МОЈОТ ДРУГАР – ТОШКА

Почитувани читатели, во текот на гимназиските денови во Гевгелија, поминати во Гимназијата ,,Јосиф Јосифовски – Свештарот”, стекнав уште еден многу добар другар и драгоцен пријател – Тошка.

Роден во Демир Капија, гимназијата ја заврши во Гевгелија, студираше Правен факултет во Скопје, но постојано се враќаше и остана да живее во својата родна Демир Капија.

Неговото име е Тошевски Тодор.

Зборувам и пишувам за другар со неисцрпно позитивна енергија, од каде насмевката и желба за другарувањето извираа од секоја пора на неговото тело, поглед, искажан збор или направен гест.

Музиката, пеењето беа негово омилено хоби, но ништо помалку и спортувањето – особено фудбалот.
Тоше доживеа и семејна трагедија. Помладата сестричка ја загуби на нејзина 13 годишна возраст и тагата долго време беше видлива и кај него и кај родителите, а ние другарите сочувствувавме со сите нив.

Вообичаени ни беа дружбите во Гевгелија на серенади, кои ги практикувавме и во неговата Демир Капија, особено за викенд кога бевме чести гости во неговиот дом.

Љубовта на неговите родители кон синот и неговите другари беше огромна.

Бевме третирани како најважните драгоцени гости во тогашната негова куќа. На маса се вадеше сѐ што имаше по дома и сѐ уште го паметам вкусот на пишиите (вид на мекици) направени од вештите раце на тетка Кана – мајката на Тоше.
Вкусните пишии на тетка Кана, домаќински замесени, беа традиционален гостољубив гест за добредојде, кој ние другарите многу го сакавме.

Ведрината и убавината која Тоше ја наследи од неговите родители беа огледало на едно убаво, скромно и функционално семејство.

После завршување на студиите, Тоше се врати во родната Демир Капија. Работеше во државни и приватни фирми како правник, а стартуваше како директор на Здравствена установа за деца со хендикеп – Демир Капија.
Во раните години од неговиот работен стаж доживеа тешка сообраќајна незгода, при директен судир излета од своето возило минимум 15 метри. Благодарение на силна физичка конституција успеа да се врати во нормала, со вградени шипки меѓу искршените коски и трајни лузни по неговото лице и тело. Со еден збор – имал среќа, или што би рекле старите Господ го чувал.

Кон крајот на 90тите години со Тоше отпочнавме заеднички бизнис – изградивме млин за мелење брашно со силоси. Беше прва мелница во регионот меѓу Неготино и Демир Капија со перспективен старт. Тоше беше целосно посветен на работата и секако, добрите резултати беа неминовност.

Со Тоше бевме многу блиски, имавме заеднички теми од нашето секојдневие и исти вредности во сите сегменти на нашето живеење.
Во 2005 година беше многу влијателен во Демир Капија и беше на локалните избори избран за Градоначалник на Демир Капија.

Во исто време станавме градоначалници, тој на Демир Капија, јас на Скопје и заеднички одлучивме да не се кандидираме за втор мандат.

Причините за ваквата наша одлука беа тоа што ние функциите кои ги добивме од граѓаните ги чувствуваме како обврска, а не привилегија, патем политиките притисоци кои се секојдневие во локалната самоуправа ни беа голем товар.
Она што е многу побитно е фактот што со влегување на функцијата Градоначалник јас и Тоше се откажавме од сите функции кои ги имавме во нашите приватни фирми.

Токму тоа е моментот кога јас и Тоше ги изгубивме контролите врз приватните системи кои веќе ги имавме воспоставено: тој врз млинот, а јас врз севкупниот финасиски услужен и издавачки сектор.
Судбината си поигра со мене и Тоше. Тоше го изгуби млинот и денеска како пензионер живее со својата сопруга Босилка и синот Панче во Демир Капија, а неговата ќерка Кана која носи име на неговата покојна мајка, живее во Словенија со својот сопруг и дечињата.

Не знам дали е среќен, бидејќи во многу нешта имаме слични животни премрежија, но Тоше остана непроменет во љубовта кон луѓето. Како алтруист верува во доброто, не стравува од непријатности меѓу нас или напад од системот, зашто правичноста му е секојдневие.

За Тоше и неговата толерантност можам да пишувам уште многу долго, но ќе завршам со уште еден податок за него. Тоше имаше напад на панкреас и животот му висеше на конец, но операција помина успешно. Што уште да заклучам освен дека Тоше е Господово дете?

Биди ми жив и здрав Тошка, заедно со твојата љубов кон најблиските Босто (Босилка), Пањто (Панче), Кањто(Кана), како и задоволствата при ловот и ловџиските кучиња.
Убеден сум дека ја чувствуваш и нивната љубов и лојалност.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close