МОН: Системски го решивме прашањето со набавка и испорака на учебници, испечатени се и доставени до сите училишта
Министерството за образование и наука во реакција на прес-конференцијата на СДСМ наведува дека системски го решило прашањето со набавка и испорака на учебници, кои се испечатени и доставени до сите училишта.
Четири министри во Владата на СДСМ раководеа со Министерството за образование и наука во период од седум години и не успеаја да обезбедат учебници ниту за основците, ниту за средношколците. Сега кога ситуацијата е надмината, оваа политичка партија чија слаба страна е образованието, се обидува токму во оваа област да собира политички поени. Не им успева, бидејќи учебници има. Целиот тираж кој беше побаран од училиштата е испечатен и испорачан, се вели во реакцијата на МОН.
Сегашното раководство, посочуваат од МОН, системски го реши овој предизвик од минатото, со ново законско решение во чија изработка учествуваа сите засегнати чинители, како и со интензивен ангажман на надлежните институции, органи и тела.
Испечатени се сите претходно одобрени учебници по сите предмети. За прв пат по цели седум години, обезбедени се и нови учебници по странските јазици во сите одделенија. Целосно нови учебници има во седмо одделение во основното образование и во прва година во гимназиско образование, поради примената на нови наставни програми од оваа учебна година, потенцираат од МОН.
Обновата на наставните програми и на учебниците, како што наведуваат од Министерството, ќе продолжи и во следниот период, затоа што тие се основата на квалитетното образование, заедно со наставниците и инфраструктурните услови.
Помина времето на негрижа кон образовниот систем, учениците, наставниците и родителите. Промените се случуваат, а ефектот ќе се огледа преку новите генерации кои ќе располагаат со поконкурентни знаења и потребните вештини за успех, се вели во реакцијата на Министерство за образование и наука.