Молк во Бугарија за можните преговори со Македонија во Хаг

Најавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова дека Австрија е подготвена да разговара за изнаоѓање креативно решение со Бугарија, засега наидуваат на молк во Софија, пишува Дојче веле. Во некои од ретките изјави се повторува веќе слушнатата теза дека Бугарија нема спор со Македонија, а Скопје нека разговора со ЕУ ако има проблем.

Доцент Спас Ташев од Бугарската акaдмија на науки (БАН) вo разговор за телевизијата Бугарија on air вели дека нема никаков сигнал за посредништво од Австрија. Потсети и дека Унгарија претходно изразила подготвеност да посредува меѓу Софија и Скопјe, но не се случило ништо.

„Помина една година, помина и унгарското претседателство – не видов ниту еден збор од унгарска страна во врска со посредништвото (…) Претпоставувам дека и сега ќе биде исто“, изјави Ташев, според кого малку е веројатно дека Австрија се обврзала на таква идеја.

Тој смета дека бугарската дипломатија треба поостро да ги претстави проблемите со Македонија пред европските партнери, но и дека е потребна европска интервенција. Притоа изнесе, досега јавно неслушнати очекувања, поврзани со македонскиот јазик, кој Бугарија не го признава.

„Треба да има таква (европска -н.з.) интервенција. Ја земам како пример Романија. Таа имаше огромни проблеми со Молдавија. Се создаде европски фонд Романија-Молдавија. Романија доби европско финансирање и гледаме како за неколку години во Молдавија веќе се тврди дека официјалниот јазик е романски. Ние сме светлосни години далеку од слично решение кон проблемите со Скопје“, изјави Ташев.

Молдавскиот парламент во 2023 година го преименува молдавскиот во романски јазик. Но, тоа беа чекори кои молдавската влада ги презема за да се ослободи од руското наследство и да не ѝ се случи судбината на Украина, откако во февруари 2023 година Путин го анулираше декретот од 2012 година, со кој Кремљ го гарантира суверенитетот и интегритетот на Република Молдавија.

Back to top button
Close