Мојот пријател и другар Нико


Почитувани читатели, денес ќе пишувам за мојот другар Нико, познат во јавноста како Никола Палигора, стопанственик од светски маштап и човек кој голем дел од мојот професионален живот го насочи во водите на бизнисот.
Познанството со Нико отпочна во моментот кога Нико се пресели од Битола во Скопје и се вработи во тогашната фирма Технометал Македонија. Во раните 70-ти години Технометал Македонија беше фирма со динамичен развој, посебно во полето на надворешна трговија, каде го апсорбираше сиот можен интелектуален капацитет од Македонија за работа во надворешната трговија. Структурата на тогашната Технометал Македонија, беше многу стамена и во своето работење постоеа три базични сектори: внатрешен промет, каде се тргуваше само со фирмите во бившата СФРЈ, малопродажба, каде се вршеа трговски зделки на мало, преку продавниците кои ги имаше преку 300 во тогашната Македонија и цела СФРЈ. Визијата на тогашните генерални директори, кон крајот од 60-те години на минатиот век, беше да се формира посебен сектор за увоз-извоз.

На чело со тогашниот директор Никифоровски и неговиот претходник Санде Мицковски, се оформи ОЗТ во состав на Технометал Македонија со исклучиво работење во меѓународната трговија.

Структурата на ОЗТ увоз-извоз во себе содржеше 9 сектори, кои работеа исклучиво номенклатурата на производи од црна металургија, неметали, обоени метали, опрема, широка потрошувачка, ре-експорт и застапништва на реномирани светски брендови.

Во раните 70-ти години Технометал Македонија ОЗТ надворешен промет беше концентрација на најмлади и високо образовани кадри во целиот склоп на Технометал Македонија
Нико Палигора се појави во првите денови кога се формираше ова ОЗТ и заедно со тогашните директори Гојко Вуковиќ, Јанко Деловски, даде посебно место на секој поединец, вработен во ова претпријатие, да може максимално да се издигне во својата фела и да се надогради со своите знаења за натамошниот личен и колективен просперитетот на фирмата, Технометал Македонија.
Колку овој сектор во рамките на Технометал Македонија стана силен, говори фактот што кон крајот на 70-те години, фирмата се вброи на 17 место во вкупниот промет во првите 100 трговски фирми во тогашната СФРЈ.

Позитивната енергија која посебно ја пренесуваше Нико меѓу нас, помладите вработени во тогашаната увоз-извоз, делуваше многу силно и го развиваше нашиот ентузијазам да бидеме уште посилни во нашето работење.

Целиот раководен кадар од директори на ОЗТ , нивни помошници и директори на сектори беа водени од една идеа, да ни дадат простор на нас, помладите вработени за наше доедуцирање на ова поле. Само за пример ќе го споменам мојот тогашен директор на сектор Душан Ристиќ, кога веднаш по вработувањето ми додели задачи и моја обврска во две насоки: на лист формат А4 беа испишани 9-те божји заповеди што значи надворешен трговски работник. Овие заповеди јас ги толкував како 9-те божји заповеди од библискиот Мојсеј и во целиот мој живот, работејќи во оваа сфера се повикував на нив. Последната божја заповед на овој лист гласеше: ,,И кога твојот партнер, производител не е во право, ти како трговец не смееш да го злоупотребиш и треба да го чуваш како твој потенцијален партнер сѐ додека се бави со оваа професија”. Во превод ова значи „ и тогаш кога мојот партнер не е во право, тој е во право.„

Втората насока е дека во секој момент треба да имам отворен патен налог кај мојот директор и мнимум еднаш месечно морам да ги посетувам моите коминтенти. Неговото објаснување за овој чин беше многу прагматичен. Тој велеше:
-,,Производителот низ своите производни процеси наидува на многу проблеми, а ти како трговец треба да изнајдеш начин како да му помогнеш во решавањето на тие проблеми”. Водени токму од овие постулати кои јас и моите колеги ги применувавме, Технометал Македонија прерасна во центар за увоз на репроматеријали за огноотпорната индустрија и извоз на финални производи од тогашните силни производители како Силика-Гостивар, Шамот-Аранѓеловац, Магнохром-Краљево, Црвена звезда-Пехчево, Ватростална –Зеница и Бедековчина во Хрватска. Скопје и Технометал Македонија беа центарот на севкупната огноотпорна индустрија како во увоз на репроматеријали, така и во извоз на финални производи.

Горд сум што севкупната коксна индустрија на денешна Полска, чие производство изнесува над 20 милиони тони на годишно ниво, како и нивните коксари се обложени и сѐ уште работат со огноотпорен материјал од Силика-Гостивар и Шамот-Аранѓеловац.

