Moлкот како негативна селекција

Токму (безмалу) ултимативниот предлог за премиер Албанец е актуелен пример без преседан за духот на негативната селекција што клечи врз грбот на македонската демократија. И не е, се разбира, негативноста скриена во фактот што прејудицирано, пред избори, се предлага иден премиер од еден етникум – можел предлогот да биде и за кој и да е’ друг (Турчин, Србин, Ром…) – туку што, прво, сегашниот степен на политички/демократски развој на државата воопшто допушта таква (по)мисла, и второ, што државата/власта (но и јавноста!) експресно реагира на фрлената ракавица.

Поточно, во однос на второто, таа експресна реакција (инаку на место, и со коректен вокабулар) има прилично амбивалентен карактер: дали власта реагира само заради фактот што е директно засегната односно затоа што и таа има такви апетити, или молскавичната реакција треба да ја разбереме како лекција по демократија за актуелниот коалициски партнер? Никако не верувам дека г-динот Ахмети не е/не бил свесен што ќе предизвика со фамозната реченица, ниту пак дека сакал да го опипа пулсот на власта и јавноста. Неговата изјава си има своја цел и таа, веројатно, е постигната. Затоа, многу поинтересни се реакциите!

Но, од друга страна, како власта ги бира темите на коишто ќе реагира? Според нечиј личен избор, според некакви стандарди, критериуми… како? И зошто толку ја погоди спомнатата изјава? Зарем оваа власт воопшто не ја допира твитот на онаа „академичка“? Зарем никој од власта нема што да каже по тој повод? Зашто, ако сакате, каква разлика – суштинска – има меѓу двете изјави? Или, повторно, зарем ни највисоката и по дефиниција најетичката институција во државава викана МАНУ нема што да каже апропо отровно ксенофобичните простотилаци на нејзини членови? Или, зарем власта навистина нема што да каже кога нејзини државни службеничиња водат „висока“ регионална надворешна „политика“ навредувајќи се’ по ред, кога неписмени новинари и  полуписмени главни и (не)одговорни уредници на национални телевизии ви диктираат силеџиска медиумска политика… ? Кога државата и во вакви случаи молчи, тогаш нешто сериозно не е в ред! А тој молк станува – громогласен. Зошто? Бидејќи станува збор за политика laissez-faire, или не замерување со медиуми баш пред избори, или бидејќи резилот го расејуваат партиски пулени, или бидејќи коекакви шалабајзери глумат некакви големи уметници и држат лекции што и како треба да се прави во државава… ? Во случајов молкот е најгласната негативна селекција! Не може, не смее државата да молчи кога целата јавност говори, да не речам вреска. Кога целата јавност бара санкции за криминално однесување, кога бара одговорност за неодговорно постапување, за нарушување на угледот на државата, граѓаните, културата. Не смее државата да биде нема не само пред локалните остатоци на бившиот режим туку и пред неговите странски пулени кои до вчера седеа во скутот на пуфлана и на криминалецон од Будимпешта, а денес ни поттураат под нос некакви нивни поддршки за домашни палјачовци! Држава/власт без став не е држава/власт. Не може нејзиниот молк како став да се „пишува“ во провинциски меани и од неуки луѓе, не смее уличари да го глумат ставот на државата, што пак повторно се сведува на немање став, што остава срамен впечаток, а сите белосветски бараби си играат мајтап со нас. А, од друга страна, експресно да реагира кога ќе биде кажано нешто што директно се меша во нејзините најтесни (лично-политички) интереси!

И тука доаѓаме до претходно спомнатите две важни парадигми на македонската негативна селекција: „Скопје 2014“ и Охрид (како еден вид митска културна престолнина дури и на оваа држава), парадигми за кои државниот молк е најгромогласен ама и најпонижувачки, најболен ама и најотрезнувачки. Знам дека многумина ќе ги сугерираат и актуелните случувања во скопската Чарија, или Куршумли ан, или Аквадуктот, или Курбиното како делови од истиот мозаик. И ќе бидат во право, се разбира, ама Охрид некако ги обединува сите овие. Иако секој од спомнатите си има своја специфична тежина, особено фактот дека покрај толку (наводно) стручни институции во државава скопската Чаршија се „реновира“ од страна на општински власти; или случајот со Куршумли ан за којшто така тајновито се молчи а Министерството за култура ги упатува заинтересираните за организација на некакви културни содржини во тој објект да се обраќаат – до Турската влада, итн.

Сите спомнати примери се врв на смразниот брег викан негативна селекција, а комбиниран со оние фамозни македонски „не“, плус корупција, криминал итн. Дали секое чепкање во нив ќе открие и несакани нешта? Можеби, ама тие секако ќе бидат расчепкани, некогаш. Или – важно е тоа да не биде баш сега?!

Златко Теодосиевски

Back to top button
Close