МОН подготви концепт за далечинско учење од септември, предлози и сугестии до петок

Министерството за образование и наука објави нацрт-верзија на Концепт за развивање систем за образование од далечина во основните и во средните училишта во земјава. Изработката на документот е иницирана од промените во начинот на реализација на воспитно-образовниот процес на глобално ниво поради пандемијата предизвикана од појавата и ширењето на вирусот КОВИД-19.

– Концепцијата треба да обезбеди непречено одвивање на едукацијата на учениците во основните и средните училишта од 1 септември 2020 година, преку приспособување на процесот на новонастанатата ситуација и реалност, велат од Министерството за образование и наука.

МОН го подготви Концептот за учење од далечина заедно со Министерството за информатичко општество и администрација, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и обука, Државниот просветен инспекторат и Државниот испитен центар, во соработка со УСАИД, УНИЦЕФ, Македонскиот центар за граѓанско образование-МЦГО, наставници од основните и средните училишта и од високообразовните установи во земјава, како и повеќе експерти од областа на образованието и ИКТ-сферата.

Од МОН наведуваат дека сите заинтересирани најдоцна до 10 јули 2020 можат да  придонесат во подготовка на што поквалитетна содржина на овој документ со доставување предлози и сугестии на електронската адреса: mitkoceslarov@bro.gov.mk .

Поради опасност од ширење на заразата со КОВИД-19, наставата во 2019/2020 од средината на март до крајот на учебната година во јуни беше реализирана онлајн и со учење од далечина преку различни е-платформи.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми пред крајот на учебната година за МИА изјави дека се разгледува и сценариото како ќе се постапи ако се соочиме со исти или полоши околности на почетокот од  2020/2021 година.

– Генерално, ако имаме иста ситуација, исти околности, можеби ќе се соочиме со исти мерки или ќе размислиме во насока на реорганизирање или поинакво организирање и реализирање на наставата во училишните клупи, рече Адеми.

Back to top button
Close