МОН апелира децата да се вратат на настава, се ближи крајот на учебната година
Министерството за образование и наука (МОН) апелира за разумност и повторно приклучување на децата на наставата откако денеска изолирани групи ученици во неколку училишта во земјата по насоки од родителите и старателите ја бојкотираат наставата.
МОН апелира дека оваа постапка не оди во прилог на едукацијата на децата и дека секој пропуштен час, особено сега кога воспитно-образовниот процес се организира во вонредни околности и во услови на пандемија, значи пропуштено знаење, кое тешко се надоместува.
„Причината за бојкотот на наставата е неоправдана, ако се има предвид дека дигитализацијата на образованието е глобален процес кој се случува во голем број земји во светот, а Северна Македонија мора да фати чекор со современите трендови и да се приближува кон стандардите за квалитет на образование кои ги наметнуваат развиените општества. Дигитализацијата на материјалите за учење е дефинирана во новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали и предвидено е истата да се случува етапно, почнувајќи во четврто одделение од следната учебна година, така што во овој момент тоа воопшто не ги засегнува средношколците и тие немаат причина за отсуство од настава по тој основ“, се наведува во реакцијата од МОН.
Оттаму нагласуваат дека законското решение за учебниците е во целосна согласност со потребите кои ги наметнува светот во кој децата живеат, како и дека со него ќе се намали обемот на домашните задачи.
„Апелираме учениците кои денес не се дел од часовите, да ја продолжат наставата и успешно да ја завршиме учебната година. Во меѓувреме, граѓаните да продолжат да ги следат информациите кои ги објавува МОН во врска со креирањето и имплементирањето на промените во образовниот систем, бидејќи сите други извори на информации, можат да бидат неточни и од манипулативна природа, со намера да поттикнат несакани реакции токму од страна на учениците и нивните семејства“, се додава во соопштението од МОН.