Мојот другар Вуле

Почитувани читатели, денешнава колумна ќе ја посветам на мојот другар Људмил Георгиев, со прекарот Вуле.

Познанството со Вуле датира уште во раните 70-ти години од минатиот век. И јас и тој завршивме економски факултет. Моето вработување беше во ,,Технометал –Македонија”, а тој се вработи во ,,Интер-Импекс” , увоз-извоз, Скопје.

Белград беше дестинација за обезбедување на увозно-извозна документација, согласно позитивните прописи, кои беа неопходни на сојузно ниво. Вообичаено со Вуле се среќававме по возовите, патувајќи за Белград и назад.

Дејноста на работењето на ,,Интер-Импекс” беше пред сѐ лесна индустрија и секако, користејќи ги своите претставништва низ источно –европските земји, беа ексклузивни застапници на одредени брендови кои тогаш беа ценети во тој дел од светот. Имено , фирмата ,,Интер-Импекс” беше застапник на германските автомобили Варбург и Трабант за цела Југославија. Исто така ,,Интер-Импекс” беше генерален застапник на светски познатиот бренд ,,Калцајз” кој произведува најквалитетни оптички стакла во светот за луѓето кои носат очила со вградена диоптрија.

Меѓу нашите фирми немаше ривалство, постоеше респект, бидејќи номемклатурата на работење на ,,Технометал” беше различна од онаа на ,,Интер-Импекс”.

Честопати со Вуле си помагавме во ресорните министерства во Белград, како да ги обезбедиме потребните дозволи.

Интензивно почнавме да се дружиме после распадот на СФРЈ. Заедно се најдовме во Виена во раните 90-ти години. Тој работеше во условно кажано конкурентна фирма на ,,Кометал”, под името ,,Стилмет”, но меѓу нас никојпат немаше конкуренција до степен на нетрпеливост. Напротив воспоставивме прекрасна комуникација во нашите настапи со нашите партнери во Украина, Русија, Полска и Чешка. Принципот „договорот куќа гради” во случајот со Вуле, беше беспрекорен. Местото и улогата на Вуле беше посебно силна кога наидов на проблеми со одредени комбинати во Украина, кои поради политичките превривања и интереси честопати беа во ситуација да ги прекинат испораките. Со цел јавноста да знае, испораките на железни руди на дневна основа мораа да изнесуваат блиску 20.000 тони, бидејќи потребите на Полските железари од железна руда беа огромни. Настанот се случи во еден од најголемите комбинати во Украина, Југок, во местото Кривој Рог. Површинскиот ископ на овој комбинат беше карактеристика, како што умеат металурзите да кажат, “господ дал сѐ”, давајќи железна руда од блиску 70% Fe и со алкали кои дефинитивно помагаат во целиот металуршки процес за ефтин и квалитетен финален продукт-челик, во форма на слабови или инготи.

Соработката со Украинските комбинати почиваше на системот претплата. Во моментот кога се промени структурата во овој комбинат и дојде екипа на тогашната многу популарна Тимошенко, новото раководство ме стави на stand-by, иако моите побарувања на име авансни плаќања изнесуваа повеќе од 20 милиони долари. Људмил, односно Вуле, заедно со неговиот претпоставен Зоран Зелениковски, успеаја да направат таква форма во овој комбинат, да мојот долг се исплати во комбинација со нови претплати. Сакам да појаснам дека денеска сите обврски на ,,Јужни Гок”, кон мојата фирма ,,Кометал” се затворени, односно испорачана е железна руда.

Другарувањето со Вуле, неговата сопруга Марина и неговата единица ќерка Александра се зачести не само во Виена, туку и на заеднички летувања во Турција, Грција и Шпанија.

Најимпресивно беше летувањето во Шпанија на Ибица. Вкупно пет семејства со деца изнајмивме автентична хациенда со огромни лозови и овошни насади, базени за возрасни и деца со слатка и солена вода. Ќерката на Вуле, Александра беше 4 години постара од мојот најмлад син Филип. Меѓу Александра и Филип и денеска постои прекрасно пријателство, ама тогаш на тоа летување на Ибица се случи нешто што остана запаметено во моето сеќавање. Имено, при самиот ручек во прекрасната хациенда, доаѓа Александра расплакана и му вели на Људмил: „тато, дали сме ние навистина толку сиромашни, Филип ми рече дека јас сум многу сиромашка”? Завладеа тишина во просторијата , а Филип како од пушка извика: „ да, ти си сиромашка, немаш дада и бато”! Почитувани пријатели ова е само мал дел од детството на мој Филип кој растеше со повозрасни сестра и брат. Неговата сестра Олга знаеше да му каже:„Филип , ти си многу богат човек, а знаеш ли зошто? Затоа што растеш со мама, тато, дада и бато”.

Токму овој чин на Ибица предизвика желба кај Вуле и Марина за нов пород, но животот си поигра и не им ја исполни желбата. Денес Вуле не е меѓу нас, си замина после кратко боледување, ама спомените на неговиот човечки однос со смиреност и разбирање кон сите и денеска ме допираат.

Вуле се чувствува како Бугарин по татко, покрај мајка Македонка. Кај него не постоеше предрасуда во поглед на македонското национално чувство. Тој течно ги зборуваше сите балкански јазици вклучително англиски, германски и руски. За Вуле и комуникацијата со неговата „ташта” која живееше заедно со нив, можам да раскажувам многу анегдоти. Би посакал секому да има таква комуникација меѓу зет и ,,баба” , по македонски.

Сопругата Марина и ќерката Александра живеат во Виена и често пати се на дестинација Белград – Софија -Скопје.

Вуле, горд сум што те имав за другар и пријател. Споменот на тебе и твоите човечки особини се мои животни патокази.

Трифун Костовски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close