Мојот другар Владо Ќаев

Почитувани читатели, денес колумната ќе ја посветам на мојот веќе покоен другар Владо Ќаев, Владо си замина од овој свет како познат Оториноларинголог или македонски кажано доктор –специјалист за уво-нос и грло кој целиот професионален живот го помина во Клиничкиот центар во Скопје.

По природа мирен, дружељубив, секојпат насмеан, позитивната енергија избиваше од него, а со својата искричавост и интелегенција пленеше меѓу нас другарите во Гевгелија.

Владо е роден во Гевгелија,каде ја заврши и гимназијата, студиите ги заврши во Скопје, докторските специјализации ги заврши во Скопје и целиот живот го помина во Македонија, а тоа значи детството во Гевгелија, а останатиот живот во Скопје.

Владо беше Американец за фудбал, а ние другарите го користевме тој збор за оние кои немаа никакво чувство за овој спорт или тотално беа антифудбалери. Владо не пропушташе ниту еден меч, да биде гледач на натпреварот и со нескриено и отворено навивање не бодреше нас другарите да издржиме во натпреварите кои ги имавме со екипи од тоа време. Тоа беа екипи од останатите паралелки во гимназијата и од економското училиште кое беше во близина на Гимназијата Јосиф Јосифовски Свештарот.

На серенадите Владо секојпат беше прв и многу љубеше кога ќе бевме поканети во домовите на нашите избрани симпатии и на софрата беше „цар„. Ги забавуваше домаќините и нас другарите, а со неговата широка и искрена насмевка ги освојуваше симпатиите на домаќините, а неговите црни пргави очи секојпат знаеа каде да залутаат.

Убави времиња, убави моменти, убави спомени.

Во средината на 60-те години од минатиот век, Трст, Италија беше најчестата дестинација од каде се набавуваше облека која беше многу помодерна во споредба со таа што ја имавме во Југославија. Фармерките за нас гимназијалците беа незаменлив бренд. Во неможноста да имаме Левис Штраус, масовно купувавме Супер Рифле кои се шверцуваа во тие времиња од Трст.

Во една таква пригода неможам да го заборавам моментот кога Владо тукушто доби нови фармерки Супер Рифле во кои јас на прв поглед се заљубив. Кога Владо осети колку многу неговите фармерки ми се допаѓаат реши да ми ги подари.

Дента кога ми ги подари фармерките свежо испрани и нормално со четка за рибање малку избелени за мене беше голем празник. Спиев со фармерките. И во тие времиња и денес сеќавањето на овој чин кој Владо ми го приреди е свежо и за восхит.

Владо на одреден начин беше капислата која ја разбуди во мене да разберам дека дарувањето е чин на висока човечка доблест, а посебно кога тој подарок ќе го добие човек кој што навистина му значи. На тој план Јас и Владо бевме идентични. И тој во својот животен век сакаше многу да дарува.

Заедничките летувања и дочеци на Нови години кои секојпат ги практикувавме во Грција или Турција, беа прекрасни доживувања не само за мене и Владо, туку и за сите другари. Токму на овие заеднички летувања и дочеци на Нови години се створи таа силна симбиоза меѓу моите другари од Скопје и Гевгелија. Владо како доктор специјалист, секојпат бдееше не само врз моето, туку и врз здравјето на другите другари.

Ќе споменам еден момент за неговата грижа која ја покажа кон мене. Имено, му се пожалив на Владо дека чувствувам дека со десното уво помалку слушам. Оваа случка се случи на почетокот на овој милениум. Владо како директор на клиниката за уво-нос и грло го собра сиот свој персонал и со амбулантно возило се нацрта пред мојата канцеларија која беше на само 500 метри од Клиничкиот центар. Јас зачуден дека се паркира амбулантно возило и гледам каде излегуваат 5 особи со бели мантили се исплашив што се случува со некој од нашето соседство. Го препознав меѓу белите мантили и Владо и го прашувам „што навака„ а тој ми вели „доаѓаме кај тебе„. Тој флеш во мојата меморија остана трајно запаментен. Пет особи во бели мантили, растрчани по налог на мојот другар Владо да ме спасуваат мене. Секако после кафе-моабет со целиот персонал, ме земаа во амбулантното возило, ме однесоа во Клиничкиот центар и ми ги испраа ушите. Признавам, поубаво и попријатно перење на уши во животот не сум имал.

Владо веќе не е меѓу нас, многу ми недостасува. Неговиот фетиш беше шипка во ноќните барови. Овој фетиш го дознав во подоцнежниот период од нашето другарување кога во една прилика отидовме во бар каде имаше танчарка која танцуваше на шипка. Најинтимно ми се повери со зборовите„ е во ова и во ваков амбиент Пуни уживам„.

Владо беше сопруг, татко и сакам во оваа прилика да споменам дека имаше и помал брат Митко кој  беше специјалист на кардиологија во Клинички центар. Таткото на Владо и Мите, Алеко беше синоним на авторитет, не само за неговите деца туку и меѓу нас другарите.

Вечно ќе бидеш запаметен Владо, токму таков каков што беше.

Трифун Костовски

Back to top button
Close