Мојот судир со партиските митови
Човечката суета е најголем непријател на човештвото
Суета, сѐ е само суета…

Почитувани читатели, веќе дадов мое лично видување за местото и улогата на двајцата наши бивши премиери. Бидете убедени дека ги има многу повеќе. За било која власт, од осамостојувањето на нашата држава, постои сомнеж за инкорпориран криминал, корупција, дури и предавство.
Пишував за премиерите Груевски и Заев. Едниот го карактеризирав како побегуља, а другиот како криминоген премиер и предавник.
На социјалните мрежи бев нападнат од несвесните или невоспитани поддржувачи на партиите ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Бев вчудовиден од грдите зборови на моја сметка, бидејќи сум се дрзнал да ги нападнам нивните партиски икони за докажаните злостори кон нашата држава, како и на нас граѓаните.
Ме зачудија коментарите кои што директно или индиректно влијаат врз нас граѓаните дека криминалот и корупцијата се наше секојдневие и реалност. Да се биде криминалец многумина го сметаат како озаконет занает и дејност во нашата држава.
Во коментарите на моите сограѓани на социјалните мрежи бев нападнат дека и јас сум сторител на криминални дејности во нашата татковина.. Ги споменуваа: Порцеланка, Кермес, Еуростандард банка и Технометал- Вардар.
Како човек сакам да одговорам на секој невоспитан и недоличен коментар. Не возвраќам во моите одговори со навреди и улични погрдни зборови, туку напротив, се трудам да го вратам мојот заталкан сограѓанин во реалноста, бидејќи за сите нас, граѓаните во Република Македонија, заеднички именител ни е како живееме и како треба да живееме во иднина.
Почнав самиот себе да се анализирам во што е мојата грешка кон мојата татковина и моите сограѓани.
Никогаш немам посегнато по нешто туѓо и не дај Боже да бидам вовлечен во криминал и корупција. Тоа е во мојот карактер кој со години се доградувал и денес се чувствувам многу горд на него.
Во изградбата на мојот карактектер најголемо учество имаше домашното воспитување, образованието од основно, средно и високо и секако, моите другари од детство со кои другарувам и денес.
Искуството, работејќи надвор од Македонија полни 30 години, е моќен сегмент во креирањето на мојот карактер. Живеејќи и работејќи надвор од мојата татковина научив што е државен и правен систем за функционалност и просперитет на државата, несомнено најсилен сегмент е владеење на правото и правдата за секој поединец. Научив што се компромиси и уцени за да не ги прифаќам кога е во прашање правдата.
Денешната моја татковина има државен систем, кој за жал не е функционален од причини кои токму ја засегаат вистината за нештата со кои секојдневно се соочуваме и никако да си го подобриме нашиот живот.
Од сите бивши ЈУ републики и држави на Балканот останавме последни не само на Балканот туку и во цела Европа, како држава и како граѓани со изгубена почит од нашите соседи, ЕУ заедницата, па и светот.
Убеден сум дека во Македонија има високо интелектуални личности со знаење и силни карактери кои можат да направат многу доблести за нашата заедница, држава и нашите сограѓани. Жално е што таквите луѓе и поединци денес се маргинализирани од актуелниот политички менаџмент, за да не им ,,пречат” на таканаречените лидери.
Дали имаме вистински лидери во Македонија?
Ова е прашање за кое што треба секој поединец да се запраша.
Неодамна дадов коментар за изјавата на Милошоски во поглед петгодишниот план изработен од ВМРО-ДПМНЕ за иднината на Македонија. Го поздравив овој чин, како далекусежен за нашата иднина, меѓутоа упатив порака дека за вакви програми врзани за нашата иднина треба да се вклучат сите политички субјекти и заеднички да се изготви програма од која нема отстапување, без оглед кој политички субјект да е на власт.
Ова е базичен услов за наш вистински просперитет. Сведоци сме дека нештата наследени од претходната влада се маргинализираат и се ставаат под килим. Такви примери имаме илјадници. Зошто? Од тие причини ние градиме автопат Кичево-Охрид полни 17 години, а во модерниот свет ваква капитална инвестиција се завршува за неполна година.
И денес имаме ,,наследства” така наречени авети од бившите влади. Во УКИМ и денеска зјаат отпочнати и незавршени градежни објекти. Коритото на Вардар во Скопје е изобличено поради болните желби на нашите бивши премиери и влади.
Бидете убедени, има подобри идеи како да се изгради ова речно корито, меѓутоа тие идеи не допираат до личности кои го креираат нашето секојдневие. Јас сум типичен пример, жртва на туѓи суети кон многу мои идеи и дела кои што требаше да се направат за доброто на граѓаните на Скопје.
Проектот „Трамвај” доколку се продолжеше со неговата реализација, денес, Скопје ќе беше сообраќајно многу послободен град, бидејќи сообраќајниот хаос владее низ улиците на Градот Скопје. Не само што не се отпочна со проектот „Трамвај” туку истиот и се уништи, иако беше финален проект за првата делница од Лисиче до Центар и назад, со утврдено депо за 48 композиции, утврдена трамвајска траса и трамвајски станици.
Овој проект денес е избришан од документацијата на Град Скопје.
Заклучувам, дека ни пропаѓаат убавите проекти за нашата иднина, а криминалот не пропаѓа.
Дали некој ќе се залага сериозно за ова битно прашање, бидејќи во 2007 година овој проект го чинеше градот 1,5 милиони евра, а денес истиот овој проект ќе го чини минимум десет пати повеќе.
Почитувани читатели, карактерната особина кај секој поединец е фундаментот на кој што треба да внимаваме. Поединци со надградено знаење и искуство е она што нам ни треба да биде носител на иднината за сите.
Јас продолжувам со мојата слободоумност, личната перцепција и разбирање како треба да го градиме ова наше општество. Многумина мои сограѓани ме убедуваат да формирам нов политички субјект. Се работи за тешка одлука, меѓутоа ако тоа е потребно тоа ќе го сториме кога е во прашање иднината на нас граѓаните во Република Македонија, нашите идни семејства, идни поколенија и стабилноста на државата.
Трифун Костовски






