Моџтаба Хаменеи го засилува воениот врв: Мохсен Резаи именуван за главен советник
Новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хаменеи, го назначи поранешниот командант на Корпусот на револуционерната гарда Мохсен Резаи, за свој воен советник, јавија иранските медиуми.
„Генералот Мохсен Резаи е именуван за воен советник по наредба на врховниот командант, ајатолахот Моџтаба Хаменеи“, објави агенцијата „Мехр“. 71-годишниот Резаи беше на чело на Гардата од 1981 до 1997 година, по што заземаше високи политички позиции во земјата.
Моџтаба Хаменеи беше избран за врховен лидер по смртта на неговиот татко, кој беше убиен на првиот ден од израелско-американските напади на 28 февруари. Овие напади предизвикаа војна која го зафати целиот регион на Блискиот Исток. Иако Моџтаба беше ранет на првиот ден од војната, неговата канцеларија соопшти дека државните функционери назначени од неговиот татко треба да продолжат со извршување на своите должности.






