Мојсовски: Георгиевски освои сребро, но за нас тој е златен

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, поттикнат од големиот успех на Дејан Георгиевски, Наумче Мојсовски ќе се заложи во блиска иднина боречките спортови да добијат свој дом и со тоа значително да се подобрат условите за работа на македонските спортисти.

– Георгиевски сите нас не направи горди. Тој во еден ден, за само неколку часа совлада неколку фаворити. Чест ми е што Република Македонија во Токио имаше спортска делегација високо мотивирана, која даде се од себе. Сакам да му честитам и да му посакам уште многу успеси. Освои сребро, но за нас Дејан е златен. АМС со иста мотивација ќе го поддржува и понатаму. Од наша страна дефинитивно ќе заземеме друг став за боречките спортови. Наша заложба ќе биде во иднина сите боречки спортови да си добијат свој дом и подобри услови од аспект на опрема, сали и слично. Се надевам дека нивните проблеми и пехови заеднички ќе ги решиме, истакна Мојсовски.

За големата поддршка која ја добиваат од Агенцијата за млади и спорт, се заблагодарија медалистот Георгиевски и неговите тренери Дарко и Борче Костовски.

– Благодарност до АМС и до цел народ во Македонија. Додека беше натпреварот не користев многу социјални мрежи. Мојот тим ми кажуваше што се случува тука, за еуфоријата. Се надевам дека во Париз 2024 ќе имаме повеќе претставници и повеќе успех. Им посакувам на останатите македонски претставници во Токио многу успех, рече Георгиевски на прес-конференцијата во АМС.

Повеќе успех и повеќе медали во таеквондо од следните Олимписки игри најави Дарко Костовски.

– Мојсовски во минатото беше врвен спортист. Тој многу на време го препозна потенцијалот на Дејан и ни пружи безрезервна поддршка. Поздрав и до Олимпискиот комитет и до сите наши спортисти што се таму. Се надевам дека ќе освоиме уште некој медал. Дејан вети златен медал, за жал не освои злато, туку сребро, но со златен сјај. Русонот што го победи Дејан е Роналдо во таекводно. А Деки е рамо до рамо со него. Сега сакам кажам дека од Париз ќе донесеме злато, а можеби и повеќе медали од таеквондо турнирот на следните Олимписки игри. Имаме сериозна генерација која може да не однесе до височините, истакна Дарко Костовски.

Неговиот брат Борче зборуваше за психолошкиот притисок којшто го чувствувале во тимот на Георгиевски.

-Притисокот беше силен, мотивот уште посилен. Направивме историја. Тоа што го направивме во Токио ќе биде испишано со златни букви во историјата на македонскиот спорт. Фала му на Господ што го имаме Дејан во нашите редови.

Централната прослава за освоениот сребрен медал на Олимпијадата во Токио ќе се одржи вечер во 19:30 часот на Плоштад Македонија.

Back to top button
Close