Мојот пријател Данчо

Цигарите ,,Југо” и тиквешките вина беа моќен бренд во Полска

Почитувани пријатели, денешната колумна ја посветувам на мојот пријател Данчо Шутурков кој сиот свој работен век го помина во ,,Македонија Табак”- Скопје, напредувајќи по сите скалила на професионалниот развој. Сепак, никогаш не стаса на врвот, да биде прв човек во фирмата, од причини познати само на тогашната власт, за која што, како во тие времиња се велеше беше „политички неподобен”. Но, тоа не му пречеше да направи врвна кариера. Иако беше ресенчанец по род, од Преспанскиот регион, сиот свој живот го помина во Скопје, работејќи во трговија со македонското злато, тутунот. Неговиот интелект, збогатен со искуство и мудрост го направи Данчо Шутурков да биде алфа и омега во бизнисот со тутун и цигари, во тогашната СФРЈ и пошироко.

Данчо Шутурков многу успешно ја позиционираше ,,Македонија Табак” преку работата со тутун. Секако, финален производ беа цигарите, меѓутоа да се дојде до таков финален производ, мораше да се вложат многу умешност и знаење, како во утврдувањето на харманите-состојките на типови тутун во секој тип цигара, па сѐ до обезбедувањето на хемикалии, папири и филтри, потребни за оваа индустрија.

Моето пријателство и другарување со Данчо започна во 1984 година токму од моментот кога заминав како делегат на ,,Технометал Вардар” во Варшава, Полска. Заминав како втор човек во претставништвото и веднаш ми беше ставено на знаење дека моја обврска во ова претставништво се огноотпорни материјали, како регистрирана номенклатура на производи со кои може да работи Технометал Вардар и работа со останати стоки и услуги вон номенклатурата на Технометал Вардар, а тоа се храна, тутун, вино и текстил.

· Познанството со Данчо се зацврсти во моментот кога почнавме да соработуваме во 1985 година , па сѐ до крајот на 80-те години на минатиот век, кога организираме бартери-размена на стоки од цирка 20 милиони клириншки долари. Извезувавме наливно вино, ориентален тутун и цигари. Увезувавме во најголем процент тутун „Вирџинија”, кој служи како базична сировина на секој тип цигари или како што тутунарите го викаат полнило. Увезувавме чист фармацевтски алкохол кој понатака се користеше во индустријата за пијалоци и фармацеутика.

Ми импонираше леснотијата со која овој аранжман го водеше Данчо. Признавам, попримив многу од неговите навики. Да се наоружаш со знаење и тоа знаење да го пласираш на многу убедлив и пријателски начин е врв на еден модерен трговец.

Во тие дамнешни времиња, сите земји од Варшавскиот блок живееа со многу низок стандард, така што претставништвата од бившите ЈУ фирми беа третирани како нешто современо, напредно и прифатливо од страна на моите пријатели во Полска.

Сите стоки кои се разменуваа меѓу ,,Македонија Табак”и фирмата ,,Агрос” од Полска, бараа претходни проверки на лице место во самите комбинати, при што се утврдуваа количината , квалитетот и на крајот цените.

Да појаснам, фирмата ,,Агрос”во тие времиња беше државна фирма со исклучиво право да тргува со тогашна СФРЈ. Обврската на Данчо беше секоја година да праќа по еден шлепер, цирка 1000 картони вино, кои ние несебично ги делевме на нашите партнери во Полска, посебно до тутунските комбинати од каде се купуваше тутунот „Вирџинија”. Благодарајќи на овие трговски размени, контролирани од Данчо Шутурков, комбинатот Тиквеш од Кавадарци стана главен координатор во составување на робните листе меѓу СФРЈ и Полска. ,,Македонија Табак” исто така беше главен координатор за увоз-извоз на тутун и цигари.

Цигарите ,,Југо”, беа најпопуларните цигари во Полска, прифатливи по квалитет и цена за тогашните пушачи во Полска.

И денес, после толку изминати години, во свежо сеќавање ми е комуникацијата со мојот Данчо. Бев значително помлад од него, но довербата која ја стекнав кај Данчо беше поради неговата спонтаност, искреност на многу своевиден начин. Умееше да каже, цитирам: „куре, што треба да направиме за бартерот да го ставиме во живот”? Соработката и довербата меѓу нас беше несекојдневна. За мене Данчо беше „Бог” и како стопанственик и како познавач на трговијата. Токму Данчо беше виновникот што добро се запознав со тутунската индустрија во тогашаната СФРЈ и воопшто во светот.

Сакам да ви го пренесам чувството како е кога ќе влезете во комбинати кои преработуваат тутун. Мирисот во самиот комбинат е уникатен и убав, говорам за себе, а бојата на „Вирџинија„ во класа 1 и 2 алтан жолто, е нешто неспоредливо со она што ние секојдневно го консумираме како боја на злато или поточно боја на благодет. Верувајте и денеска би сакал да влезам во тутунските комбинати само за да повторно го почувствувам тој автентичен мирис.                                    Животот и неговата убавина ја сочинуваат малите нешта…

 

Трифун Костовски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close