Моето детство во Гевгелија

Почитувани читатели, денеска ќе споделам дел од моите сеќавања за поминатото детство во Гевгелија. Генезата за мојата врска со Гевгелија е мојата покојна мајка која е родена, израсната и со себе ги донесе во нашиот заеднички дом во Скопје, сите особини кои го красеа овој крај, а посебно луѓето од овие краишта. Животот во Скопје во основа беше тежок, меѓутоа за нас децата, многу убав. Немавме летувања по мориња или езера, бидејќи материјалните можности на нашите родители тоа не го дозволуваа и од тие причини летата ги поминував во домот од родителите на мојата покојна мајка или нејзините браќа и сестри во Гевгелија. Мојата љубов кон Гевгелија и гевгеличани е многу силна. Од своја 5-та, па до 18-та година летата ги поминував во родниот крај на мојата мајка. Многумина од моите другари во Гевгелија ме чувствуваат за гевгеличанец, бидејќи изворно го говорам гевгелискиот дијалект и ги познавам и практикувам традиционалните обичаи од тој регион, а кога сме веќе кај дијалектите сакам да споделам со вас една моја лична перцепција. Македонскиот литературен јазик е еден од најубавите меѓу сите словенски литературни јазици, меѓутоа македонскиот јазик својата убавина ја црпи токму од дијалектите кои денеска постојат во Република Македонија, а тоа се кумановски, тетовски, дебарски, охридски, битолски, прилепски, кавадаречки, гевгелиски, струмички и малешевски. Токму во овие дијалекти е моето јазично богатство. Низ детството поминато во Гевгелија заклучив дека овој крај од егзистенцијален аспект секојпат се движел во насоки кои го диктирале времето. Честопати како деца си игравме пред старата свиларница во самиот центар на Гевгелија, која била изградена во 20-те години од минатиот век за производство на свила од суровината свилена буба или на гевгелиски кажано кожурци.

Семејството Караколеви од Богданци од каде потекнува мојата баба Ефка, мајка на мојата мајка Олга, ја донесува свилената буба за одгледување во целиот регион и тоа станува препознатлив знак за Гевгелија и гевгелиско. Со формирањето на ФНРЈ, целиот тој регион станува производител на ориентален тутун и како дете паметам денови, денови поминати во обработката на тутунот со нижењето, сушење, калапење. Со еден збор култура која многу апсорбира човечка рака и за многумина кои денеска се занимаваат со оваа култура имаат тежок живот.

Во раните 60-ти години од минатиот век Гевгелија и целиот тој регион стануваат производители на ран зеленчук, во превод читајте домати. Првите домати на бившата СФРЈ беа произведувани токму во овој регион. Трудот вложен во овој производ е исто така голем, меѓутоа во тие времиња за луѓето кои се занимаваа со оваа култура имаа голема добробит.

Почитувани читатели, јас како дете учествував во сите три егзистенцијални дејности во регионот со мојот детски труд. Многупати се качував по дрвата кои гевгеличани ги викаат црнички да собирам свежи лисја од кои се хранеа свилените буби, бидејќи токму црничките со својот лист беа основната суровина за опстојувањето на овој бизнис. Имам собирано вреќи и вреќи лисја. Процесот на собирање, нижење, сушење на тутун ми е многу добро познат и посебно бев брз во нижење на така-наречената 5-та рака лисја од тутун каде бев прогласуван за првак, а тоа е во основа најмалиот ама и најквалитетниот тутун и како награда добивав коцка шеќер.

Во делот на раниот зеленчук бев веќе навлезен во фазата на мојот пубертет и процесот на одгледување на расад од домат во топли леи, потоа садењето на расадот во нивите и нивното натамошно одгледување и вадење, тоа беа моменти кои останаа длабоко врежани во моето сеќавање. Појавувањето на првите расцветани корени со цвет на домат во почетокот на месец април беа првите знаци дека ќе имаме добар род.

Убеден сум дека токму работното искуство кое го стекнав во најраната возраст и денеска ми е храна во мојот живот. Убавите нешта кои ме врзуваат со Гевгелија се раните петровки јаболчиња, бостанот, зарзалиите или што би кажале ние скопјаните кајсиите, транго сливите на скопски црна слива, смоквите кои секојпат првата смоква зрееше токму на први август, а гевгеличани ја именуваа солунка, грозјето кое ќе се појавеше во втората половина на август месец. Годината ја завршувавме со дуњите и калинките.

Незаборавно ми е гевгелиското корзо, кое беше на 50 метри од куќата на моите баба и дедо. Вообичаено беше во летните жешки денови во попладневните часови противпожарната бригада да ја олади и измие главната улица во Гевгелија и корзото почнуваше во раните вечерни часови. Прекрасен чин за дружење, за социјализација на сите жители во градот. Во сеќавање ми е аеро-клубот каде беа првите зачетоци за едриличарството во тој регион. Кафеаната Задруга, Златното петле, беа симболи на градот. Вечерната музика беше секојдневие за нас. Гостуваа еминентни од тогашните ЈУ простори изведувачи. Како дете се сеќавам на гостувањето во кафеаната Златно петле на трагично починатата Силвана Арменулиќ. Газдата на Златното петле Чонч беше човекољубец и боем во душа.

Сеќавањата на мојот покоен дедо Мицо-Димитар ја покажува неговата димензија на голем човек кој во животот не се плашеше од ништо.

Ќе споделам со вас три моменти од овој за мене голем гевгеличанец.

Љубовта кон мојата баба Ефка ја искажал на многу чуден начин. Со пушка в раце го натерал таткото на мојата баба Ефка да му ја даде. На многумина ќе им изгледа чудно, но на мене ми изгледа многу симпатично. Тој го одбрал најсигурниот пат дека ќе ја добие љубената за жена, бидејќи таа потекнува од богато семејство, а тој од сиромашно. И во тие краишта важи поговорката „СИЛА БОГА НЕ МОЛИ“.

Во поодминати години мојот дедо Мицо секојпат седеше на главната улица и го застануваше секој колски товар кој носеше стока на пазар и доколку му се допаднеше стоката ќе му кажеше сврти ја колата и однеси го товарот кај мене дома, а ние бевме многучлено семејство. Само внуци нашиот дедо Мицо не имаше на број 15.

И последниот негов витален и животен инстинкт кој денеска ме инспирира и ми дава сила да издржам во моите предизвици е следниов момент: лежеше на постела парализиран цели две години. Ситуацијата му се влошува и мојата мајка го повикува единствениот доктор во тоа време д-р Сингер за да му помогне. Резигнирано д-р Сингер констатира дека мојот дедо Мицо нема да ја преживее ноќта, ама мојот дедо тоа го слушнал и на сиот глас му викнал на мајчин ти п***а, јас ќе живеам. Епилог, мојот покоен дедо Мицо живееше уште 7 години.

Почитувани читатели, пријателите од детство стекнати во Скопје и Гевгелија и денеска се мои пријатели со кои се дружам и ги споделувам сите мои радости, таги и веселби.

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close