Мора да се спогодиме

Во меѓународното право постои една област или дисциплина која се вика спогодување или мирно решавање на споровите, но во однос на овој наметнат спор од страна на Република Бугарија тешко дека нешто ќе се реши следејќи ги и применувајќи ги меѓународните правни правила и процедури, веќе го јадевме тој стап долго време во однос на претходниот спор со Р.Грција па сега не треба да ги правиме истите грешки. Во вакви ситуации, односно овој вид на спорови каде што се засегнати чувствителни национални прашања и за двете страни, тешко дека правото и правдата може да ја замени политиката, дипломатијата или пред се политичката волја за решение. Но сепак мора да се спогодиме, односно спогодба мора да има.

Тешко е почитувани во ова време невреме, постојано да се обидувате да објаснувате нешто, особено пред домашната публика, од еден рационален и научен аспект, онака со ладна глава, нешто за кое знаете однапред дека ќе биде осудено и проголтано од оваа наша секојдневна политичка “хистерија“ на едно поделено општество по сите основи, буквално по сите, како и да земете. Многу пати до сега сме пишувале за ова, сме дебатирале, но секогаш ризикувате да не бидете доволно разбран, да бидете предавник, да ви судат масите онака баш “сочно“ преку социјалните мрежи и секогаш си го поставувам во себе она прашање дали вреди воопшто сето тоа, абе на кого ќе му збориш, седи си мадро таму! Така беше и пред две три години, кога почна да се насетува оваа блокада на преговарачката рамка од страна на Република Бугарија, тогаш го поддржавме претседателот Пендаровски во неговите изјави дека не треба историјата и историските личности да ги анализираме црно и бело, односно какво било нивното национално определување, туку тоа, односно нивните дела  да бидат еден мост и поврзување на двете страни во градење на една европска иднина, меѓутоа “дежурните“ и “вистински“ патриоти го качија претседателот на криво магаре па тој некако се обидуваше после тоа да се оправдува. Но и сега жално е да се гледа онаа лажна гримаса на опозицијата, небаре многу загрижени за Македонија, па имаме ситуации кога веднаш по некое доближување на  ставовите на двете страни се активира цела машинерија на една пропаганда која е проследена со закани, пискотници, протести и што уште не. За жал перјаници на тие лажно емотивни и патриотски тиради се луѓе кои приватно имаат сосема поинакви ставови и кога ги слушам на нивните настапи што зборуваат а знам што мислат, ми доаѓа онака да го цитирам лидерот на опозицијата, “добивам некое благо чувство на гадење“. Но како и да е, тоа е таа политичка борба, која е безпоштедна и која никогаш не е фер.  Минатата година кога се носеше Резолуцијата во Собранието, околу нашите црвени линии, бев против затоа што мислам дека сите вакви настојувања се едно обично подметнување во насока на тоа да се комплицира максимално обидот да се најде прифатливо решение со Република Бугарија, па така и сега сум против овој обидот за подметнување на некаква Декларација за Гоце, (за кој инаку во меѓувреме дознавме дека место Георги станал Ѓорѓи), декларација која би ја имала истата намена како и претходната Резолуција, комплицирање и пропаѓање на преговорите што е и впрочем стратешка цел на опозицијата сега. Во нивната замислена стратегија и политика е напишано тоа дека по ниту една цена Македонија не смее да ги почне преговорите оваа година, за понатаму ќе видиме. Но што е тука е, тоа е нивна политичка борба која ќе ја водат до крај, бескомпромисно, па и по цена на штета на нашата евроинтеграција ама тоа е. Македонските институции, а особено парламентот, во периодот што претстои за жал го чека блокада во сите правци, едноставно така одлучиле. Се ќе блокираат во функција на добивање на предвремени избори.

Сепак ова се тешки и мачни одлуки за секоја влада, особено кога преговарате за вакви чувствителни прашања, со едно изразено национално неединство, со поделен народ, со опозиција која сака максимално да профитира на крилјата на лажниот патриотизам, навистина е тешко, но на маката јунаците се познаваат, едноставно народот очекува проблемите да се решаваат.

Во една таква ситуација владата и премиерот мораат храбро и одважно да бидат спремни за изнаоѓање на решение на овој спор, секако со силни гаранции по нашиот идентитет, но никако да прават компромиси поради дневно политички прашања и патриотски пискотници, ако се вртат и одговараат на секој што вреска нема далеку да стигнат. Оние големи “мислители“, историчари, попови, сите оние кои ќе излегуваат сега јавно за да ни обзнанат колку е ситуацијата алармантна и дека се наоѓаме пред ново предавство го прават тоа само поради интерес нивната политичка опција да се врати на власт, ни случајно не го прават за Македонија. Да точно е, СДСМ плати голема политичка цена, но ретко кој веќе го спомнува Преспанскиот договор како предавство на нашиот идентитет, едноставно нема такво нешто, сите ги гледаат придобивките, така ќе биде и по спогодувањето со Бугарија, ќе има врескање и кубење коси, онака изнасилено, ама мора да се издржи, бенефитот ќе биде во корист на сите нас.

Но сега како да се постави целосно владата во овие преговори?

Нема да бидам нескромен ако кажам дека се гордеам со тоа што во времето пред склучување на Преспанскиот договор, онака посредно со нашите совети и размислувања, како и јавни настапи, дадовме одреден придонес во насока на охрабрување и превземање на определени чекори на нашите политички фактори кои преговараа тогаш, особено сугестиите беа до премиерот и министерот за надворешни работи, а се однесуваа на моделот на преговарање, односно сугериравме на директни преговори со Република Грција и напуштање на долгогодишниот концепт на посредување во решавање на спорот, што не даваше резулти. Секако освен моделот на директни преговори кој треба да се примени и сега, а и се применува во моментов со Република Бугарија, со посредство на работните групи и ресорните Владини комисии за соработка, потребно е секако и одреден политички моментум на изразена политичка волја од двете страни особено кај оние фактори кои носат одлуки, тоа го имавме во случајот со Преспанскиот договор пресликано во премиерите Заев-Ципрас, а сега го имаме тоа со премиерите Ковачевски-Петков и тоа е многу важен дел на преговорите. Во рамките на директни преговори се подразбира една постојана комуникација (секојдневна) на највисоко ниво на двете страни, ама буквално секој ден врз основа на поставената рамка која во овој наш случај е она 4+1.  Другите работи и контури на овие преговори се веќе поставени и останува само добрата волја и желбата да се излезе од оваа слепа улица, друго нема. Во една ваква констелација со огромен притисок и помош од меѓународниот фактор кој ни е наклонет во овој момент убеден сум дека до Јуни оваа година може да се најде некое прифатливо решение кое нема во ништо да задира во нашиот идентитет по сите основи, едноставно можеме тоа да го постигнеме.

Владата и премиерот треба да бидат свесни дека овој период до Јуни ќе биде пеколно тежок и нема да биде послан со рози. Најдоброто и најидеално решение да го постигнеме ќе биде дочекано на нож и ќе мора да помине низ еден мачен процес, ама едноставно враќање назад нема, тоа мора да се тера, друго нема.

 

 

м-р Глигор Стоименов

                            

 

 

Back to top button
Close