Монитор.ал: Албанската група Кастрати преговара за преземање на концесиите за аеродромот во Тирана

Албанската групација Кастрати наводно преговара за преземање на концесијата за аеродромот во Тирана од кинеските инвеститори, јави албанскиот портал Монитор.ал, пренесува Танјуг.

Меѓународниот аеродром во Тирана „Мајка Тереза“ ​​(ТИА) во моментов е единствениот активен аеродром во Албанија, управуван од октомври 2016 година од страна на компанијата за инвестиции и управување со имот Чајна Евербрајт лимитид (ЦЕЛ) со седиште во Хонг Конг.

Групацијата Кастрати преговара за купување на акции од кинеската компанија Риал Фортрес Прајват Лимитид, која поседува 100 отсто од акциите на ТИА, а трансакцијата се очекува да заврши во наредните денови, според албанскиот портал.

Кастрати е најголемата деловна групација во Албанија, која се занимава со продажба на нафта и гориво, а во последните години ги прошири своите деловни активности во секторите за осигурување, градежништво и туризам.

Прометот на Кастрати во 2019 година изнесува околу 730 милиони евра, што е најдобра година во историјата на групацијата во која ги зголеми приходите за околу 5,0 проценти, се наведува во информацијата.

Back to top button
Close