МОН- Ќе се утврдуваат причините за пропустите при одобрувањето на учебникот по историја за петто одделение

Од МОН велат дека низата грешки и нелогичности не смееле да се дозволат, а поради тоа треба да се утврдат причините за пропустите при одобрувањето и издавањето на учебникот. Откако Националната комисија за учебници како највисоко тело во процесот на одобрување на учебници ќе го достави извештајот, од МОН велат дека ресорниот министер Јетон Шаќири ќе даде конкретен предлог за понатамошно постапување
Министерството за образование и наука (МОН) информира дека од Националната комисија за учебници се побарани информации за работата на сите вклучени во постапката за одобрување на новиот учебник по историја и општество за петто одделение, откако на социјалните мрежи почнаа да кружат фотографии од грешни информации кои се пласирани во учебникот.

Од МОН велат дека низата грешки и нелогичности не смееле да се дозволат, а поради тоа треба да се утврдат причините за пропустите при одобрувањето и издавањето на учебникот.

Откако Комисијата како највисоко тело во процесот на одобрување на учебници, ќе до достави извештајот, од МОН велат дека ресорниот министер Јетон Шаќири ќе даде конкретен предлог за понатамошно постапување.

„Во време кога во Северна Македонија се случуваат најкрупните образовни реформи досега, со интензивни инвестиции во унапредување на инфраструктурните услови, подигнување на мотивацијата на наставниот и стручниот кадар во училиштата и се изработуваат нови наставни програми и учебници, недозволиво е да се случуваат вакви пропусти. Сепак, учебниците се една од основите за квалитетен воспитно – образовен процес“,се наведува во соопштението на МОН и се додава оти е потребен максимален ангажман и одговорност од сите чинители кои учествуваат во процесот за градење на поквалитетен образовен систем.

Од Министерството упатија апел за подигнување на личната одговорност и посветеност до сите автори и рецензенти кои во иднина ќе учествуваат во постапки за изработка на учебници и наставни помагала, како и до Бирото за развој на образование и членовите на Националната комисија за учебници.

Откако вчера на социјалните мрежи почна да кружи лапсусот кој се најде во новиот учебник по Историја и општество за петто одделение, во кој е напишано дека највисокиот врв на светот Монт Еверест е висок 29 305 метри, наместо реалните 8 849 метри, денеска на повидок беше нова географска грешка во истиот учебник.

Во Тема 2 – „Населението и континентите“, во делот каде што се опишуваат географските карактеристики на Македонија, наведено е дека земјава на исток се граничи со Република Албанија, а на запад со Република Бугарија.

Back to top button
Close