Момчето на загинатата келнерка сведочеше: Еден час се борев да ѝ го спасам животот по пожарот во швајцарскиот клуб

Момчето на 24-годишната келнерка Сијан Панин, која загина во катастрофалниот новогодишен пожар во барот Le Constellation во швајцарското скијалиште Кранс-Монтана, сведочеше пред судот дека повеќе од еден час се обидувал да ѝ го спаси животот давајќи ѝ вештачко дишење уста на уста.

Жан-Марк Г., нејзиното момче, пред судот раскажа дека во моментот кога избувнал пожарот, сопственикот на локалот Жак Морети му довикнал дека ја пронашол Панин и се обидува да ја реанимира. Двајцата, според сведочењето, заедно се бореле да ја одржат во живот сè додека неговата сопруга Џесика Морети не донела лекар. Панин подоцна им подлегнала на повредите.

Ова сведочење отвори нови контроверзии во процесот, бидејќи сопствениците на барот претходно токму неа ја посочуваа како одговорна за трагедијата во која загинаа 41 лице, а 116 беа повредени. Истрагата утврди дека пожарот избувнал кога прскалките од шишињата шампањ се запалиле од звучноизолациската пена поставена на таванот на подрумот.

Жан-Марк, кој на суд беше опишан како „посвоен син“ на сопствениците, сведочеше дека Панин имала блиски односи со семејството Морети, дека била кај нив за Божиќ и дека ја сметале за дел од семејството. Тој ги негираше тврдењата дека таа била искористувана, што е спротивно на наводите на нејзиното семејство.

 

Адвокатката на семејството на жртвата, Софија Хени, ги отфрли ваквите тврдења, наведувајќи дека Панин им се жалела на родителите дека била „немилосрдно терана да работи“, дека била психички и физички исцрпена и дека планирала јавно да проговори за условите во барот. Според неа, жртвата никогаш не била информирана за опасностите од пената на таванот, ниту поминала каква било безбедносна обука.

 

Кобната ноќ, Панин била снимана како носи заштитна кацига од бренд шампањ, додека на раменици ја носел диџејот Матео Лесгер, кој исто така загина во пожарот. Сведоци навеле дека ова било побарано од сопствениците како дел од маркетиншки настап, иако кацигата ѝ го ограничувала видното поле.

 

Сопствениците на клубот се под истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди од небрежност и предизвикување пожар. Тие тврдат дека не ја присилувале Панин да учествува во перформансот и дека таа тоа го правела доброволно. Истовремено, се соочуваат и со обвинувања од дел од вработените дека излезите за итни случаи биле заклучени и дека сопствениците се обиделе да избегаат со касата – тврдења што Моретиеви ги негираат.

 

Истрагата е предмет на остри критики од семејствата на жртвите поради пропусти, меѓу кои и фактот дека не биле извршени обдукции на сите загинати. Некои семејства размислуваат да побараат ексхумација, а трагедијата веќе доведе до забрана за употреба на пиротехника во сите затворени јавни простори во кантонот Вале, објави Скопје1.мк

Back to top button
Close