Моника Зајкова не сака да верува дека екслидерот Горан Милевски стои зад иницијативата за нејзина смена во ЛДП


Не сакам да верувам дека екслидерот Горан Милевски стои зад иницијативата за моја смена во партијата и не разговарам со него за работи кои се случуваат во партијата бидејќи не сакам да го ставам во незгодна ситуација да го крши законот, но доколку свесно го прави тоа, бидејќи ја гледам структурата на луѓето во овие иницијативи, тогаш тоа повеќе не е моја работа, туку на Министерството за надворешни работи“, одговори претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, прашана дали зад иницијативата, всушност, се крие поранешниот претседател на партијата, а сегашен амбасадор на земјава во Словенија.

Според Зајкова, иако е политички избран амбасадор, а не дипломат од кариера, Милевски сепак подлежи на Законот за надворешни работи со кој строго се забранува мешање во внатрешните политики на една земја и мешање во работата на политичките партии.

„Јас, искрено, не сакам да верувам, бидејќи ако е така, свесно го прекршува законот, а за прекршување на законот мора да има одредени санкции и одговорност како и за секој друг. Но, тука многу лесно Министерството за надворешни работи може да си поведе постапка и низ консултации да утврди кој во што се мешал, со кого комуницирал, барем сега во 21 век тоа е лесно“,
кажа Зајкова.

Во однос на барањата за нејзина смена и трибината што изминатиот викенд се одржа во Битола, од која беше посочено дека партијата го губи својот идентитет и дека е претворена во друштво со ограничена одговорност односно трговец поединец, Зајкова вели дека доколку се види највисокиот правен акт – Статутот, ова прашање во ЛДП е затворено. Сè останато, вели таа, е израз на слобода на говор и индивидуална слобода на секој поединец.

Централниот одбор ја разгледал оваа иницијатива, иако не била доставена до партијата, туку до медиумите, и со 61 глас од вкупно 87 члена, таа била одбиена, рече пратеничката и претседателка на Либерално-демократската партија.

Прашана за тоа колку внатрепартиската битка за превласт во ЛДП е, вусшност, битка за обезбедување подобри позиции и контрола при евентуални преговори со ВМРО-ДПМНЕ за влез во власта, Зајкова одговори дека не знае каде се нудат овие луѓе или какви интереси застапуваат, иако смета дека „ќе да се изгубените интереси во прашање“.

На дополнително прашање дали чувствува дека таа група ја трука кон преговори за влез во власта, лидерката на ЛДП рече дека таа лично не потпаѓа под притисоци оти поаѓа од идеалот на либералната демократија и во Собранието работи за подобри закони за граѓаните.

„Токму тоа и го правам и за тоа добивам поддршка и од Централниот и Извршниот одбор, така што каква и да им е намерата, а најмалце им е да обезбедат подобри позиции за ЛДП или подобри мерки за граѓаните бидејќи јас не слушнав, еве предложивме закон за платни системи, јас не слушнав да го дискутираат тоа прашање ако ги засега либералдемократијата“,
рече Зајкова.

Back to top button
Close