Мојот татко Тодор

Почитувани читатели, ќе си земам  слобода да пишувам за моите родители. Колумната ја посветувам на мојот починат татко Тодор. Секако дека ќе следи  колумна и за мојата почината мајка Олга.

Роден сум во Скопје, во некогашното Ново маало, кое го красеа индивидуални куќи со мали дворови  Животот, а посебно соживотот меѓу жителите беше високо социјализиран.
Локацијата на Ново маало е во денешена општина Центар, опкружено со објектот на Црвениот крст на Македонија, здравствената амбуланта на РСВР, сообраќајната полиција и основното училиште ,,11-ти  Октомври”
По маалските улици немаше бетон или калдрма. Ново маало  речиси до 70-те години од минатиот век немаше бетонизација. Водоводот и канализацијата влегоа во домовите околу 60-те години на минатиот век. Новомаалците умееја да кажат дека при секоја посета на тогашниот претседател на ФНРЈ и СФРЈ, Ј.Б. Тито, набрзина ќе се направеше по некоја асфалтна патека, со цел да се долови  поурбан изглед.
Се молевме на Господ,  посетите на тогашниот претседател Тито да бидат што почести.
Потеклото на мојот татко Тодор по таткова линија е од селото Бардовци, од големото семејство на Ивановци,  кои во почетокот на 19 век при големите преселби на народите на Балканот се населуваат во селото Бардовци на покана од тогашниот Ага, доаѓајќи од Вучитрн, денешно Косово.
Семејството располагало со огромен сточен фонд на овци, крави, биволи и биволици. Запишано е во книгите на семејството Ивановци дека донеле во Бардовци 40 биволици. Агата им доделува имот, необработена земја со цел да се работи на неа.
Мајката на мојот покоен татко, Неда, родена во село Булачани, Скопска Црна Гора, потекнува од семејство кое што се занимавало со земјоделие и сточарство.
Семејството на мојата баба со векови живееле на своето огниште. Не паметам дека тие се доселиле од некаде.
Татко ми е роден 1912 година во денешна Топаана, бидејќи мојот дедо Трифун, оформил семејство со мојата баба и се иселиле од Бардовци. Топаана е само неколку километри одалечена од Бардовци.
Виорот на Балканските војни го погоди семејството на мојот покоен татко, бидејќи мојот дедо Трифун насилно е регрутиран од Бугарите, во периодот кога мојот татко  бил во седмиот месец во утробата на мојата баба Неда.
Од моментот кога мојот покоен дедо е регрутиран, за него се губат секакви траги или пак информации за тоа каде бил однесен, дали загинал или останал жив, дали е закопан и каде  е закопан…
Кумовите на моите родители се држеа до семејните традиции, и  јас го добив името на мојот покоен дедо Трифун.
Животот на мојата баба Неда бил пеколен. Како самохрана мајка во тие времиња немала помош од никого и била маргинализирана од средината полна предрасуди.
Мојот татко ја почувствувал тешкотијата да се биде сирак и да се расте покрај самохрана мајка. Токму овој дел од животот на мојот татко беше исполнет со неговата силна посветеност кон семејството, особено кон нас децата. Јас и мојот брат Стефан бевме воспитувани имаше во  силен спартански дух и од најмала возраст најбитна ни беше чесноста.
Од својата  петгодишна возраст, татко ми се бавел со сточарство, пасејќи ги кравите и биволиците низ тогашните јараци, каде честопати ја преспивал ноќта. Добро ја научил лекцијата како е да се живее без татко, столб и поддршка на семејството, па  умееше на мојата покојна мајка да ѝ каже: „Олга не ги разгалувај и милувај децата додека се будни, милувај ги додека спијат”. Ваквиот приод на воспитување од денешен аспект е можеби груб,  меѓутоа животното искуство го научи мојот татко како треба да се воспитува сопствените деца.
На почетокот од 50-те години на минатиот век мојот татко Тодор ќе се разболи од туберкулоза. Воден од помислата дека и ние, неговите деца ќе ја имаме истата судбина како и тој, направи голем чекор. Го продаде сиот земјен имот за да купи само 3 инекции пеницилин кои му значеа спас. Беше силен во неговата желба неговите деца да  имаат татко.
Со мојот брат завршивме факултети, што татко ми го направи исклучително горд. Заедно со брат ми нѐ водеше цел живот низ патеките кои што од нас направија стамени личности. Крадењето и коцкањето за него беа опасности кои што треба  да се подалеку од едно чесно семејство Никогаш не  ни дозволуваше да висиме по тарабите на тогашните голубари. Чувството за нашата национална припадност тој ни ја втемели во корен. Ќе дадам  еден мал пример што  значи тоа
Во бившата ФНРЈ, СФРЈ,  фудбалскиот клуб Вардар беше синоним за македонската фудбалска гордост.
Учејќи и растејќи во бившата ФНРЈ, СФРЈ како навивачки „фанатици” во фудбалот, многумина од моите другари навиваа за клубови надвор од Македонија, како Црвена звезда, Партизан, Динамо -Загреб, Хајдук- Сплит, Сараево… Тој умееше да нѐ собере и да ни каже: „тие клубови си имаат свои навивачи во сопствените места, а вие треба да навивате за Вардар и останатите македонски клубови како Пелистер, Победа, Љуботен, Беласица, Кожув… Тоа е вашиот фудбал и така треба да си го негувате.„
Во семејниот живот од моето детство се  живееше со една плата. Објективно едвај врзувавме крај со крај. Мојот татко работеше во војната болница како обичен службеник, но многу почитуван од сиот здравствен персонал во болницата. Почитта која што тој ја имаше од вработените ја почувствував на личен пример. На своја 18 годишна возраст за време на новогодишните празници, ми прсна чирот на дванаестопалечното црево. Бидејќи се работеше за внатрешно крварење, беше неопходна операција. Хирургот, доктор Иво Младениќ кога разбра дека  треба да го оперира синот на Тодор го напушти дочекот на новата година и веднаш ме стави на операционен стол.
Неговите зборови и денеска ги паметам. Додека лежев на операциониот стол тој му кажа на татко ми: „ Тошо ти си светиња у Војној болници, за ђу   све да учиним”
Хуманата димензија на мојот татко беше поголема и од мојата. Се сеќавам како дете кога на нашата врата тропна човек кој бараше материјална помош за да си ја спаси сопствената сопруга. Мојот татко направи чин кој што заслужува пиетет на неприкосновен  хуманист. Немавме пари да му помогнеме, го замоли господинот да го послужиме со слатко од смокви, а тој отиде да позајми пари од неговиот вујко. Му ги врачи парите и тој си замина.
Човекот на кој му помогна мојот татко, по име Стојан, секоја година за ден Велигден доаѓаше во нашиот двор за да искаже благодарност.
Мојот татко и денес живее во мене со својот дух и дело. Ќе го паметам како строг, праведен, многу разборит и хуман човек.

Трифун Костовски

Back to top button
Close