МОН прв пат обезбедува учебник по „Јазик и култура на Ромите“ за шесто одделение
Министерство за образование и наука (МОН) направи значаен исчекор во унапредување на образованието на ромската заедница, обезбедувајќи прв пат учебник по изборниот предмет „Јазик и култура на Ромите“ за шесто одделение. Оваа новина доаѓа по спроведената постапка согласно објавеното известување на МОН, како и по измените во Законот за учебници во основното и средното образование со кои се интервенираше во членовите 10 и 15. Со овие измени се создадоа услови за проширување на наставните материјали и за повисоките одделенија, велат од Министерството.

Во минатото, учениците од ромската заедница имале на располагање учебници по овој предмет само од трето до петто одделение, што, како што велат од МОН, претставувало ограничување во континуитетот на изучување на сопствениот јазик и култура.
Со новиот учебник за шесто одделение чиј автор е Даниел Петровски, за прв пат се обезбедува надградба на наставниот процес.
Од Министерството за образование и наука информираат дека во тек е и постапка за изработка на учебник за седмо одделение.
-Паралелно со ова, МОН донесе и нов подзаконски акт, Правилник за начинот на формирање групи помали од 15 ученици од исто одделение, со цел да се овозможи изучување на јазикот и културата на заедниците и во случаи кога бројот на ученици е помал. Правилникот е донесен врз основа на член 53 став (9) од Законот за основното образование, се вели во денешното соопштение од МОН.
Според податоците, изборниот предмет „Јазик и култура на Ромите“ во моментов го изучуваат над 2300 ученици Роми, распределени во 13 основни училишта во 7 општини низ државата.
Од Министерството за образование и наука го честитаат 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите и изразуваат уверување дека интензивно ќе продолжат да се имплементираат политиките за унапредување на образовната еднаквост, зачувување на културниот идентитет и зголемување на пристапот до квалитетно образование за учениците од ромската заедница.






