МОН : Студентскиот оброк не е укинат

Министерството за образование и наука смирува дека не е точно дека на некои студенти им е укинато стекнатото право за субвенцијата наречена студентски оброк, откако повеќе од 500 студенти во понеделникот реагираа на социјалните мрежи дека им стигнала таква порака. Од МОН објаснија дека проблемот е решен, и дека згрешиле студентите со тоа што аплицирале повеќемина од ист мејл.

– Министерството за образование и наука Ве известува дека од 01.10.2021 година Ви се прекинува правото на субвенциониран студентски оброк, кој го имате остварено од 15.09.2021 година согласно Законот за субвенциониран студентски оброк, се вели во електронската порака до студентите.

Реагираа и од Универзитетското студентско собрание на УКИМ.

-Драги студенти, запознаени сме со необразложеното укинување на правото на субвенциониран студентски оброк и сме еднакво збунети и лути бидејќи и на доста студенти од нашиот тим им стигна истиот мејл, велат од Собранието.

Од МОН објаснија дека проблемот е решен и дека дел од оштетените студенти веќе ги добиле средствата.

-Не станува збор за системски или технички проблем, туку студенти аплицирале од еден ист мејл. На повеќе од 70 студенти им е стигнато известување дека се одбиени, бидејќи  мејлот им се води на друго лице и од тие причини се известени дека им се укинува, а во суштина тие ги исполнуваат условите. Некои коишто добиле известување дека се одбиени, ги добиле средствата, уплатени им се на сметка, стои во одговорот на министерството.

По објаснувањето, студентите реагираа на социјалните мрежи.

-Дигитализацијата на начинот за аплицирање беше делумно успешна годинава. Да се надеваме дека со стипендиите ќе биде се во ред, рекоа студентите.

Back to top button
Close