Мојот пријател Анатолиј

Почитувани пријатели, денес ќе пишувам за мојот пријател и деловен партнер Анатолиј Калашников, кој во 90-те години од минатиот век и првата декада на новиот милениум беше генерален директор на најголемиот рудник за железна руда во Русија, Лебедински-ГОК во местото Губкин, област Белгород.

Производот на ГОК беше железна руда која достигаше процент на чисто железо 71%, а финалните производи беа железни брикети и железни пелети со речиси 100% содржина на Fe. Годишното производство на железни производи беше 30 милиони тони.

Бев еден од најголемите купувачи на железна руда и пелети и годишно купував по 2,4 милиони тони. Првите години по распадот на Советскиот сојуз, економијата во тие држави беше хаотична. Руската федерација стана земја која ја смени планираната економија во пазарна економија. Недостасуваа кадри и знаење во целата Руска Федерација како да се справат со овој силен предизвик. Недостасуваа многу нешта во нивното функционирање, а тоа го плаќаа со многу високи цени.

Клирингот, кој беше воспоставен од бившата СФРЈ со Источно-Европските земји, членки на Варшавскиот пакт, ни ја даде таа привилегија на стопанствениците од бившите ЈУ простори да се вклучиме во овој транзициски процес на Руската Федерација. Да појаснам, во клирингот нема тврда валута, туку размена на добра и услуги. Стопанствениците кои го проучија клирингот , станаа врвни стопанственици кои функционираа во оваа федерација.

Господинот Ристо Гуштеров беше меѓу првите кој многу силно се вклопи во тие тешки времиња.

Првата средба со мојот пријател Анатолиј се случи во Москва, во хотелот ,,Международнаја”, каде се појавив како купец на неговите производи за најголемата железара во Полска Хута-Катовице.

Брзо го склучивме договорот, меѓутоа првата средба сѐ уште не значеше и комплетна доверба меѓу нас. Анатолиј, сопруг и татко на две прекрасни ќерки, христијанско-православен верник, не го криеше неговото непознавање на меѓународната трговија. Со најпрости зборови, беше исплашен дали прави добро или лошо, за да не биде измамен. Годината 1992 , на заедничко задоволство ја завршивме мошне успешно. Сета испорачана стока беше до цент исплатена. Довербата меѓу нас почна да се гради и како партнери и како пријатели. Јас му бев единствената комуникација со така-наречениот западен свет и без трошка задршка му помагав час поскоро да биде дел од современиот бизнис свет.

Како огромен комбинат му овозможив да отвори свои фирми и претставништва во Германја, Австрија и Швајцарија. Голем процент од годишните договори, кои ги практикувавме цели 17 години, беа реализирани во бартери. Имено, тоа е размена на стоки. Му помогнав на господинот Калашников да ја изгради најсовремената болница со најквалитетна опрема во областа Белгород.

Ме покани да помогнам во изградбата на вториот по големина црковен храм во Руската Федерација кој денеска блеска со својата убавина.

Знаеше да ми каже: ,,Трифун, јас и ти сме православни, помогни ми да го изградиме овој храм, кој на жителите во Губкин и вработените со вкупна бројка 40.000 во Лебедински ГОК, многу ќе им значи.

Секако помогнав и навистина сум горд што бев почестен на неговото официјално отварање во 2012 година, да бидеме заедно на трпеза со поглаварот на Руската православна црква, Господин, Господин Кирил.

Поглаварот на Руската православна црква Господин, Господин Кирил не го криеше задоволството што еден православен Македонец допринел за изградба на овој храм. Убеден сум дека во тие моменти господин, господин Кирил почна посериозно да размислува за автокефалноста на нашата македонска православна црква.

Дружбите со Анатолиј секој пат беа отворени, искрени и со доверба која беше неограничена. Моите патувања во Губкин секогаш беа добро организирани од мојот пријател Анатолиј.

Во раните 90-ти години немаше хотели во Губкин, а патувањето со воз од Москва до Губкин траеше 12 час. За жал, безбедноста на секој патник беше во прашање.

Согласно неговите можности тој ми овозможи во нивниот рударски хотел најубави услови, а патувањата од Москва до Губкин и назад, од негова страна беа организирани со лична придружба. Умееше да каже: „животот не е сигурен во нашите возови, не сакам да изгубам пријател и добар партнер”.

Од сеќавањата за мојот другар Анатолиј, со кого и денес одржувам комуникација, останаа силно врежани моментите на преговорите за испорака на руди во 1993 година.

Анатолиј, сѐ уште недоверлив кон мене, ме држеше цели два дена во неговиот хотел при преговорите за цените кои требаа да важат за 1993 година. Инсистираше на енормно покачување на цените без вистински поводи.

Годишната инфлација се движеше меѓу 2,5-4,0 %, а тој бараше покачување од цели 30%.

Го убедував да ги прифати реалните цени, а тој после во една прилика, откако сето тоа заврши, ми рече: „Трифун, да не си одеше денес, ќе те задржев сѐ до последниот момент инсистирајќи на моите услови”. Седнат во неговиот кабинет, чекајќи времето да истече до моето заминување, го замолив да ме почести со вотка. Типично за него, ја повика секретарката Наташа и порача „адна ботилка вотка и адин стакан”, што во превод значи едно шише вотка и една чаша. Да појаснам, чашите за пиење водка во Русија се исти како и за пиење вода. Ми налеа вотка во една таква чаша која на „цук” ја испив.

Важев за човек кој не пие алкохол, барем не во толкави количини. Анатолиј кога ме виде како ја испив водката со широко отворени очи извика на својата секретарка: „ Наташа ешче адна ботилка вдка и адин стакан”, што значи Наташа, уште едно шише вотка и уште една чаша. Епилогот после двочасовното пиење вотка беше: четири празни шишиња од пола литро испиена вотка и празни чаши. Си заминав со потпишан договор за купување на железна руда согласно реалните цени.

Она што го научив за Русите и рускиот „табиет” е дека и вотката може да биде услов за стекнување доверба. Нека ни е на здравје товариш Анатолиј!

Трифун Костовски

Back to top button
Close