„Момчето и чапјата“ – уште една визуелно раскошна анимација му донесе Оскар на Мијазаки
Маeстралниот јапонски режисер Хајао Мијазаки го доби својот втор Оскар, овој пат за „Момчето и чапјата“ – приказна за младо момче кое за време на Втората светска војна ја бара својата мајка.
Инспириран од романот на Гензабуро Јошино од 1937 година „Како живееш?“, но во некои аспекти и автобиографска приказна, за „Момчето и чапјата“ при премиерата во Обединетото Кралство, главниот филмски критичар на Гардијан, Питер Бредшо, напиша „мистериозна и шармантна фантазија која се навраќа на класичните теми на Мијазаки – детската болка и тага“.
Мијазаки е еден од неколкуте мајстори на кинематографијата, најпрепознатлив преку рачно нацртани филмови со исклучителен визуелен раскош и убавина. Тие се втемелени на веродостојни млади херои и хероини кои често влегуваат во поинакви светови, како девојката во Spirited Away (2001), која талка во земјата на духовите или младата жена во Howl’s Moving Castle (2004), во куќа која лебди низ времето и просторот, пишува BBC.
Момчето и чапјата, првиот филм на 82-годишниот Мијазаки по деценија пауза, се навраќа на многу нишки од неговата долга кариера, како магичен замок, упади во светот на духовите и тешката реалност на Втората светска војна. Раскажан низ очите на момчето по име Махито, чие патување го носи од бомбардирањето во Токио за време на војната во земјата каде што му се закануваат розови папагали поголеми од него, ова можеби е најобемниот и највешто изрежиран филм на Мијазаки. Ако не е инстантно зачудувачки, тоа е затоа што одвојува време да создаде светови во светови, слоеви под слоеви, за да воодушеви на крајот.
Филмот започнува со звук на сирена и експлозии. За време на Втората светска војна, болницата во која работи мајката на Махито се запалува, црвени и портокалови искри го исполнуваат ноќното небо. Махито трча низ улицата кон неа, но болницата пропаѓа и мајка му умира. Една година подоцна тој и неговиот татко се преселуваат, татко му продолжува да работи во компанија која произведува авиони за Јапонија за време на војната, исто како херојот од последниот филм на Мијазаки, „The Wind Rises“ (2013) и таткото на режисерот. Татко се жени со Нацуко, помладата сестра на мајката на Махито. Осаменоста што ја гледаме на лицето на момчето е несомнена, уште еден знак за тоа колку брилијантно Мијазаки ги оживува ликовите.
Како и во The Wind Rises, и во овој филм од Втората светска војна доминира придушен и сивкаст колорит. Се чини дека една чапја е фасцинирана од Махито; крилата на чапјата со во препознатлива сино-сива боја која дефинитивно му припаѓа на Мијазаки. Како и во сите негови филмови, секој детал, секоја чинија на полица, има внимателно конципирана визуелна логика и контекстуализиран дизајн. Како што приказната на Махито се движи кон натприродното, така филмот прикажува се поекстравагантно чувство за боја и имагинација.
Махито ја сонува својата мајка, нејзиното лице зад пламенот како му вика: „Махито, спаси ме“. Сè во филмот потекнува од таа тага, но како во бајките, Мијазаки емотивниот товар го контекстуализира преку фантастичните настани. Гледачите можат подоцна да ги анализираат многуте значења на филмот. Од желбата на Махито да се сретне со својата мртва мајка, а потоа и други егзистенцијални прашања. Тој наоѓа книга која мајка му ја напишала и ја оставила за него, (роман од Гензабуро Јошино од 1937 година „Како живееш?„ кој реално постои. Таа книга во еден дел е инспирација за филмот, кој беше објавен под тој наслов во Јапонија, а прашањето го поставува е едно лице со кое Махито се соочува на крајот. Но, сите тие теми се обвиткани во сè понадреална и впивачка приказна).
Чапјата, која одеднаш повеќе се чини како мршојадец, зборува со рапав машки глас и го води Махито до камената кула изградена од неговиот ексцентричен прапра-вујко, кој набргу потоа исчезнал.
Чапјата тврди дека мајката на Махито е жива во кулата. Наскоро и Нацуко исчезнува, можеби во кулата. Кога Махито влегува да ги спаси, влегува во раскошен свет, како сите претходни во филмовите на Мијазаки, голема одаја со мозаични подови и лустери во светли бои. Таму, Нацуко лежи на кочија, но кога Махито ќе ја допре по рамото за да ја разбуди, таа се топи во црна течност која протекува низ подот. Блескавите цени кои ѝ прокосат на логиката, а по кои е познат Мијазаки, никогаш не престануваат да доаѓаат после тоа, додека приказната не движи од едно во друго царство.
Во чапјата живее старец налик на гном, а заедно тој и Махито тонат низ подот во друг слој од мистериозниот свет. Махито пропаѓа низ златните порти, бркан од џиновски пеликани кои сакаат да го изедат. Потоа е превезен преку река до земја каде што линијата помеѓу животот и смртта е нејасна, што е често во филмовите на Мијазаки.
Идентитетите се таму флуидни, како во соништата. Младата жена што го води низ другиот свет е верзија на една од љубезните стари домаќинки, со седа коса и без заби, која се грижела за него во куќата на Нацуко. Во овој друг свет го чуваат мали кукли токму како тие бабички. Среќни, бели суштества налик на духови наречени „варавари“ – замислете го Каспер духот со мачкини уши – лебдат низ воздухот како меурчиња, души кои чекаат да се родат. Визуелната и наративната имагинација на Мијазаки е неограничена и нè носи со себе додека Махито не го најде својот пра-пра-вујко, и одеднаш сме во застрашувачки простор кој архитектонски потсетува на слика на Де Кирико.
Темпото не успорува, а Махито се соочува со премногу нешта, премногу и за еден гледач да може да ги апсорбира во едно гледање. На моменти се чини дека Мијазаки вложува сè што може додека може. На крајот на краиштата, пред 10 години тој го прогласи The Wind Rises за неговиот последен филм. Сега стана вообичаено „Момчето и чапјата“ да се нарекува „негов последен филм“. Не знам за тоа.
Тој е волшебник, можеби така ќе продолжи и понатаму.
Извор: BBC/Guardian
превод: Лени Фрчкоска