт. Во екот на играта, секој поединец ја покажува и својата карактерна особина, па дури и во најскриените моменти кои ј честопати јавноста не може да ги забележи. Ова го велам од причина што Поп Трајче важи за смирен, стамен човек кој умее да сослуша, да разбере, да советува, меѓутоа во тој магичен фудбал Поп Трајче се метаморфозира во неприкосновен борец во стил кој денеска се практикува во модерниот фудбал, јака одбрана со многу цврсти дуели, а на моменти и насилен.
За Поп Трајче последниот збор ,,насилен” не важи, ама сите останати атрибути за модерниот фудбал ги поседува.
Како ктитор на Пресвета Богородица, Синадот на МПЦ ми дозволи јас да го именувам старешината на црквата Пресвета Богородица. За мене немаше двојби дека тоа треба да биде Поп Трајче. Фактот што денешната Пресвета Богородица претставува симбол и место, не само за
2 / 2
Скопјани туку и за многу граѓани од внатрешноста и надвор од Македонија,  ја потврдува и заслугата дека е најубава скопска црква со најубава градина.
Поп Трајче ја врати душата на Пресвета Богородица и сметам дека моето дарување со изградбата на оваа црква е уште поголемо, бидејќи ја вративме црквата на скопјани.
Да појаснам дека  Црквата Пресвета Богородица е заштитничка на Градот Скопје.
Хуморот кој со себе го носи Поп Трајче ќе ви го опишам преку еден негов настан кој  умееше да го каже на својствен начин. Имено, на автопат Поп Трајче вози и го сопира сообраќајна полиција. Причина е брзо возење, над дозволеното. Во нормална комуникација со полицаецот, полицаецот му вели дека ќе мора да му пише белешка, бидејќи немаше да плати во готово. Поп Трајче мртов сериозен му одговори: -,,Пиши и јас ќе те пишам во мојот тефтер”. Полицаецот зачуден го потпрашува за  каков тефтер станува збор, на што Поп Трајче му одговара дека е поп, старешина на црква и имс попски тефтер. Збунетиот полицаец од оваа шеговита комуникација му одговори: – ,,Ајде попе  да не се запишуваме”.
Поп Трајче  и Билјана се родители на синовите Наум, Дамјан и ќерката Марија. Во тие времиња синовите на Поп Трајче учеа во училиштата на богословија и најмалата Марија умееше да каже:- ,,Што ќе бидам јас кога ќе пораснам, покрај тато поп, мама попадија, и двајца браќа попови? Поп не можам да бидам”? Денес Марија е веќе втора година на Економскиот факултет и дефинитивно со овој чин излезе од попското наследство на семејството Петковски.
Попе, да си ми  жив и здрав уште многу години, да се дружиме на места каде победува животот!

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close