Мојсоска: Не спие обвинителството само во Чаир – ОЈО Струга е во длабок сон
Бесправно изградениот објект во старата чаршија на Струга веќе најавува „свечено отворање“, Основното јавно обвинителство во овој град со месеци не презема ништо, нагласува пратеничката од Левица, Јована Мојсоска. Таа вели дека веќе поднела неколку официјални поднесоци за стопирање на градежните активности, но обвинителството останува глуво и немо.
„Не спие обвинителството само во Чаир – ОЈО Струга е во длабок зимски сон!“, предупредува Мојсоска во јавна објава, додавајќи дека со решение од овластен градежен инспектор е утврдено дека станува збор за бесправна градба. Сепак, одговорот од инспекторатот не потврдил дали при тоа се узурпира и државен имот, што дополнително ги продлабочува сомнежите за прикривање на незаконското постапување.
Мојсоска посочува дека на 16 ноември минатата година до Основното јавно обвинителство во Струга поднела барање за изрекување на привремени мерки, запирање на градежните активности, отстранување на бесправниот објект и забрана за понатамошно градење. На 16 декември, пак, поднела и официјална кривична пријава за делото „Бесправно градење“. И покрај тоа, речиси седум месеци подоцна, од Обвинителството нема никаква реакција.
„Рокот за постапување е три месеци. Поминаа повеќе од шест, а одговор нема. Сега веќе поднесов и претставка до Вишото обвинителство во Битола поради неажурноста на ОЈО Струга. Ќе барам и официјален одговор кој е конкретниот јавен обвинител што ја кочи постапката, одговорноста мора да има име и презиме“, истакнува Мојсоска.
Пратеничката најавува дека нема да се откаже од случајот и укажува дека институционалната неажурност може да доведе до несогледливи последици: „Колку трагедии треба да се случат за оваа привилегирана обвинителска каста да ги напушти своите удобни фотелји и да почне да постапува?“, прашува таа.