МОН: Не му должиме на ЈСП Скопје бидејќи не сме ни планирале бесплатен превоз за студентите

Министерството за образование и наука редовно ги сервисира своите обврски кон сите субјекти за што има регулирани законски надлежности или пак со кои има склучени договори по разни основи кои иницираат финансиски обврски, што не е случај со ЈСП – Скопје – велат од Министерството.

„Законот за високото образование (член 27 став 6) уредува дека Владата на Република Северна Македонија може да донесе одлука за посебни погодности за студентите, како што се студентска картичка за попусти, бесплатен градски превоз и друго, при што средствата се обезбедуваат од државниот буџет. Но, оваа календарска година, не е донесена ваква одлука, од причина што во зимскиот семестар од студиската 2021-2022, студентите не посетуваа настава со физичко присуство на единиците во состав на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.

Нашата интенција не е намалување на правата на идните академски граѓани, туку напротив, постојано проширување на можностите за поддршка, што многупати досега е потврдено преку воведување на нови категории на стипендии, преку зголемување на износите на стипендиите, преку воведување на субвенциониран студентски оброк, доделување на ваучери за поддршка при студирањето и така натаму.

МОН ќе предвиди средства во својот буџет за 2023 година за превоз на студенти и доколку наставата продолжи со физичко присуство, по усвојување на владина одлука, истите би биле префрлени на ЈСП. Секако во меѓувреме, заедно со ЈСП ќе ги разгледаме можностите за поддршка во делот на превозот на студентите за тековниот и преостанатите два месеци од годинава доколку наставата во истите продолжи со физичко присуство.“ – велат од МОН

Back to top button
Close