Моделот на Данска за мигрантите – инспирација за Британија

Најуспешниот модел во Европа за одвраќање на мигрантите е оној на социјалдемократската премиерка на Данска, Мете Фредериксен. Неговите резултати се подобри од сите политики на десницата. Пишува Љупчо Поповски
Во двонеделната остра расправа околу можното примање на одбиени баратели на азил во Британија во Македонија, резолуција и контрарезолуција, се слушаа и толкувања за идеолошкиот пристап на левицата и десницата околу мигрантите. Во таа жестока размена, премиерот Христијан Мицкоски и други првенци од ВМРО-ДПМНЕ тврдеа дека на левицата, претставена од СДСМ, политички не ѝ доликува да шири такви приказни за мигрантите, затоа што и идеолошки и политички таа е поџенерозна кон оние што ги напуштиле своите татковини од различни причини. И дека тврдиот став кон мигрантите е одлика на десницата.
Тоа, генерално, така изгледа во политиката. Но како што работите во политиката драстично се менуваат во последниве десетина години, така и оваа општа идеолошка поделба веќе не важи. Постулатите во идеологиите – од социјалната економија и заштита, привлекувањето на работниците кон политичкиот камп, зелената енергија – веќе се измешани меѓу левицата и десницата.
Мигрантите се клучна тема речиси во сите земји на Европа, заедно со потрагата како да се одговори на овој проблем. Во идеолошкиот карусел повеќе земји од ЕУ, а и Велика Британија, своја инспирација гледаат во цврстата политика спрема мигрантите на социјалдемократската влада на Данска и нејзината премиерка Мете Фредериксен. Како Фредериксен, која ја води Данска од 2019 година, постигна успех во сузбивањето на миграцијата и сега Британија, Холандија, Германија и Шведска го проучуваат начинот на кој Копенхаген успеа да го запре мигрантскиот бран?
Политика на одвраќање
Мете Фредериксен ја собори централно-десничарската влада откако падна поддршката за крајно десничарската Данска народна партија (ДПП) и Либералната алијанса. Таа тогаш рече дека сака да го намали бројот на баратели на азил во Данска на нула. Таа не стигна до нула во овие шест години, но успеа да го намали бројот на баратели на азил на речиси занемарливи бројки.

Затоа политиката на британскиот премиер, лабуристот Кир Стармер, за справување со огромниот број баратели на азил (кои главно пристигнуваат преку малите бротчиња и чамци преку Ламанш) не е инспирирана од десницата, туку моделот го гледа во левичарската Данска. Британската министерка за внатрешни работи, Шабана Махмуд, неодамна испрати претставници во Копенхаген за да истражат какви се тие дански политички тајни за решавање на овој проблем. И како политиките на Мете Фредериксен им го одзедоа кислородот на крајно десничарските партии по едно од нивните најзначајни прашања.
Кога и како почнаа да се спроведуваат овие политики на „одвраќање“ и зошто ограничувањето на имиграцијата, всушност, стана предуслов за одржлива држава на благосостојба?
Патот за Фредериксен го отвори нејзиниот претходник, Ларс Локе Расмусен, кој тогаш беше лидер на централно-десничарската партија Венстре, а сега е министер за надворешни работи. Промената на дозволите за привремен престој од 2015 година дојде под негов надзор, како и „промената на парадигмата“ од 2019 година, низа правила што ги фокусираа официјалните политики и реториката на репатријација, а не на интеграција. Сега мигрантите се плашат да ја изберат Данска за своја нова татковина. Данска се обидува да им го отежни животот на барателите на азил толку многу што тие претпочитаат да не дојдат воопшто.
Расмусен, кој во 2015 година ја водеше владата, прво го направи статусот на бегалец привремен, а не траен. Пред 2015 година, бегалците можеа да останат во Данска пет години, по што нивните дозволи за престој автоматски стануваа трајни. Сега, дозволите за престој траат само една или две години, а бегалците мора да чекаат осум години пред да можат да аплицираат за траен статус. Дури и тогаш, тоа не е загарантирано: бегалците мора течно да зборуваат дански и да имаат работа со полно работно време неколку години.
Потоа, Данска им го отежна максимално обидот на бегалците да им се придружат членови на семејството. Тој што е во Данска и оној што сака му се придружи мора да имаат 24 години и повеќе и да имаат положено тест за дански јазик. Бегалецот не смеел да бара владини бенефиции во последните три години, а мора да даде и финансиска гаранција.
Стариот модел за миграцијата е креација на повоената европска средина. Конвенцијата на Обединетите нации за бегалци од 1951 година се однесуваше само на Европа и имаше за цел да ги насели бегалците од војната – првенствено Евреи кои го преживеале Холокаустот, етнички Германци протерани од Источна Европа и дисиденти кои бегаа од советските режими. Договорот беше проширен во 1967 година за да се применува универзално, делумно за искупување на колонијализмот.
Но, ширењето на конфликтите и климатските катастрофи – заедно со евтините патувања, зголемените стапки на писменост и леснотијата на онлајн комуникацијата – стави огромен притисок врз повоената архитектура на азилот. На крајот од минатата година, 123 милиони луѓе низ целиот свет беа насилно раселени според ОН, во споредба со околу 44 милиони луѓе во 2010 година.
Освен што е фалена, Данска е критикувана за нејзината политика за „гета“ (сега наречени „паралелни општества“), која ѝ дозволува на државата да продава или урива станбени населби каде што повеќе од 50 отсто од жителите се од „незападно“ потекло. Добронамерно толкување на законот за „гето“, воведен во 2018 година, е дека ја поддржува интеграцијата со охрабрување на луѓето од различно потекло да живеат заедно, а не само еден до друг. Според некои врвни претставници од ЕУ тоа претставува дискриминација врз основа на етничко потекло.

