Мора да се подготвиме за долга војна, вели Макрон


Поделбата во Европа е една од целите на руската војна во Украина, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон. Шефот на државата додаде дека за ова прашање од клучно значење е Европејците да останат обединети.

– Не смееме да дозволиме поделба во Европа, ова е предизвик со кој се соочуваме секој ден, рече Макрон во говорот што го одржа пред француските амбасадори во странство собрани во Елисејската палата.

Тој изрази надеж дека дијалогот со Русија сепак ќе продолжи, нагласувајќи дека „секогаш треба да може да се разговара со сите, особено со оние со кои не се согласуваме“.

– Кој сака Турција да биде единствената светска сила која продолжува да разговара со Русија? Не смееме да подлегнеме на каква било форма на лажен морал што би не оставил немоќни. Работата на дипломатот е да разговара со сите, особено со луѓето со кои не се согласува. И така ќе продолжиме, во координација со нашите сојузници, додаде тој, потсетувајќи дека поделбата во Европа е една од целите на руската војна во Украина.

Макрон тврди дека светските сили веќе треба да се подготват за испреговаран мир за да се стави крај на конфликтот што трае повеќе од половина година. Во исто време, тој нагласи дека зависи од Киев да одлучи за времето и условите.

– Мораме да се подготвиме за долга војна. Мораме да избегнеме ескалација и да подготвиме мир. Подготвувањето мир значи да разговараме со сите страни, како што направив со Русија пред само неколку дена. И ќе го направам тоа повторно. Договорениот мир нема да биде под услови кои би ја навеле Украина да стекне впечаток дека сме ја препуштиле на судбината.

Back to top button
Close