Монодрамата „Дневникот на лудиот“ вечер на „Скопско лето“

Монодрамата „Дневникот на лудиот“ од Николај Гогољ, во режија на Ѓорѓи Ризески и во изведба на Бобан Алексоски, ќе биде изведена вечер од 21 часот во Сули ан, во рамки на фестивалот „Скопско лето“.

Претставата е во продукција на театар „Златен Елец”, трае 50 минути и е наменета за публика над 16 години, соопшти Дирекцијата за култура и уметност-Скопје (ДКУС), организатир на летниот фестивал во главнот град, кој почна во понеделникот – годинава со задоцнување поради пандемијата.

Оваа претстава е работена пред три години како дел од независна продукција, на покана на театар „Сенки и облаци“ во Дебар Маало каде што се игра.  Има учествувано на четири театарски фестивали – на фестивалот на монодрама во Битола, МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, „Лица без маски“ – на кој  Бобан Алексоски освои награда за најдобар актер на фестивалот, и на БАТИФ во Тирана во 2017 година кога монодрамата освои две награди – за најдобар актер и за најдобра режија.

– „Дневникот на лудиот“ е провокативен текст кој, иако напишан во 1835 година, е сè уште ужасно актуелен. Гогољ сака на некој начин да нè разбуди од сонот, од кој сме сите заслепени во секојдневието, и проблемите околу социјалниот момент – трката во која живееме… Нашата претстава се занимава со тоа колку е важно да се има поддршка за да се успее во животот, колку сме виновни што сме добиле или не сме добиле од него, порачува екипата.

ДКУС информира дека согласно со протоколите за јавни настани, бројот на публиката е ограничен и задолжително ќе се спроведуваат мерките за заштита – носење заштитна маска, мерење телесна температура, физичка дистанца меѓу гледачите и дезинфекција,  а влегувањето на публиката ќе почне во 20 часот.

Влезниците се по цена од 100 денари и заради регулирање и контрола на бројот на публика се продаваат онлајн – преку kupikartizase.com или во „Југотон“ во Градскиот трговски центар.

Back to top button
Close