Мојот другар и претпоставен во хиерархијата на Технометал Македонија Нико Палигора, најнапред беше директор на секторот широка потрошувачка, а потоа унапреден во заменик директор на ОЗТ увоз-извоз. Нико будно ги пратеше сите вработени и нивниот учинок во тогашното ОЗТ увоз-извоз. Беше горд, иако не многу повозрасен од нас помладите вработени, што навистина тогашниот Технометал Македонија беше елитен во споредба со многу посилни фирми како Генекс, Југометал- Београд, Феримпорт- Загреб, Енергоинвест-Сараево и други.

Во раните 80-ти години дојде до спојување на трговските фирми Технометал Македонија и Вардар увоз-извоз и се формира новата фирма Технометал-Вардар.
Не е мое да ценам, меѓутоа многу мои колеги од тогашниот Вардар увоз-извоз, беа среќни од ова спојување, бидејќи во етерот на новата фирма се почувствува духот на Технометал Македонија, дух на слободно размислување и креирање. При ова спојување во секторот увоз-извоз, Нико Палигора беше единствениот директор кој што доби функција на помошен генерален директор задолжен за надворешна трговија. Вообичаено меѓу нас, вработените во секторите на надворешна трговија, крајна цел ни беше да бидеме делегирани како претставници во тогашните претставништва низ Источно-европските земји или пак во фирмите во Западна Европа. И во тогашните времиња постоеше непотизам кога како делегати се испраќаа луѓе блиски до тогашниот естаблишмент или пак високо етаблирани личности во тогашната политика.

Ние вработените во овој сектор, кои имавме вистински резултати зад нас, единствената алка да се пробиеме ја гледавме токму во Нико Палигора. На предлг од Нико Палигора бев предложен да заминам како втор човек во претставништвото на Технометал Вардар во Полска, Варшава. Постапката беше работничкиот совет мора да донесе првенствено одлука и секако низ тогашните политички и системски структури да поминам како личност подобна за обавување на оваа должност. Кога говорам подобен, тоа значи тогашното Министерство за внатрешни работи мораше детално да ја испита мојата личност и да даде позитивно мислење.

Званичната одлука се носеше на републичко ниво од страна на орган кој во тој момент го водеше Господинот Сретен Акимовски. Мојот претпоставен пријател, другар Нико, цело време го пратеше овој процес кој траеше 8 месеци.
Постапката беше завршена, документот за мое заминување чист, меѓутоа од неразбирливи причини за мене се држрше во фиоката на тогашниот претседател Акимовски.
Неговата секретарка Сека која покасно разбрав дека е мајка на Љубомир Фрчковски, одигра мошне значајна улога, известувајќи ме дека документот е стигнат и дека треба да најдам начин како тој да излезе на виделина. Не размислував долго, веднаш се најавив кај Нико кој веднаш ме прими, му го објаснив проблемот и тој за 2 дена го доби решението на рака, му даде насоки на неговиот возач Наско веднаш да заминам за Полска. Заминав без да го споделам тој убав чин со моите колеги, бидејќи раководството на тогашниот Технометал Вардар сѐ уште немаше дадено амин за мое заминување.

Мојот мандат, како делегат во претставништвото во Полска беше турбулентен и многу успешен. Научив, навистина многу научив. Во прометот со тогашна Република Полска Технометал Вардар беше најсилната фирма, со еден збор беше закон. Тоа се годините кога Тиквеш Кавадарци гигант меѓу винарските комбинати во тогашна Југославија извезе преку 3000 цистерни наливно вино и стана главен координатор меѓу тогашна СФРЈ и Полска во правењето на робните листи, поврзани со оваа индустрија. Местото на Тиквеш, во тие години исклучиво го должи на еден, за мене најголемите стопанственици во тогашната СФРЈ, помошник генералниот директор на Македонија Табак ,Данчо Шутурков”.
Нико за време на целиот мој престој во Полска и после моето заминување од Технометал Вардар никојпат не престана да ме вика ,,мое дете”. Горд на моите успеси беше дел од прекрасната приказна наречена животен пат.

Нико не е веќе меѓу нас, меѓутоа неговиот лик, неговиот топол и секој пат искрен приод кон нештата, за мене е синоним кој вечно ќе остане во мојата меморија.
Почитувани пријатели, другарите и пријателите стекнати уште од детство се една димензија од мојот живот. Другата димензија, која го обликува во целост мојот живот, се токму личности како Нико Палилгора. Имам мотив и порив да си дозволам во моите идни колумни да пишувам токму за нив.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close