Мојот несуден пријател Ѓорѓи Коритаров

Пред една година, дента по интервјуто кое му го дадов на Ѓорѓи Коритаров за неговата телевизија „Европа“, бугарскиот новинар ми се јави од Софија на мобилен за да ми се извини за непријатностите кои ми ги создал дома. Ми рече дека и самиот поминал низ слично отфрлање со неговиот став дека Бугарија треба да се извини пред светот, на Македонците и на македонските Евреи, жртви на холокаустот, за сојузот со Хитлер во Втората светска војна. Се обиде да ме утеши со зборовите дека и ден денес самиот има непријатности заради таквиот негов поглед кон историјата на својот народ. Во тој момент, овие зборови ми значеа многу и ми заличија на почеток на едно идно пријалелство. Рече дека е согласен со она што го говорев во неговата емисија и дека и самиот верува дека тоа е патот кој ќе ги поправи односите помеѓу Македонците и Бугарите. Но, дома во Македонија,  една друга сорта новинари, со намера да повредат и да предизвикаат раскол и болка во јавноста, земаа од интервјуто два збора за осуда а ниту еден за пофалба. Се покажа дека е тоа сосема доволно за да се предизвика масовна хистерија во времето на интернетот и телевизијата.  Многу помалку од она што му требало на кардиналот Ришелје кој, во седумнаесеттиот век, ја открил формулата за уништување на поинакумислечки луѓе: „Ако ми дадете шест реда рачно напишани од најчесниот меѓу луѓето, ќе најдам нешто во нив со што ќе го обесам“.

Ѓорѓи Коритаров не е веќе меѓу нас и тоа е голема загуба за либералниот ум на Балканот и особено за таквата состојба на умот во односите меѓу Македонија и Бугарија. Се сеќавам дека не се жалеше зошто другите во Бугарија не мислат како и тој туку само на нетолеранцијата кон неговото мислење кое, верувам, ако му се даде право на глас, ќе стане доминантното мислење во догледна иднина. И нам во Македонија потребна ни е толеранција кон поинакви погледи на историјата кои, колку утре, можат да станат општоприфатени. За почеток, она што ни треба е консенсус дека секој има право на свое мислење за минатото и дека е важно да бидеме обединети во одбрана на сегашноста: нашата македонска нација, јазик и држава. За да го оствариме тоа, треба да ја пресликаме во нашиот дијалог лежерноста и благиот цинизам својствен за западните историчари кога зборуваат за минатото на сопствените народи.

Оти, да не заборавиме на зборовите на Пол Валери, француски политички мислител кој во својот есеј „За историјата“, напишан во 1911 вели:„ Историјата е најопасниот продукт кој се развил од хемијата на интелектот. Нејзините својства се добро познати. Предизвикува соништа, труе цели народи, им дава лажни сеќавања, ги забрзува нивните рефлекси, им ги држи отворени старите рани, ги мачи и кога одмораат, им создава илузии или за величина или за прогонетост и ги прави нациите огорчени, арогантни, неподносливи и суетни.“

Сигурен сум дека ги знаеше овие зборови на предупредување. Почивај во мир мој несуден пријателе Ѓорѓи Коритаров.

 

Денко Малески

Back to top button
Close