Монте Карло? Зошто да не? Псе јо?

Не знаеме од кој период датира видеото што го објави Скопје 1 од престојот на Сашо Мијалков во Монте Карло, но факт е дека предизвика огромна доза на огорченост во домашната јавност. Само до вчера граѓаните пресметуваа колку ќе ги чини посната бадникова трпеза и скромниот божикен ручек. А потоа пресметуваа, како остатокот од приходите, доминантно потрошени уште пред новогодишната ноќ, да го растегнат до почетокот на следниот месец. Како круна на тешкотијата да се помине „најдолгиот месец во годината”, видоа каде се луксузира дел од домашната (не)санкционирана политичка елита.

Впрочем, и во времињата пред да се соочи со судски процеси, Монте Карло беше една од најчесто посетуваните дестинации на членовите на семејството Мијалкови. Овојпат, го видовме како излегува од „ферари” пред еден од напрестижните ресторани во Монако – ресторанот Луј XV на Ален Дукас.

Дукас имал 33 години, а ресторанот Луј XV – Ален Дукас (во хотелот Париз Монте Карло), имал стаж од само 33 месеци кога станал првиот хотелски ресторан кој добил три мишелин ѕвезди. Дукас, роден во Франција, денес е граѓанин на Монако, успешен деловен човек со негови бизниси на сите континети.

И Сашо Мијалков имаше 33 години кога за првпат влезе во државна служба – стана помошник-министер за одбрана и безбедносно разузнување. Од 2000 до 2001 година беше советник за безбедносни прашања во Владата, а од август 2006 година се до 12 мај 2015 директор на УБК.

Дури и со добра функционерска плата, тешко дека ќе можеше да стекне толкава богатство несразмерно на неговите официјални приходи. Да не беше неговата спогодба со Обвинителство за случајот „Империја”, не ќе знаевме дека за споменатиот период може да се стигне до имот од 36 милиони евра – земјишта, деловни простори, апартмани…

Никогаш не добивме податок – ако имал толку да даде за спогодување, колку ли всушност „заработил“, до каде бил плафонот? Но, и по „Империја“ голем дел од империјата му остана. Дел од конфискуваниот имот, кој беше ставен на продажба на јавно наддавање преку Агенцијата за управување со одземен имот, повторно беше купен од членови на најтестото семејство Мијалкови.

Фото: Скопје1

Каде би одел човек со таква успешна заработка, ако не на дестинации познати како магнет за богатите, а секако, претходно видени и добро проверени.

Македонските граѓани, чиј стандард се дефинира низ фразата „туркање од први до први“, можат виртелно да прошетаат низ ресторанот Луј XV и богатите винарски визби. Со една „мала“ разлика. Нема лично да ги пречека ресторанскиот менаџер Клер Сонет за да им посака топло добредојде. Нема да ги вкусат мајсториите на Дукас и на неговата десна рака, готвачот Емануел Пилон, ни слатките чудесии на Сандро Микели, па ни вината избрани од главниот сомелиер Максим Пастор. Може да ги видат на слика. И да продолжат да си скенираат сметки за да си купат црвено „ферари” – играчка за детето или внукот. И да му го „паркираат” кајо изненадување пред прагот на домот, до купот сметки и опомени за неплатени сметки, што ги оставил поштарот.

Но, за тој што лично престојува таму, отворени се широки можности – може да си организира разни свечености – од свадби и веридби, до родендени и прослави по секакви поводи, а зошто да не и прослава за застарување на судски процеси? Каков ли би бил дизајнот на торта за една таква прилика? Чии ликови би се славеле? Ќе ги собере ли сите врз шлагот? Сигурно не. Затоа што не се во прашање само лица од политичката и судско-обвинителската елита, туку сме во прашање сите како граѓани. Луксузирањето на Мијалков е овозможено од сите, кој со молк, кој со чинење или нечинење. Оној ден кога Мијалков „исчезна”, па следниот ден дојде во Обвинителството за таму да си го земе решението на судот (???) требаше да фрчат оставки заради невиден пазар, а не како јавност да се забавуваме со случајната средба и новинарско прашање „господине Мијалков, добар ден, во Македонија сте?“

Уште тогаш тој покажа „зошто на волкот му е дебел вратот“, „која куќа мрсно јаде”, и каде се крчкаат големите тајните на македонските мајстори на „кујната“.

Кога неволјите се зад него, може да се опушти со менито на база на зеленчук „Градините на Прованса“ (Jardins de Provence), по желба комбинирани со риба или месо печени на жар, набавени од локални рибари и фармери, специјално за ресторанот кој се рекламира како „инспириран од ривиерата и слаткиот живот (долче вита)”.

Има и луѓе кои навистина се воодушевија од слаткиот живот на Мијалков, кои го оправдуваат, на кои им е пример и кои веројатно се уште не сфатиле дека неговите лускузи се платени од парите на сите граѓани, меѓу кои и нивните. Ако им е пример, зошто не го следат? Колку од нив можат да го „запалат“ своето „ферари“ и да „тркнат“ до овој ресторан, и овој хотел, каде што престојувале само „донекаде“ познати како Мијалков – Роџер Мур, Мајкл Џексон, Леонардо ди Каприо, Пенелопе Круз…

Или не можат, зашто не им пали фиќото? Зошто не можат да си резервираат апартман таму, за „џабалак“, како што би рекол другиот братучед? Ги има и стандардни, но и два дијамантски, именувани по принцезата Грејс (Кели) и принцот Рение III.

Инаку, ресторанот секоја година е затворен од 9-ти февруари до 4-ти март. Потоа повторно е со врати ширум отворени. Следната добра пригода за посета е од 22-ри до 25-ти мај, кога се одржува 82. Гран при на Монако. Тогаш терасата на Луј XV станува одлична за публика, бидејќи улицата пред неа е дел од патеката низ која поминуваат возачите на Формула 1.

Напомена – во ресторанот не е доволено внесување кучиња, дрес -кодот налага елегантна облека, а за време на вечерата треба да се носат јакни, бидејќи ги отвораат вратите од терасата. Мијалков убаво си беше облекол јакна. Кој знае – знае. А кој знае – има. А додека има овци – ќе има и волна. И за јакни, меѓудругото. (Dw)

Катерина Блажевска

 

Back to top button
Close