МОН ги промовираше првите дигитални учебници за основно образование, дел од печатените сѐ уште ги нема

Дигитални интерактивни учебници кои содржат многу мултимедијални елементи како видеа, слики, илустрации, квизови и слични содржини од денеска им се достапни на учениците од четврто, петто и шесто одделение. Овие учебници, според министерот за образование и наука Јетон Шаќири, го прават учењето да биде интересно за младите.

Министерот, на денешната промоција на овие дигитални учебници, рече дека не станува збор за замена за печатените учебници, туку дека се дополнителна опција која ќе има за цел да го олесни процесот на стекнување знаења.

„Северна Македонија ги има првите дигитални интерактивни учебници, изработени за учениците од четврто, петто и шесто одделение. Тие се достапни на посебна онлајн платформа – nastava.mk и официјално можат да се употребуваат, не како замена за печатените учебници, туку како една дополнителна опција која може да им го олесни процесот на стекнување знаења. Достапни се во секое време и на секое место каде има пристап до интернет мрежа, а секој ученик сам ќе може да одлучи дали ќе го користи дигиталниот или пак печатениот учебник кој го добил во училиштето. Или комбинирано“,рече министерот.

Тој додаде дека веќе е тестирана примената на дигиталните интерактивни учебници во повеќе училишта и дека реакциите на учениците и наставниците биле исклучително позитивни.

„Јасни се придобивките и за едните и за другите. За наставниците е поедноставна подготовката за часот. За учениците има полесно пронаоѓање на потребните содржини во секој момент, полесно меморирање податоци и совладување на материјата, достапност на учебникот во секое време и така натаму. Ова е прва фаза од целиот процес која ја реализиравме заедно со една издавачка куќа одбрана преку постапка за јавна набавка, а во иднина како ќе се изработуваат нови наставни програми и нови печатени учебници за погорните одделенија, така тие ќе добиваат и своја квалитетна дигитална верзија“,додава Шаќири.

Што се однесува до пониските одделенија, Шаќири посочи дека дигитализација на овие учебници нема да има.

„Не се одлучивме за дигитализација на учебниците од пониските одделенија. Ги почитуваме педагошките препораки, бидејќи тоа е периодот за развој на однос на децата кон книгата и пишаниот збор. Повторно да напоменам, дигиталните учебници не ги заменуваат печатените. И натаму учениците ќе си добиваат хартиена верзија во училиштата, а ова ќе биде само една дополнителна опција на располагање, заради поквалитетен образовен процес. Конечно, дигитализацијата не е прашање на избор, туку глобален тренд и стандард кој секоја земја треба да го следи“,изјави Шаќири.

Во однос на проблемот со учебникот по историја и општество, кој шестоодделенците се уште го чекаат во печатена форма, министерот рече дека на почеток на јануари ќе достави до Владата предлог измени на Законот за учебници во основно и средно образование, според кои во ситуации кога нема пријавени рецензенти или рецензенти кои не постапуваат до крај со постапката, во тој случај да може Министерството да го вклучи Бирото со ресурсите со кои располага.

Министерот Шаќири и пред десетина дена изјави дека МОН има најмногу проблеми во делот на рецензентите зашто или не се јавуваат или се откажуваат. Според него, проблемот со немањето рецензенти може да се реши со законски измени и БРО да повика експерти кои ќе ги разгледуваат учебниците.

Back to top button
Close