Имаше и други критики. Според таканаречениот „закон за накит“, властите можат да запленат имот во вредност од над 10.000 дански круни (околу 1.400 евра) за да помогнат во покривањето на трошоците за поддршка за азил. Мерката беше применета само 17 пати во текот на првите шест години, но сè уште има темни историски резонанции, при што некои прават споредби со конфискациите на вредни предмети од страна на нацистичкиот режим.
Ова изгледа сурово, но премиерката Фредериксен е убедена дека бројките ја потврдуваат исправноста на нејзината политика. Во 2014 година, Данска им додели статус на бегалец на 6.031 лица. До 2019 година, таа бројка се намали на 1.737.
Во исто време, има поголем број дозволи за престој отколку пред 30 години. Но, огромното мнозинство од нив им припаѓаат на студенти и работници, а не на бегалци. Од 99.811 дозволи за престој што Данска ги додели минатата година, само 859 им припаднаа на баратели на азил – помалку од 1%.
Така, со текот на времето, ова ги одврати бегалците од барање азил во Данска. Во 2024 година во Данска имало четири нови барања за азил на 10.000 луѓе, во споредба со 16 на 10.000 во Велика Британија и 20 на 20.000 за Европската унија како целина.
Да се преживее во популистичката ера
Сето ова го направи пристапот на Данска нешто како модел за другите центристички, па дури и левичарски ориентирани влади кои се надеваат дека ќе преживеат во популистичка ера.
Но неодамна партијата на Фредериксен лошо помина на локалните избори, губејќи ја контролата врз главниот град Копенхаген за прв пат по повеќе од еден век. Многу гласачи во градот ги напуштија социјалдемократите и гласаа за полевичарска партија, од каде доаѓа новиот градоначалник. Една од главните причини за поразот во Копенхаген беше големата криза со домувањето и цените на кириите. Некои аналитичари сметаат дека на тоа се додаде перцепцијата во космполитскиот Копенхаген и неговата прогресивна урбана база дека имиграциските политики на владата се сурови и расистички. Кои имаат свои реперкусии и врз чувствата на легалните имигранти кои таму се со години, па и децении.
Намалувањата на социјалните бенефиции за барателите на азил веќе доведоа до зголемување на бројот на бегалци кои живеат во сиромаштија, според еден дански експерт за имиграција, што придонесе за зголемување на криминалот и полоши резултати во образованието.
Критичарите велат дека намалувањето на бројот на мигрантите има своја цена – за угледот и чувството за себе на Данска. Вклучувањето на популистичките десничарски идеи во централнолевичарската политика, според нив, ги изеде некои од идеалите по кои Данска е меѓународно најпозната.
Мете Фредериксен е прилишно умешна политичарка и пресметува дали ова намалување на миграцијата со драстични методи на крајот ќе ѝ ја изеде политиката. Идната година се парламентарните избори и таа веќе навести дека некои од овие политики постепено ќе се менуваат за да не ја отуѓи дополнително прогресивната база од нејзините социјалдемократи. Ублажувањето на политиките за азил доаѓаат во времето додека повеќе земји од Европа бараат инспирација во досегашната нивна тврдокорност.
Примерот на Шпанија
Како што нивното население старее, сите европски земји, вклучително и Велика Британија, се соочуваат со растечка дилема. Ним им недостасува работна сила, им недостасуваат луѓе. Нивните економии очајно имаат потреба од одредена имиграција. Од друга страна, популистички десничарски партии јаваат токму на бранот дека се борат да не доаѓаат луѓе од земји со различно етничко потекло.
Има и поинакви примери. Шпанија привлече милиони мигранти, за нив го отвори пазарот на трудот и ги вклопува во општеството. Олеснителна околност за Шпанија е што најголемиот дел од нив доаѓаат од Латинска и Јужна Америка од култура (благодарение на колонијализмот) која е блиска на шпанската. Истиот јазик игра една од клучните улоги.

Во 2024 година, Шпанија беше домаќин на 7 милиони странски државјани со важечки документи за престој. Мигрантите оставаат белег во претприемништвото. Тие сочинуваат околу 16 проценти од сите самовработени работници во Шпанија. Според шпанското министерство за социјално осигурување и миграција, странските работници пополниле приближно 45 отсто од новите работни места создадени во земјата од 2022 година, а приливот на мигрантска работна сила ѝ помогна на Шпанија економски да го надмине поголемиот дел од Европа.
Неколку фактори го разликуваат пристапот на Шпанија од некои од нејзините европски соседи. Најочигледниот заеднички фактор е заедничкиот јазик и културната блискост што мигрантите што зборуваат шпански го носат во земјата. Оваа заедничка карактеристика ги намалува културните и административните бариери за интеграција и помага да се објасни зошто латиноамериканските мигранти релативно брзо се трансформираат во стабилно вработување и правен статус во Шпанија.
Но, само јазикот не е доволен. Правната и политичката средина на Шпанија, исто така, еволуираше за да биде пофлексибилна и се стреми да ги земе предвид реалностите што ги доживуваат луѓето на терен. „Планот Греко“, меѓу другите политики воведени во 2000-те, имаше за цел да го олесни вклучувањето на странските работници во шпанската работна сила со тоа што ќе го олесни добивањето работна дозвола и ќе ги признае новите дигитални бизнис модели.
Дали шпанскиот модел може да биде образец за Европа?
Тешко. Секоја земја живее во свој културен и општествен контекст, а целосната репликација може да биде комплицирана, невозможна или непожелна за другите земји од ЕУ. Затоа што малку европски држави ги имаат историските врски на Шпанија со големо, културно и јазично усогласено мигрантско население.






