Мојсовски и Димевски тврдат дека против нив се води хајка – невиноста, велат, ќе ја докажат пред судот

„Со големо задоволство ќе соработувам со судот каде мора да дојдеме до вистинските заклучоци и при тоа да не оставиме простор за понатамошни шпекулации и инсинуации“, напиша во својата реакција претседателот на Македонскиот олимпски комитет (МОК)

Актуелниот директор на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсовски целосно ги отфрли обвинувањата за залоупотреба на ваучер системот, за кои вчера, како што информираше републичкото Јвно обвинителство е поднесен обвинителен предлог против 12 лица, меѓу кои е тој.

По информациите за поднесеното обвинение, Мојсовски се огласи на социјалните мрежи, наведувајќи дека ги смета за тенденциозни “мистериозно” протечените информации во јавноста“.

Тој на неговиот фејсбук-профил напиша дека очекува транспаретна постапка во која ќе целосно ќе се потврдат неговите тврдења.

„Очигледен е и тајмингот и намерата. Очекувам транспарентна постапка во која моите тврдења целосно ќе се потврдат, а ќе докажат дека токму оваа хајка во јавноста против мене е само алатка за заплашување пред вториот круг претседателски и парламентарни избори. Моето име е изградено од вредна работа и огромен придонес за македонскиот спорт. Како спортист роден во мал град, Струга, отсекогаш сум работел чесно и вредно сѐ со цел унапредување и зајакнување на домашниот спорт. Со гордост сум ги бранел боите на Македонија и со гордост работам на поддршка на сите македонски спортисти. Македонија е демократска држава и како таква функционира во изминатите седум години, кога заплашувањата, уцените и јавните лични линчувања се минато“,напиша Мојсковски на Фејсбук.

Актуелниот претседател на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски, кој, исто така е опфатен во обвинителниот предлог, како поранешен член на Централната комисија на Агенцијата за млади и спорт за распределба на т.н. спортиски ваучери, во реакција до јавноста вели дека со големо задоволство ќе соработува со судот каде мора, како што додава, да се дојде до вистинските заклучоци и да не се остава простор за понатамошни шпекулации и инсинуации.

„Информиран сум дека од страна на обвинителката Лидија Раичевиќ е поднесен обвинителен предлог против мене за наводно несовесно вршење на службата во својство на член на Централната комисија за ваучери во 2020 година. За мене очекуван чин кој е круна на напорите на гореспоменатата обвинителка која истовремено отвори истрага и за одржаното Изборно Собрание на МОК како што и пројави посебен интерес за неколку останати спортови со посебен афинитет кон пливањето. Со големо задоволство ќе соработувам со судот каде мора да дојдеме до вистинските заклучоци и при тоа да не оставиме простор за понатамошни шпекулации и инсинуации. На крај, моето совесно или несовесно работење е константно на увид и оценка на спортските федерации, клубови и спортисти кои најдобро знаат колку мерката ваучер и јас лично сум им помогнал во секоја прилика без исклучок. Затоа веројатно и ја уживам нивната безрезервна поддршка сето ова време“,пишува Димевски во реакцијата.

Во неа тој информира и дека од Советот на јавни обвинители побарал да биде оценето постапувањето на обвинителката со детално образложение за, како што вели, непримерниот и непрофесионален однос, спротивен на кодексот на обвинителската функција.

Како неосновани и тенденциозни наводите на Обвинителството ги отфрли и актуелниот пратеник од СДСМ и поранешен директор на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Дарко Каевски, кој, исто така, е едно од лицата против кои е поднесен обвинителниот предлог.

Каевски изрази сомнеж дека мотивите за ваквата постапка на Обвинителството се можеби злоупотреба на изборната кампања поради тоа што, како што вели, вештачењето кое е од 25 април годинава, односно ден по одржувањето на првиот круг од претседателските избори, а предлогот е доставен три работни дена подоцна.

Иницијативата по овој предмет до Јавното обвинителство претходниот состав на Антикорупциската комисија ја поднесе на почетокот на февруари минатата година поради сомневања дека директорот на Агенцијата и членовите на Централната комисија во 2020, 2021 и 2022 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури, извршиле распределба на средства, со што го оштетиле буџетот на државата, но и лицата што имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени.

Back to top button
Close