Мојот другар Шики

Почитувани читатели, денес ќе пишувам за мојот другар од детство Стојан Равњашки, познат во Скопје и за скопјани под прекарот Шики, Шикица или Шиндо.

Впрочем прекарот Шикица е деминутив од Шиндо, кој кај нас скопјаните е препознатлив како израз за човек со голема глава. Мојот другар Шики, кој за жал веќе не е меѓу нас, имаше голема глава, големо тело, ама и големо срце кое пукаше од човештина. Шиндо имаше срце кое не умееше да молчи пред неправди или кога знаеше дека е во право.

Првото другарување започна во гимназиските денови, поминати во скопската гимназија Јосип Броз Тито. Не учевме во иста паралелка бидејќи јас бев јазична, а Шики математичка насока, но се дружевме интензивно надвор од училниците. Ходниците и спортските терени ни беа места каде вообичаено комунициравме. Од најрана младост неговата корпулентност беше доминантна и се разликуваше од сите нас, неговите другари. Ставата, особено гласот му беа уникатни и по нив беше најмаркантниот во цела околина.

По завршувањето на гимназиските денови се разделивме, но судбината посака повторно да нѐ спои. Во раните 90-ти години работејќи во Македонска телевизија, беше задолжен во секторите музика, спорт, култура и стана еден од најомилените и најпосакувани лица во тогашниот Југословенски џет-сет, особено во полето на музиката.

Исклучително духовит со автентична смисла за хумор негуван низ животот, шармираше сѐ по ред. Вообичаено меѓу нас другарите имавме комуникација на тема љубов и симпатии кон нашите школски другарки, симпатија, љубов. Шиндо немаше некого да не познава и од прва да не процени кој на кого си одговара и која симпатија позитивно ќе одговори на нашите желби. Со еден збор имаше моќ да препознае флуид на љубов, симпатија и привлечност, но и негативна енергија меѓу нас.

Беше неприкосновен борец да ги промовира своите погледи во севкупното живеење, додавајќи димензија на добро воспитан човек. Другарувањата отпочнаа кога за прв пат Шики, со сите негови школски другари ја водеа тогашната МРТВ на чело со Тихомир Илиевски, Денки и други познати имиња. Заеднички се договоривме да направам донација, обезбедувајќи линкови од Италија за директен пренос на собраниските седници на тогашната МРТВ.

Морам да кажам дека тоа беше една од моите први донации што ги направив во Македонија, а поводот беше многу едноставен. Во раните 90-ти години од минатиот век Македонија тукушто стана самостојна држава со млада демократија. Неопходно беше таа демократија да ја приближиме до граѓаните, а тоа значеше да обезбедиме директен пренос на седниците од Собранието на РМ. Договорот падна многу лесно, бидејќи сите бевме иста генерација , си ја сакавме Македонија и сакавме да помогнеме во нејзиниот демократски развој.

Шики беше првиот човек кого го замолив да прејде од МРТВ во мојата приватна телевизија МС, која за жал денеска не постои. Во тогашните структури оваа телевизија беше лимитирана на локално ниво без шанса да добие национална концесија, иако критериумите беа исполнети. Од причини неразбирливи за мене и за Шики, тоа не се случи.

Заедничките работи кои секогаш нѐ врзуваа со Шики, беа спортот, музиката и убавите дружења кои ги практикувавме како второ полувреме, после спортувањето.

Ако на фудбалскиот терен, поради својот , Шики беше нефункционален, тогаш во второто полувреме беше најфункционален, конкретен и во форма, особено кога во прашање беше храната.

Заедничките летувања и дочеци на Новите години, прослави на имендени, родендени и слави во раните 90-ти години па сѐ до пред 3 години, ни беа места за прекрасни дружења. Особено сакам да го потенцирам периодот кога Кометал Ѓорче Петров беше силен женски ракометен клуб во Европските натпреварувања и многупати нашите патувања во Шпанија, Русија, Украина, па и Скандинавија ги практикувавме со приватен лет, заедно со Шики кој беше вистинскиот навивачки бренд , заедно со Комитите.

За Шики сакам да раскажам уште две карактеристики за неговите размисли и сфаќања.

Прво, многу често умееше да ми каже: „А бе Трифун, твоето и моето име Стојан се многу селски”, на што јас ќе му одговорев: „Шики , името е убаво во зависност кој човек го носи, а твоето име Стојан е едно од најтипичните македонски имиња”. Ама тоа беше Шики, немаше шанса да го разубедам дека неговото име Стојан е прекрасно име.

Вториот момент се случи кога далечната 2000 чекавме Нова година во Хотел Ренесанс, Кемер-Турција. На ова патување отидовме со наш музички состав, така што после официјалниот дочек на 31 деќември 1999, деновите 1-ви, 2-ри и 3-ти ги поминавме во прекрасната дискотека во склоп на ресортото, специјално отстапен за нас, гостите од Македонија. Овие забави беа организирани со низа игри, маскенбали и специјална вечер за натпревар во пеење.

Шики беше неприкосновен победник, бидејќи со својот специфичен глас баритон, ама зарипнат, беше уникатен. Неговата омилена песна, хит во тоа време, „Запалиќу пола града” од Кеба, ја запали цела публиката која го слушаше со восхит. Како човек кој сиот свој професионален живот го помина другарувајќи со музичките sвезди од бившите ЈУ простори, остана вљубеник во музиката и песните на Мишо Ковач и Дорис Драговиќ.

Шики, на тема Мишо Ковач имаше многу неразјаснети работи со неговата сопруга Бети. Бети беше фан на Бери Вајт и често се закачаа на тема Мишо или Бери… Како Шики ја доживуваше музиката ќе ви доловам преку еден негов коментар. Цитирам: „Кога со Бети одевме на Јадранско море, јас возев, а таа времето го минуваше час спиејќи, час будна. Кога беше будна немав шанси да го пуштам Мишо Ковач на касетите во касетофонот вграден во самата кола. Ама кога ќе задремеше Бети, го пуштав тивко Мишо Ковач, Бети да не се разбуди”. Ете, таков беше Шики, никогаш не се откажуваше, „Never give up” момче.

Пред да замине од овој свет, си дочекаа заедно со Бети внучиња од своите два прекрасни синови. Шики си замина од нашите животи, но не и неговиот богат дух преку сѐ уште свежите спомени за него. Школски, недостасуваш…

Трифун Костовски

Back to top button
Close